Како проруската пропаганда сака да ги измами медиумите да губат време на лажни приказни

Принтскрин од насловната страница на извештајот на CheckFirst,

„Operation Overload“ („Операција преоптоварување“) таргетирала над 800 организации од повеќе од 75 земји, вклучително и над 200 сметки кои припаѓаат на организации за проверка на факти. Извештајот на  CheckFirst анализира преку 200 пораки испратени до повеќе од 20 медиумски организации за да ги открие тактиките на оваа кампања. Организациите претежно добивале идентични мејлови во кои се повикуваат да проверат одредени лажни приказни, што покажува дека е-пораките биле испратени како дел од поголема координирана кампања

„Operation Overload“ („Операција преоптоварување“) таргетирала над 800 организации од повеќе од 75 земји, вклучително и над 200 сметки кои припаѓаат на организации за проверка на факти. Извештајот на  CheckFirst анализира преку 200 пораки испратени до повеќе од 20 медиумски организации за да ги открие тактиките на оваа кампања. Организациите претежно добивале идентични мејлови во кои се повикуваат да проверат одредени лажни приказни, што покажува дека е-пораките биле испратени како дел од поголема координирана кампања

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Финската софтверска компанија специјализирана за техники за пребарување за борба против дезинформациите CheckFirst, во својот најнов извештај открива огромна кампања за дезинформации наречена „Operation overload“ (Операција преоптоварување), чија цел е ширење на проруската пропаганда на Запад.

Оваа кампања на странско мешање и стратешка манипулација со информации користи повеќе платформи за ширење на лажни наративи, се наведува во извештајот. Наодите, засновани на истражувањето на руската активистичка група Antibot4Navalny3 во соработка со AFP, откриваат софистицирана операција насочена кон голем број проверувачи на факти, како и глобални медиумски организации.

Кампањата, наречена „Операција преоптоварување“ има за цел да ги принуди проверувачите на факти да трошат време за разоткривање на измислени невистини, истовремено поттикнувајќи го понатамошното ширење на овие лажни наративи преку нив.

Она што е забележано во извештајот е дека содржината која се смета за лажна потекнува од руските платформи за социјални медиуми и се шири на веб-страници и блогови на руски јазик, вклучително и државните медиуми, со јасна намера да ја промовираат воената агенда на Кремљ пред локалната публика.

 

Операцијата се одвива во неколку фази:

  1. Манипулираните наративи прво се објавуваат на руските канали и веб-локации на Телеграм поврзани со Кремљ.
  2. Лажната содржина потоа се шири на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), вклучувајќи ги медиумите, институциите и проверувачите на факти.
  3. Последниот чекор е координирана кампања за е-пошта која ги таргетира проверувачите на факти, повикувајќи ги да ја проверат содржината поврзана со Телеграм, Икс или проруски сајтови како Правда и Спутник.

Кампањата за дезинформации меша различни видови и формати на содржина за да создаде веродостојна, повеќеслојна приказна. Оваа приказна потоа стратешки се зајакнува низ платформите, создавајќи лажно чувство на итност кај новинарите и проверувачите на факти.

„Operation Overload“ таргетирала над 800 организации од повеќе од 75 земји, вклучително и над 200 сметки кои припаѓаат на организации за проверка на факти. Извештајот на  CheckFirst анализира преку 200 пораки испратени до повеќе од 20 медиумски организации за да ги открие тактиките на оваа кампања.

Организациите претежно добивале идентични мејлови во кои се повикуваат да проверат одредени лажни приказни, што покажува дека е-пораките биле испратени како дел од поголема координирана кампања.

Сите референци се на англиски јазик, а имињата што се користат како испраќачи често се американски. Авторите на мејловите не ја кријат својата намера да ја видат лажната содржина широко распространета.

Во предметот на е-поштата (subject) честопати стојат повици за проверка на тврдењата накратко опишани во пораката, проследено со кратка листа на линкови до објави на Телеграм, Икс или добро познати проруски веб-страници, вклучувајќи ги Правда и Спутник.

Времето на е-пораките се чини дека било стратешки усогласено со главните настани, како протестите на европските фармери претходно во 2024 година. Таквото усогласување сугерира дека имало обиди да се максимизира влијанието на раширените информации, искористувајќи го зголемениот јавен ангажман и медиумскиот фокус во овие времиња за потенцијално влијание или за да се сее раздор.

 

Главни наративи и визуелни дезинформации

Извештајот на CheckFirst идентификува пет различни теми, кои се карактеризираат со клучните зборови што се користат во е-пораките испратени до организациите за проверка.

Поголемиот дел од нив се поврзани со конфликтот во Украина, актуелните настани во Европа или одредени земји како Франција или Германија.

Повеќето од референтните содржини се фокусираат на Украина, вклучувајќи 92 видеа и бројни графити. Тие често го исмеваат претседателот Зеленски, ги обвинуваат Украинците за измислени злосторства и ги повторуваат тврдењата за неконтролиран нацизам во Украина. Западната воена помош во овие тврдења често се поврзува со економските кризи на Запад.

Главните настани како Олимписките игри 2024 година во Париз и Европското фудбалско првенство на УЕФА во Германија, исто така, биле цел на оваа кампања. Содржината имала за цел да ја дискредитира Франција како земја домаќин.

Тековната економска криза во Европа била уште една важна тема преку која се сеело страв и недоверба кај јавноста.

Стратешкиот избор на визуелна содржина

Визуелната содржина игра клучна улога во кампањите за дезинформации, особено од почетокот на руската војна против Украина, нотира извештајот. Од февруари 2022 година, актерите поддржувачи на Кремљ сè повеќе користат манипулирани слики, изменети видеа и фабрикувани графики на социјалните мрежи за да ја искриват реалноста и да  влијаат на јавното мислење.

Неодамнешните истражувања покажуваат дека визуелните и мултимодалните дезинформации се поефективни и се шират побрзо од дезинформациите базирани на текст. Аудиовизуелните формати го подобруваат кредибилитетот на лажните наративи, предизвикуваат силни емоционални одговори и го привлекуваат вниманието на корисниците, при што алгоритмите на социјалните медиуми често даваат приоритет на таквата содржина. Како што напредува технологијата, така се зголемуваат и методите за создавање софистицирана визуелна дезинформација.

Истрагата на Чекфрст го анализирала креирањето на дезинформациска содржина, фокусирајќи се на четири типа мултимедијални содржини насочени кон публиката на ЕУ.

  1. Манипулирани видеа брендирани со логоа на веродостојни медиуми или легитимни организации.
  2. Манипулирани фотографии од графити, наводно направени на различни локации во европските градови.
  3. Манипулирани видеа/фотографии кои ги имитираат приказните на Инстаграм, имитираат сметки на јавни личности, создадени исклучиво во вертикален формат за да го реплицираат интерфејсот на Инстаграм.
  4. Манипулирани слики од екранот на написи, дизајнирани да го имитираат интерфејсот на реномирани веб-страници за вести, измамувајќи ја публиката да верува дека содржината е легитимно објавена од овие медиуми.

Сите овие типови содржини ги шират најраспространетите антизападни, антиукраински наративи усогласени со напорите за дезинформации на Кремљ поврзани со руската војна во Украина, нотира извештајот. Овие наративи вклучуваат омаловажување на Украинците или украинските бегалци, исмејување на претседателот Зеленски или украинската армија, поткопување на воената помош на Западот за Украина, исмејување на западните организации како НАТО и критикување на политичките лидери од Западот.

Очигледно е дека кампањата „Операција преоптоварување“ имала за цел да го поткопа кредибилитетот на медиумите, особено на новинарите и проверувачите на факти, да создаде конфузија и да го поларизира јавното мислење. Разоткривањето на овие измамнички кампањи имаат голема улога во заштитата на интегритетот на медиумите.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција