Изедначувањето на бугарското јазично барање со употребата на албанскиот јазик е спин

Села и Пендаровски. Фото: Кабинет на Претседател на РСМ/вебсајт

Зијадин Села прави суштинска замена на тези – барањата на официјална Софија се идентитетски барања и тоа нема никаква врска со употребата на албанскиот јазик во Република Северна Македонија

 

Зијадин Села прави суштинска замена на тези – барањата на официјална Софија се идентитетски барања и тоа нема никаква врска со употребата на албанскиот јазик во Република Северна Македонија

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села, во авторски текст за порталот „Еуроактив“ изнесе став во кој се препознава извртување на вистината, т.е. спин:

Спин: Видлива е и неискреноста на претседателот Пендаровски кон сопствените граѓани. Се чини дека Претседателот е шокиран од тоа што Бугарија си дозволува да го негира македонскиот јазик, заборавајќи притоа дека тој претседава со држава која што го негира истото тоа право на една третина од нејзината популација на уште побрутален начин, преку Уставот, ограничувајќи го албанскиот јазик на „јазик кој го зборуваат најмалку 20 отсто од населението и кој е различен од македонскиот“

[Извор: Euroactiv – Колумна на З. Села – датум: 07.05.2020]

 

Контраспин: Авторскиот текст на Зијадин Села за „Еуроактив“, под наслов „Полувистините и двојните стандарди во политиката на Скопје кон јазикот“, е главно осврт на третманот на албанскиот јазик во Република Северна Македонија, со критика за претседателот Стево Пендаровски за неговата изјава околу барањата на официјална Софија и со предлог, македонски и албански интелектуалци да се договорат за отворање и менување на Уставот во насока на менување на одредбите за официјалниот јазик во државата.

Иако, се разбира, тоа е легитимно и секако е право на Села, тој, сепак, во дел од текстот спинува во насока да ја поткрепи својата мисла, при што еден сегмент од спорот меѓу Скопје и Софија го поистоветува со внатрешните состојби во земјата.

Така, за Села барањето на официјална Софија во официјалната комуникација во Европската унија, кога станува збор за РСМ, да се употребува формулацијата „официјалниот јазик на РСМ“ било еднакво со Уставот на РСМ, каде што стојат одредбите за тоа кои јазици се официјални и се зборуваат со Македонија.

Зијадин Села притоа целосно ја заборва суштината на барањата на Бугарија, кои се де факто идентитетски барања: македонскиот литературен јазик бил видоизменет западно-бугарски дијалект на бугарскиот литературен јазик, а до 1944, односно до првото заседание на АСНОМ, историјата на Македонија и Бугарија била заедничка.

Оттука, тоа што го кажува Села за Пендаровски, „дека тој претседава со држава која што го негира истото тоа право на една третина од нејзината популација на уште побрутален начин, преку Уставот, ограничувајќи го албанскиот јазик…“ не е ништо друго туку извртување на вистината, т.е. спин.

Зашто, со промена на Уставот со додавање на уставните амандмани во 2019 година и со Законот за употреба на јазиците, кој, да потсетиме, се гласаша два пати поради одбивањето на тогашниот претседател Горѓе Иванов да го потпише, Република Северна Македонија де факто не е држава што ја негира употребата на албанскиот јазик или ја ограничува на начин на кој сега официјална Софија се обидува да го видоизмени или да ја ограничи употребата на терминот македонски литературен јазик.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција