Манипулирано видео од Зеленски како танцува се шири на социјалните мрежи во соседството
Од почетокот на годината кружи ново дип фејк (deep fake) видео од Зеленски како танцува во црвена носија. На социјалните медиуми Фејсбук и Тик-Ток се споделува видеото од претседателот на Украина, но тоа всушност е манипулирано видео од 2020 година, на кое е прикажан руски танчер на некаква прослава
Од почетокот на годината кружи ново дип фејк (deep fake) видео од Зеленски како танцува во црвена носија. На социјалните медиуми Фејсбук и Тик-Ток се споделува видеото од претседателот на Украина, но тоа, всушност, е манипулирано видео од 2020 година, на кое е прикажан руски танчер на некаква прослава
Претседателот на Украина, Влодомир Зеленски, повторно е мета на дип фејк видео, во кое тој наводно се прикажува како танцува со егзотичен црвен костум. Видеото е објавено на социјалните мрежи Фејсбук и Тик-Ток во соседството во време на новогодишните празници.
Во објавата на Фејсбук се вели:
Не можеа да најдат подобар човек да ја докрајчи својата земја.
Повеќе странски проверувачи на факти го рецензираа ова видео и го оценија како манипулирано. Прашање на време е кога ќе се рашири на социјалните мрежи кај нас. Ова видео, како и други што ги има проверено Вистиномер, се дел од наративот да се исмева украинскиот претседател како неспособен за работната позиција. Слично како во претходната рецензија, и ова видео е манипулирано со дип фејк технологија. Сега ќе видиме како.
За почеток, оригиналното видео може да се види дека е објавено на 16 октомври 2020 година на Тик-Ток. Односно, две години пред објавата на видеото што е фокус на оваа рецензија. А, снимка од истиот танц може да се најде и на Инстаграм. Според проверувачите на факти од регионот и Европа, идентитетот на танчерот е сѐ уште непознат.
Како што може да се види од фотографиите погоре – една направена од оригиналното видео, другата од манипулираното, облеката, публиката, позицијата на телото се исти. Изменето е само лицето на танчерот, за да личи на Зеленски. Исто така, на двете видеа има различна музика.
Дополнително утврдување на фактот дека видеото е манипулирано може да се направи со онлајн алатката за проверка на видеа – Дипвер. Тоа претставува технологија за откривање доколку едно видео, oдносно содржина што има видео и аудио компоненти, е вештачки манипулирана.
На овој линк може да се провери направената анализа на манипулираното видео. Прикажани на сликата се четири модели што ја прават анализата. Според параметрите се гледа дека видеото со сигурност е манипулирано. Сите четири модели детектираат некаква промена, последните два (третиот и четвртиот) забележуваат сомнителност од 68 и 59 отсто.
Една од причините зошто волку често Зеленски е мета на вакви видеа, особено поврзани со танцување е затоа што пред да стане претседател, тој бил комичар и дел од шоу-бизнисот. Претходно учествувал во емисијата „Танцување со ѕвездите“ (во 2006 година), а снимил и сатирично видео каде тој прво танцува во традиционалната носија на козаците, којашто ја кине и продолжува да танцува во високи штикли и тесна кожна облека – слично како хит песната „Single ladies“ на Бијонсе. Па, доколку некој го видел како тој танцува во вистинити видеа, може лесно да поверува ако на социјалните мрежи се прошири некое манипулирано, како што е ова.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар