Контраспин: Џафери заборава дека Уставниот суд веќе процени оти мандатот на пратениците може да продолжи

Талат Џафери. Фото: META

Уставниот суд на РСМ во 2016 година, токму на иницијатива на Талат Џафери оценувал за мандатот на пратениците во Собранието, односно за тогашните одлуки за одложено самораспуштање, при што оценил (и тоа два пати во иста година), дека мандатот може да се продолжи единствено во услови на воена и вонредна состојба. Според тоа, изјавите дека обидот за свикување на седница на актуелниот состав би бил пуч, е извртување на вистината, т.е. спинување

 

Уставниот суд на РСМ во 2016 година, токму на иницијатива на Талат Џафери оценувал за мандатот на пратениците во Собранието, односно за тогашните одлуки за одложено самораспуштање, при што оценил (и тоа два пати во иста година), дека мандатот може да се продолжи единствено во услови на воена и вонредна состојба. Според тоа, изјавите дека обидот за свикување на седница на актуелниот состав би бил пуч, е извртување на вистината, т.е. спинување

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, даде изјава во јавноста во која се препознава извртување на вистината, т.е спин:

Нема можност за свикување на распуштениот парламентарен состав. Собранието може да се врати само по следните избори, изјави претседателот на Парламентот Талат Џафери за „Клик плус“ на ТВ21. Џафери вели дека секој друг начин освен по избори за заседавање на Собранието е обид за пуч. Тој наведе дека се вршел притисок врз него за повторно свикување на пратениците и заседавање на Парламентот, но, како што нагласува, „со Собранието е веќе завршено“.

“На 16-ти февруари секој пратеник гласаше за престанок на мандатот. Собранието ќе се собере по наредните избори”, рече собранискиот спикер, коментирајќи ја иницијативата за повторно свикување на законодавниот дом.

[Извор: РСЕКлик плус/ТВ21Изјава на Џафери – датум: 27.04.2020]

 

Контраспин:

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по четири дена неизјаснување за иницијативата на над 30 пратеници за свикување на Собранието на РСМ, кое е самораспуштено, се изјасни дека таквата иницијатива е противуставна и дека притисоците за одржување заседание на Собранието се рамни на пуч, што, судејќи според аргументи од самиот Уставен суд, може да се протолкува како спин.

Имено, токму Уставниот суд на РСМ донел оценка за ова прашање – дали може да се продолжи мандатот на пратениците на Собранието. Одлуката, поточно едно решение и една одлука, се донесени во мај 2016 година и тоа по иницијатива токму на Талат Џафери, тогаш пратеник од редовите на ДУИ. Тој тогаш ја оспорил одлуката на Собранието од 23.02.2016 да го продолжи дејството на одложеното распуштање на Собранието, кое со таа одлука работело до 07.04.2016 година.

Во мај таа година Уставниот суд, најпрво на 18 мај, донел Решение (104/2016-00) да се поведе постапка за оценка на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието од 18.01 2016 и Одлуката за изменување на таа Одлука од 23.02.2016…

По ова, на седница на Уставниот суд на 25 мај 2016 година, е донесена Одлука (У.бр.104/2016-1), со која се поништуваат одлуките на Собранието.

Одлуката е образложена во десетина точки. Но, за разбирање на проблемот за кој политичките елити се спорат во јавноста, а Џафери изнесе став дека свикување нова седница би било противуставно, треба да се погледне образложението на Уставниот суд во точката 8 од образложението.

Точка 8, алинеа 3 од Одлуката на Уставниот суд со која се поништува одлуката за распуштање на Собранието со одложено дејство:

Со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста. Според тоа, не може да постои било какво одлагање на распуштање на Собранието, а со тоа и одложено губење на мандатот на пратениците.

 

Точка 8, алинеа 6 од Одлуката на Уставниот суд:

Според членот 63 став 3 од Уставот на Република Македонија скратениот рок за вонредни парламентарни избори (60 дена) не трпи одлагање, а мандатот на пратениците не може да продолжи во случај на самораспуштање на Собранието, надвор од условите утврдени во членот 63 став 4 од Уставот, од каде Судот утврди дека со оспорената одлука се прави повреда на членот 63 ставовите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.

Условите утврдени во членот 63, став 4 за кои расправал Уставиот суд се воена или вонредна состојба:

Устав на РСМ, чл.63, став 4:

Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Од изнесеното мислење за оценка на уставноста, дадено од самиот Уставен суд околу мандатот на пратениците, сосема е јасно дека Судот констатирал оти со Уставот не е предвидено мандатот на пратениците да продолжи надвор од првиот став на членот 63, кој вели дека мандатот трае 4 години од денот на конституирањето на Собранието, освен во услови утврдени во став 4 од истиот член, а тоа е вонредна или воена состојба.

Конечно, ова не било прв пат Уставниот суд да проценува за мандатот на пратениците. Истите ставови на Уставниот суд дека мандатот може да биде продолжен исклучиво ако има воена или вонредна состојба, можат да се најдат и во одлуката на Уставниот суд У.93/2016, како и во Издвоените мислења на уставните судии Наташа Габер-Дамјановска, Сали Мурати и Исмаил Дарлишта (сите по предметот У. бр. 9/2016), исто така, решение на Уставниот суд кое е сврзано со мандатот на пратениците.

Впрочем, Талат Џафери сè уште е претседател на Собранието и во тоа својство е повикуван на седниците на Советот за безбедност, сè уште ги води работите во Сообранието и не без потреба законодавецот предвидел пратениците да примаат плати до изборот на новиот состав на Собранието.

Поради погоре изнесените аргументи, кои ги потврдивме и во разговор со дел од уставно-правните авторитети, може да се оцени дека изнесените ставови на Џафери, дека обидот за свикување на седница би бил пуч и дека, со Собранието е завршено откако пратениците се самораспуштиле „со што го вратиле мандатот кај граѓаните“, се изјави со кои се извртува вистината, т.е. се спин.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.