Измамник се претставувал како атентаторот врз Трамп

Фото: Принтскрин видео

Измамник снимил клип, во кој лажно се претставил како Томас Метју Крукс, кој неодамна изврши неуспешен атентат врз кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, а на ова невкусно видео наседнаа најпрвин повеќе странски, а потоа и домашни медиуми

Измамник снимил клип, во кој лажно се претставил како Томас Метју Крукс, кој неодамна изврши неуспешен атентат врз кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, а на ова невкусно видео наседнаа најпрвин повеќе странски, а потоа и домашни медиуми

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук споделува нпис, кој се повикува на видеоклип, а во кој, пак, се вели:

„Ги мразам републиканците, го мразам Трамп и погодете што.. имате погрешен човек“: Објавено е видео од 20-годишникот пред атентатот

Повеќе  медиуми ја вметнаа таа снимка во написи на нивните сајтови, што потоа го пласирале на Фејсбук, а тоа се: Фокус, Лидер, Инфомакс, Збор, TRT Balkan Macedonian, А1on.mk и др. Нова Македонија, пак, само ја цитирала изјавата дадена во клипот без да го сподели.

Меѓутоа, клипот е измама и најверојатно затоа деновиве е отстрануван од платформи како што се: Instagram, Youtube, TikTok и др., но текстовите во кои тој бил вметнат или цитиран, сè уште постојат. Во некои од нив има и скриншотови од клипот, што сведочи за тоа дека доста медиуми наседнале на таа измама.

Спротивно на она што тие го јавиле, лицето во клипот не е Томас Метју Крукс, кој на 13.7.2024 г. изврши неуспешен атентат врз кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, туку клипот е само невскусна шега.

За случајов пишуваа медиумите: The Washington Post, USA Today, Deutsche Welle, Forbes и др., како и проверувачите на факти: Истиномер (Србија), Factcheck.bg (Бугарија), Lead Stories (САД), Australian Associated Press (Австралија), Teyit (Турција), Boom (Индија), Aos Fatos (Бразил) и др. Сите наведени се членови на мрежата на проверувачи на факти IFCN, исто како и Вистиномер.

Авторот на тоа невкусно видео е корисник на социјалната мрежа X (бившиот Twitter) со корисничко име: @jewgazing. Изјавата, која тој ја дава во клипот, во целост гласи:

My name is Thomas Matthew Crooks. I hate Republicans, I hate Trump and guess what? You got the wrong guy.

Преведено:

Јас сум Томас Метју Крукс. Јас ги мразам републиканците, јас го мразам Трамп и знаете што? Убивте погрешен човек.

Смислата на изјавата е следна: вистинскиот Крукс бил ликвидиран при обидот за атентат врз Трамп, а клипот бил објавен потоа, со што јавноста се наведува да помисли дека бил ликвидиран погрешен човек наместо вистинскиот атентатор.

Некои потоа го симнале овој клип и го закачувале на другите социјални мрежи, со што тој станал вирален, а авторот зажалил за својата постапка или се исплашил од можните последици, па го отстранил изворниот клип од својот профил, но архивска копија од таа објава е зачувана на следниов линк. Таму може да се види и линкот до оригиналната објава, кој сега веќе не функционира.

Инаку, доста медиуми кај нас го споделија тој клип од TikTok каналот на српскиот весник Вечерње новости, кој дури објави фотографија од авторот на видеото на насловната страница на печатеното издание на весникот од 16.7.2024 г., мислејќи дека тоа е атентаторот.

Земајќи го  предвид сето досега наведено, објавата која тука ја рецензиравме, ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција