Јавноста најсилен адут на Анкетната комисија за прислушувањето

Анкетната комисија е јавна, освен по исклучок. Фото: Википедија

Како работи, како одлучува, кои се надлежностите и што е целта на собраниската Анкетна комисија за прислушувањето

 

Како работи, како одлучува, кои се надлежностите и што е целта на собраниската Анкетна комисија за прислушувањето

 

Пишува: Александар Георгиев, адвокат

 

Согласно Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 9 ноември 2015 година, донесе Одлука за основање на анкетна комисија за скандалот со прислушувањето.

Оваа анкетна комисија треба да ја утврди хронологијата на настаните и околностите во врска со  нејзините надлежности, да  ја  дефинира политичката одговорност поврзана  со прислушувањето и содржината на објавените материјали, како и да изготви препораки кои ќе имаат за цел да превенираат незаконско следење на комуникациите и зголемување на транспарентноста на државните и владините институции.

 

СОСТАВ НА АНКЕТНАТА КОМИСИЈА

Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето се состои од 16 членови, од кои: осум члена предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, четири члена предложени од пратеничката група на СДСМ, два члена предложени од пратеничката група на ДУИ, еден член предложен од пратеничката група на ДПА и еден член од редот на независните пратеници.

Претседателот и заменик претседателот на Комисијата се пратеници од редовите на СДСМ, а тројца известители ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА.

На Комисијата можат да присуствуваат и сведоци и/или експерти поканети да дадат изјава пред Комисијата. Секоја пратеничка група има право да предложи листа од најмногу тројца сведоци и/или експерти кои ќе бидат прифатени без гласање и истите ќе бидат поканети да дадат изјава пред Комисијата.

Кога сите личности од листите ќе дадат изјава, пратеничките групи ќе можат да предложат нови листи со сведоци и/или експерти. Овој процес ќе биде повторен онолку пати колку што е потребно во текот на најмногу шест недели.

 

НАЧИН НА РАБОТА НА АНКЕТНАТА КОМИСИЈА

Комисијата  донесува план за работа за работите од својот делокруг кои треба да ги реализира. Со планот се утврдуваат активности кои треба да се преземат и роковите во кои истите треба да се извршат.

Комисијата работи на седници. Седницата може да започне  ако присуствуваат мнозинство членови на Комисијата. Седниците се одржуваат во работни денови во периодот од 10.00 до 19.00 часот. За работа надвор од предвиденото време, Комисијата носи дополнителна одлука со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на Комисијата. Расправа на седница на Комисијата се води без оглед на бројот на присутни членови на Комисијата.

Седниците на Комисијата ги свикува претседателот на Комисијата, а во негово отсуство заменик претседателот. Седница може да се свика и по предлог на најмалку една третина од членовите на Комисијата. Предлогот мора да содржи писмено образложение за точките што се предлагаат на дневен ред и материјали по истите.

 

СОСЛУШУВАЊЕ НА СВЕДОЦИ ИЛИ ЕКСПЕРТИ

Сослушувањето на предложените сведоци и/или експерти се врши по претходно утврден редослед, односно наизменично по еден од секоја листа, почнувајќи со сведоците и/или експертите предложени од пратеничката група со најголем број на членови во Комисијата. Редоследот на членовите на Комисијата кои треба да поставуваат прашања се утврдува пред почетокот на седницата. Сведокот и/или експертот кој што треба да даде изјава, треба да биде повикан со писмена покана или со јавно повикување преку средствата за јавно информирање. Рокот за одржување на седницата на Комисијата за која е поканет да даде изјава, не може да биде пократок од два работни дена од денот на повикувањето.

Во случај кога сведок и/или експерт е предложен на две или повеќе листи истовремено, во ист циклус на поднесување на листи, ќе биде сослушан само еднаш. Сведокот и/или експертот не може да ба биде повикан повеќе од три пати од страна на една пратеничка група.

Во поканата со која сведокот и/или експертот е повикан да присуствува на седницата, ќе биде информиран дека има право да побара и да му биде овозможена затворена седница на Комисијата. Оттука, Претседателот на Комисијата е должен на почетокот на седницата да го информира секој сведок и/или експерт дека има право да побара и да му биде овозможена затворена седница на Комисијата.

Секој член на Комисијата има право да го сослуша сведокот и/или експертот и тоа во три циклуси по 5 минути за поставување прашања од страна на членот на Комисијата и три циклуси по 5 минути за одговор на поставените прашања од страна на сведокот и/или експертот, по секој циклус на поставено прашање. На крајот од сослушувањето на сведокот и/или експертот, членот на Комисијата има право на завршен збор во траење од 2 минути.

Сведокот и/или експертот може да одбие да одговори на поставено прашање.

 

НАЧИН НА ОДЛУЧУВАЊЕ НА КОМИСИЈАТА

Комисијата одлучува ако на седницата се присутни мнозинството членови на Комисијата. Комисијата одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.  Во случај на поделба на гласовите, се врши дополнително усогласување меѓу членовите на Комисијата и повторување на гласањето.Повтореното гласање е конечно.

Донесените одлуки се доставуваат до сите членови на Комисијата. За работата на седницата на Комисијата се води записник. Записникот го води секретарот на Комисијата, и се чува во оригинал во документацијата во Собранието на Република Македонија.

Записникот содржи податоци за времето на одржување на седницата, дневниот ред, членовите кои присутвувале на седницата, отсутните членови, присутни сведоци и/или експерти, краток запис од дискусијата за прашањата од дневниот ред, резултати од гласањето, имињата на членовите на Комисијата кои гласале: ,,за“, „против“ и „воздржано“.

 

ИЗВЕСТУВАЊЕ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на наодите Комисијата ќе изготви извештај и најдоцна до крајот на јануари 2016 година, ќе  го поднесе на Собранието на Република Македонија. Извештајот се разгледува на седница на Комисијата и се усвојува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Комисијата. Членот на Комисијата кој не се согласува со усвоениот извештај има право на издвоено мислење кое што е составен дел на извештајот.

Усвоениот извештај во пишана форма се поднесува до Претседателот на Собранието за запознавање на пратениците.

 

ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА КОМИСИЈАТА

Седниците на Комисијата се јавни и директно се пренесуваат на Собранискиот канал на МТВ.  Седниците на Комисијата кои се одржуваат за време траење на пленарна седница на Собранието на Република Македонија, ќе се емитуваат како снимка по завршување на пленарната седница.

Комисијата работи без присуство на јавност:

  • по барање на сведок и/или експерт и
  • по барање на член на Комисијата, кој е должен да образложи дека во неговото прашање, дискусија или документација што ќе ја презентира на седницата на Комисијата, ќе се содржи степен на класифицирана информација. За ова барање Комисијата одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови и
  • доколку Комисијата го одбие барањето, членот на Комисијата има право да побара Комисијата да работи без присуство на јавноста со цел да даде подетално образложение за причината.

Јавноста во работата на Комисијата се обезбедува и со:

  • соопштение до средствата за јавно информирање, чиј текст се утврдува на седница на Комисијата;
  • давање изјави од страна на претседателот, заменикот  и членовите на Комисијата до средствата за јавно информирање;
  • одржување конференции за средствата за јавно информирање;
  • објавување на материјали од своја надлежност на веб-локацијата на Собранието на Република Македонија.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција