Коментаторски став за Фејсбук објави

 

Пишува: Жаклина Цветковска

Тенденциозен, ироничен и навредлив наслов Ленче Ристова солзи рони за СЈО, денес ни е последен ден од лапањето и рекетирањето бизнисмени е објавен на порталот dokazmakedonija.mk, на 30.06.2020 година, како најава за текст во кој е пренесена изјава на обвинителката Ленче Ристоска, споделена на социјалните мрежи, по повод последниот работен ден на СЈО.

Содржината на тестот, е всушност, интегрално пренесена објава на обвинителката Ристоска, а дека е нејзина објава може да се заклучи само од пренесениот статус на почетокот на текстот „Ленче Ристоска се чувствува носталгично“.

Според структурата на овој текст, тој не може да се смести во ниту еден новинарски жанр. Не ги задоволува основните новинарски стандарди за информативен текст, а иако е означен со „колумни ТОП“ нема ниту еден елемент на колумна или осврт на одредената тема.

Во колумните е дозволено изнесување на мислење на авторот, и тоа со извесна доза на субјективност и иронија, но овој текст не содржи ништо од тоа. Мислењето на авторот е изнесено исклучиво во насловот, во коментаторска форма и на начин што не е примерен, туку наменет за директна навреда кон одредена личност, односно јавна професија и институција.

Недозволиво е новинар или редакција да изнесува навреди, а најмалку  тврдења за незаконски дејствија, кои не ги поткрепува со конкретни докази. Особено, не да изнесува личен коментаторски став за фејсбук објави. Во објавата Ристовска го пренесува своето искуство за работата во СЈО, но насловот наведува на заклучок дека таа и нејзините колеги, без исклучок, го кршеле законот, коментирајки со зборовите „денес ни е последен ден од лапањето и рекетирањето бизнисмени“. Непотпишаниот автор, очигледно, алудира на изминатите случувања во СЈО и судењето на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Професионално и објективно е да се направи разграничување помеѓу  поединците и институцијата, а за изнесените наводи во насловот да се побараат факти, изјави од надлежни органи, лицата што се обвинуваат или авторот да се повика на јавно достапни документи. И сето тоа да го образложи во текстот.

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно, стои во член 1 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Нејасен детаљ во насловот е и употребата на личната заменската форма „ни“, која е кратка форма за индиректен предмет од „ние“, со присвојно значење. Ако се сфати изворното граматичко значење, се работи за лична заменска форма во прво лице множина, со што и кометаторот се става во групата на лица кои ги обвинува.

Но, најверојатно овде се работи за кратката заменска форма „им“. Навидум небитен детаљ, но кој може да придонесе за недорабирање и погрешно толкување кај јавноста, особено кај познавачите на граматиката и правописот. Ова е особено битно за информативното известување, кога се работи за настани и теми што не се општопознати на широката јавност.

Истовремено,наративот во насловот, што го употребува авторот, се коси со сите новинарски стандарди и  воопшто не соодветствува со текстот. Единствена цел е да го привлече вниманието на читателите и да собере што повеќе кликови.

Воедно, ваквиот наслов е недоличен за професионалното новинарство и со него се прекршува членот 15 од Кодексот на новинарите, во кој стои:

Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.