Конечно расчистена дивата депонија во село Глоѓи

Фото: Оштина Теарце

 

Ветување: Расчистувење на дивата депонија во село Глоѓи  (Рок: Првите три месеци од новиот мандат на градоначалникот на  Општина Теарце)

[Извор: ТВ 21 – Предизборна дебата; Датум: 06.10.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во текот на предизборната дебата одржана на 6 октомври 2017 година,  градоначалникот на Општина Теарце, Исен Асани, изјави дека како приоритетно ветување ќе се расчисти депонијата во село Глоѓи  во првите три месеци од новиот мандат, што значи некаде во јануари 2018 година. Ова  негово изборно ветување е исполнето, но да напоменеме дека тоа беше реализирано со значително пречекорување на изборно проектираниот рок, па наместо во јануари  расчистувањето на оваа дива депонија се случи во октомври оваа година (2018).

Помеѓу селата Глоѓи и Доброште, на крајот на летото во 2015 година беа однесени отпадоци од поплавите во село Порој, како алтернативно решение за расчистување на реката во село Порој и поплавите во село Џепчиште. Уште тогаш,  после реакциите на граѓаните, локалните власти во Теарце ветија дека оваа депонија ќе се расчисти.

Во споменатата дебата за локалните избори, Асани тогаш како кандидат за градоначалник изјави:

Во депонијата во местото Паравиште има фрлени материјали од поплавите во Порој, ние имаме договор со Министерство за екологија таа депонија да се исчисти и нивелизира, а за тоа имаме гаранција од Министерството и тоа ќе се случи во првите три месеци.

Два месеца по изборите, пак, поконкретно на 22.12.2017,  Асани за медиумите го изјави следното:

Ние имаме поднесено барање до Владата и Министерството за екологија, добивме одговор дека со ова ќе се занимава Дирекцијата за заштита и спасување и побаравме да ни се доделат 10 тони нафта, затоа што како Општина немаме капацитет да ја расчистиме депонијата…

Тогаш се огласи и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу кој рече:

Mоже да ви кажам дека за депониите веќе се дискутира на централно ниво, каде централната власт се залага  да најде крајно решение за депониите на национално ниво. Ние мислиме дека најпрво треба да се анализира дали регионите имаат капацитет за да најдат решение, или ова ќе треба да премине во компетенциите на централната власт, за конечно да се најде решение.

Жителите на селата Глоѓи и Доброште, особено  селаните кои живеат во близина на оваа депонија, неколкупати реагираа и побараа од локалните власти што поскоро да се реши проблем со  неа.

На 19.10.2018 градоначалникот Асани на Фејсбук објави информација за расчистување на оваа дива депонија, во која се вели:

Општина Теарце, во соработка со Министерството за животна средина, го реализираше расчистувањето на нелегалната депонијата помеѓу селата Глоѓи и Доброште, позната како „Паравиште“…

Во истата информација се објавени и фотографии од сработеното на терен.

По проверката на лице место, може да се констатира дека оваа дива депонија е расчистена и веќе не се фрлаат отпадоци во ова место.

Имајќи ги предвид горенаведените информации, ветувањето дека  во соработка со Министерството за екологија, ќе се расчисти дивата депонија во село Глоѓи,  го оценуваме како исполнето, со забелешка дека тоа е сторено  со големо задоцнување од  изборно зададениот рок.

 

***Напомена:

„Вистиномер“ на 14 февруари 2018 година направи проверка  на ова ветување на градоначалникот на Теарце, Исен Асани и со оглед на тоа дека депонијата тогаш не беше расчистена,  тоа беше оценето како неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Oцени: Дрилон Салиу

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција