Измама: Сет од 24 лименки Ред бул и мини-фрижидер за само 123 денари

Реклама на Фејсбук нуди 24 лименки со енергетскиот пијалак Ред бул (англ. Red Bull) плус гратис мини-фрижидер украсен со логото на тој бренд, а сето тоа за само неверојатни 123 денари, што е најобична измама. Таа е објавена на сомнителната Фејсбук-страница „Energy Drink Македонија“ со само 12 следбеници и само неколку објави. Делот од страницата, во кој се наведуваат контакти (е-пошта, телефон, сајт) во случајов е празен и не е јасно кој стои зад оваа понуда

Реклама на Фејсбук нуди 24 лименки со енергетскиот пијалак Ред бул (англ. Red Bull) плус гратис мини-фрижидер украсен со логото на тој бренд, а сето тоа за само неверојатни 123 денари, што е најобична измама. Таа е објавена на сомнителната Фејсбук-страница „Energy Drink Македонија“ со само 12 следбеници и само неколку објави. Делот од страницата, во кој се наведуваат контакти (е-пошта, телефон, сајт) во случајов е празен и не е јасно кој стои зад оваа понуда

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

RedBull организира неверојатна промоција за Македонците!

Нарачајте 24 лименки Red Bull со попуст до 95% и добијте мини фрижидер гратис!

Петте најпопуларни вкусови се достапни со бесплатна достава

Побрзајте, понудата важи само ограничено време!

Објавата е илустрирана со фотографија од производите што се нудат во неа, а врз фотографијата е додаден текст, кој ни прецизира дека за само 123 денари ќе добиеме: сет од 24 лименки со енергетскиот пијалак Ред бул (англ. Red Bull) плус мини-фрижидер со логото на тој бренд, но сето тоа е најобична измама.

Тоа е објавено на сомнителната Фејсбук-страница „Energy Drink Македонија“ со само 12 следбеници и само неколку објави. Еден таков бренд сигурно би привлекол повеќе следбеници и би бил изрекламиран многу попрофесионално. Делот од страницата, во кој се наведуваат контакти (е-пошта, телефон, сајт) во случајов е празен и не е јасно кој стои зад оваа понуда и кому да му се обратиме за повеќе детали или за рекламација.

Во објавата е вградено копче со натпис на англиски „Learn More“ („Дознај повеќе“). Таквите копчиња сами по себе не се ништо лошо и тие се вообичаен елемент на Фејсбук, но во случајов тоа копче е така нагодено, за кликот врз него да води кон сомнителна веб-страница, која не препорачуваме да ја отворате: https://redbull.verywellpromos.store

Таму нè чека следнава ситуација, која ќе ја илустрираме со слики за подобро сфаќање на измамата:

Се отвора веб-страница, на која се претставени понудените производи, а под тоа гледаме коментари на македонски полни со пофалби за тие производи.

Меѓутоа, имињата на „задоволните купувачи“ се атипични за нашиве простори (Мануел, Франсиско и сл.), а сето тоа е измама. Коментарите се напишани со извештачен и премногу литературен стил каков што обичните луѓе кај нас не користат.

За да продолжиме кон следниот чекор, страницата бара да одговориме на три прашања со кликнување на претходно дефинирани одговори од типот: дали досега сте купиле Ред бул, дали тоа било за вас или за вашите блиски и сл.

Откако сме ги одговориле прашањата, системот нè кани кон следниот чекор, а тоа е некаква наградна игра, во која ни се даваат три обиди да откриеме во која кутија се крие производот за кој дојдовме на таа веб-страница.

Тоа нема никаква смисла, затоа што тие производи ни беа ветени за 123 денари, при што не беа споменати дополнителни услови како победа во наградна игра.

Тука започнува играта на погаѓање во која кутија се производите за кои дојдовме на таа веб-страница. Кутиите ги отвораме со клик врз нив.

Доколку ја погодиме кутијата, системот ни честита и нè поканува кон следниот чекор.

Тука веќе мора да се внесат лични податоци (име, презиме, адреса, телефон), а не знаеме кому нив му ги даваме (тука не е прецизирана никаква фирма, ниту услови за користење и рекламации или сл.), а најопасно од сè, во следниот чекор од нас ќе биде побарано да внесеме број од платежната картичка за плаќање на производите, а тој број потоа ќе биде злоупотребен од страна на измамниците.

Важна напомена: Искуството на Вистиномер вели дека ваквите измамнички веб-страници честопати исчезнуваат или се заменуваат со други содржини (реклами или сл.), па можно е по извесно време тоа да се случи и со веб-страницата која ја опишавме.

Во некои случаи, ако одите на линкот од веб-страницата, која претходно ја опишавме, можно е да ви се вклучи редирект (пренасочување) кон сајтот за компјутерска технологија  Lifewire, што нема никаква смисла. Сериозни онлајн-продавници вака не функционираат.

Во објавата што ја рецензираме паѓа в очи и следново. Ние сме балканска средина, во која има етнички тензии околу поимот Македонци, кој е употребен во објавата, а со кој некои наши сограѓани не сакаат да се идентификуваат. Тешко е да се верува дека една фирма би понудила нешто само за оние кои се идентификуваат како Македонци. Настрана национализмот, таквиот чекор би бил непазарен и би одбил дел од купувачите.

Фејсбук-страницата, на која е објавена објавата што ја рецензираме, не е официјална страница за Ред бул. Официјалната можете да ја видите на следниов линк. Иако таа е интернационална, таму има и објави специјално наменети за нашата публика (примери: тука, тука и тука), па ако има некаква специјална понуда за нашиот пазар за само 123 денари, тоа веројатно ќе биде објавено на таа страница, но такво нешто таму нема.

Земајќи го в предвид сето досега наведено, објавата која штотуку ја рецензиравме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција