Изборните дејства можело да се спроведат и за 25 дена

Оливер Дерковски. Фото: принтскрин

 

Во јавниот настап на претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, во еден дел каде се зборува за неопходните денови за спроведување на изборните дејства, може да се забележи недоследност:

Дерковски: Согласно Изборниот законик треба да се испочитуваат сите дејствија кои што ги опишува Законикот за избирачкиот список, за да се заштити правото на гласачите. И од тој став не отстапувам. Мора да внимаваме на тоа за да не се доведеме во ситуација, ќе повторам, некој да го оспори легитимитетот на изборите на крајот на денот. Дали ќе требаат 25, 35, 45 дена, тоа е релативно прашање кое што може, на крајот на краиштата да се сведе на оптимален минимум или максимум.

[Извор: Вин-Вин/ТВ Телма – Дебатна емисија (53.мин) – Датум: 21.05.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, чиј мандат, како и на целата комисија, е продолжен со Уредба на Влада до крајот на јули, постојано во изминатите десетина дена се обидува да појасни колку денови му треба на ДИК да ги продолжи изборните дејства.

Во последниот јавен настап, на ТВ Телма во емисијата Вин-Вин, појаснувајќи дека Избирачкиот список мора целосно одново да се ажурира и да се стави на јавен увид, а претходно дека со последната достава од МВР веќе ажурирале околу 7.500 лица за десетина дена, при крајот од дебатата даде изјава во која вели дека сите дејства пропишани со Изборниот законик може да се спроведат за 25, 35, 45 дена и дека тоа е релативно прашање кое што може да се сведе на оптимален минимум или максимум.

Со тоа, Дерковски на некој начин, не директно, ама, сепак, го намали значењето на онаа информација на ДИК до Претседателот Стево Пендаровски, кој побара од ДИК релевантна информација и во која доби податоци каде што се цитираат дел од изборните дејства според ИЗ.

Дерковски, иако делува принципиелно во своите излагања и иако постојано го подвлекува правото на секој избирач да го даде својот глас, сепак, со последната изјава на ТВ Телма не е конзистентен во бројките што ги кажува, во однос на претходно кажаното. Не само со 50-те дена што ги споменува во документот до Пендарвоски.

На пример, на 30-ти април на јавен настап преку ТВ 24, Дерковски наведува дека се потребни 52 до 56 дена, при што прецизира дека разликата во времето не е битна, но битен е легитимитетот, наведувајќи притоа свое лично мислење дека досегашните изборни дејства не треба да важат и дека целиот процес треба да почне од почеток:

Мене лично ако ме прашувате треба се одново да поченеме. Се одредува датумот за избори и буквално се организираат наново изборите. Се работи дали ќе бидат за 52-53 дена или 55-56 дена. Разликата во време не е битна, но нема никој да го оспори целиот процесвели Дерковски за ТВ 24

Две недели подоцна, во јавен настап преку ТВ Алфа, вели оти постојано потенцира дека ДИК мора да има 45 до 50 дена, но никако 22, 25, па и 30, како што се лицитирало:

Во рок од десет дена од распишувањето на изборите треба да го добиеме списокот од МВР, вториот ден го декриптираме кај нас, па понатаму за неколку дена ДЗС со помош на нас го преработува тој суров избирачки список и согласно законот, некаде десетиот ден од распишувањето на изборите се става на јавен увид….И во таа ситуација може да се каже дека може да се намалат деновите, меѓутоа не толку драстично за да ние можеме да зборуваме за денови како што се спомнуваат – 22, па 25, па се лицитира ај до 30 и така натаму, невозможно е тоа… Јас постојано потенцирам дека ДИК мора да има 45 до 50 дена да се завршат оптимално тие дејства. (болдираната реченица е после 11 минута од видеото).

Повторно две недели потоа, го имаме јавниот исказ на Дерковски на ТВ Телма, каде што, сепак, како можни ги наведува деновите 25 и 35, како релативно возможни и како прашање што може да се сведе на оптимален минимум или максимум.

Не навлегувајќи во сиот суптилитет на целото прашање (дали во изборните дејства што се завшрени спаѓа и досегашниот увид извршен врз избирачкиот список, а кој е запрен со Уредбата со законска сила на Владата во март), а имајќи предвид дека е многу важно јавноста да знае дали ДИК е подготвен да ја заврши целата операција за 25 или за 50 дена, сепак, може да се оцени дека наведувањето повеќе различни бројки од страна на Дерковски во јавните настапи е недоследно. Зашто ако сега вели дека е возможно (дека тоа е релативно и е прашање на оптимален минимум), изборните дејства да се завршат и за 25 дена, тогаш зошто тие 25 дена не ги споменал во претходните јавни настапи или како релативно и прашање на оптимален минимум и во документот доставен до претседателот Стево Пендаровски? Таму само се наведува дека „ДИК не пропишува рокови и тие се утврдени во Изборниот законик“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција