Контраспин: Ахмети спинува – Груевски нема ексклузивитет врз македонските гласачи

Фото: Принтскрин

Тврдењето на Али Ахмети дека Ниола Груевски е неприкосновен претставник на гласачите Македонци, е погрешно. Дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се десетина партии со етнички преднзак, што говори дека во купот гласови на ВМРО-ДПМНЕ има еден солиден процент кои припаѓаат на претставниците на помалите етнички зедници. Ахмети тоа го знае, но бара етничка формула за си ја спаси сопствената кожа, бидејќи, исто така, знае дека не може да излезе „ангел“ од сојузништвото со оние со кои цели осум години ја делеше власта, а која според тоа што го слушнавме „бомбите“, како и од случаите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство, се сомничи дека е одговорна за корупција и криминал од големи размери

Тврдењето на Али Ахмети дека Ниола Груевски е неприкосновен претставник на гласачите Македонци, е погрешно. Дел од коалицијата  предводена од ВМРО-ДПМНЕ се десетина партии со етнички преднзак, што говори дека во купот гласови на ВМРО-ДПМНЕ има еден солиден процент кои припаѓаат на претставниците на помалите етнички зедници. Ахмети тоа го знае, но бара етничка формула за да си ја спаси сопствената кожа, бидејќи, исто така,  знае дека не може да излезе „ангел“ од  сојузништвото со оние со кои цели осум години ја делеше власта, а која според тоа што го слушнавме од „бомбите“, како и од случаите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство,  се сомничи дека е одговорна за корупција и криминал од големи размери

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 (10.01.2017), говорејќи за можните комбинации за составување владина коалиција, меѓу другото,  кажа дека  во преговорите нема да отстапат од  барањата искажани во платформата на трите партии – ДУИ,  Беса и Алијанса за Албанците.  На прашањето на настојчивиот новинар:  „ Дали ВМРО-ДПМНЕ може да ја спроведе заедничката платформа на албанските политички партии во Македонија“, (24,55  – 25,18 минута од видеото) Ахмети  одговори:

Спин: Јас не знам дали ќе може да ја спроведе и дали ќе наидеме на разбирање од нивна страна. Не можам да предвидам. Но, да ги анализираме подобро прашањата. ВМРО-ДПМНЕ е политички субјект  кој има капацитет и чии 100 проценти од гласачите им се Македонци (25,19 – 25,48 минута од видеото)

А, на забелешката на новинарот: „Велите дека ВМРО-ДПМНЕ има поголем капацитет од СДСМ“, Ахмети кажа:

Секако дека има. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, сега во проценти не знам и тие може да згрешат, бидејќи точната бројка не ја знаеме, но голем процент на гласовите не им се на македонските гласачи. Може да биде 40, 45 или 35 отсто гласови кои не се на Македонци. Вистина е и таа не може да се негира дека ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот кампус понесе победа на изборите… (25,52 – 27,04 минута од видеото)

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Ваквиот став на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во кој вели дека ВМРО-ДПМНЕ го има ексклузивитетот да ги претставува, условно кажано, македонските гласачи, го сметаме за политички спин кој треба да го оправда  евентуалното продолжување на коалициската „љубов“ меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Па за да ја наврти водата на „својата воденица“  Ахмети во интервјуто на ТВ 21, потсетувајќи на  Мајскиот договор од 2007 година, според кој  Владата ја составуваат победничките партии  од македонскиот и од албанскиот блок,  рече дека во „2006 година ВМРО-ДПМНЕ ги понижи Албанците, со тоа што не ја зема предвид волјата на мнозинството и стана партнер со партијата која изгуби (н.з. ДПА) и сега ДУИ мора  да биде внимателна и добро да процени за да не направи иста грешка (н.з да го игнорира победникот на изборите во македонскиот политички блок) (27,47 – 28,05 минута од видеото). Притоа, Ахмети го претставува Груевски како неприкосновен претставник на гласачите Македонци, односно како што вели тој: ВМРО-ДПМНЕ е политички субјект кој има капацитет и чии 100 проценти од гласачите им се Македонци“.  А, според перцепцијата на Ахмети,  СДСМ е репрезент само на околу 60 проценти од македонските гласачи.

Ова негово тврдење е погрешно и математички, но и етнички гледано. Фактите говорат (Конечни резултати ДИК. стр 34.) дека  не само во коалицијата предводена од СДСМ, туку и во онаа на ВМРО-ДПМНЕ има партии од другите помали етнички заедници. Така, дел од коалицијата „За подобра Македонија“ (предводена од ВМРО-ДПМНЕ) се десетина партии со етнички преднзак и тоа: Демократска Партија на Србите во Македонија, Демократска Партија на Турците на Македонија, Движење за национално единство на Турците,  Демократска Бошњачка Партија,  Странка на демократска акција на Македонија, Сојуз на Ромите од Македонија, Партија на Власите од Македонија, Партија за интеграција на Ромите,   Демократски сили на Ромите, Обединета партија за еднаквост на Ромите, Демократска партија на Ромите,  Роми Обединети од Македонија. Што говори дека во купот гласови на ВМРО-ДПМНЕ има еден солиден процент кои припаѓаат на претставниците на помалите етнички зедници како Србите, Турците, Ромите , Бошњаците, Власите… Несомнено, дека 454.577 гласови колку што освои на последните избори коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не се кристално чисти македонски, туку се прилично измешани. За пример да ја земеме Општината Шуто Оризари (која припаѓа на  Втората изборна единица и каде доминатното население се Роми), ВМРО-ДПМНЕ  освои 4.856 од вкупно 10.583 гласови во Општината (45,88 отсто).

Истовремено, неразбирливо е и како може на Ахмети, на кој устата му е полна со демократија и соживот, да му пречи тоа што за СДСМ не гласале само Македoнци. Или, пак,  можеби го боли тоа што на нивното „салдо“ легнаа гласови на Албанци кои фактички ја казнија ДУИ.

 

„КИСЕЛА“ ПОБЕДА

Прилично дискутабилно е и тврдењето на Ахмети

Вистина е и таа не може да се негира дека ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот кампус понесе победа на изборите…

ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори навистина освои  454.577 и  51 пратенички мандат, два мандaта (17.596 гласови) повеќе од СДСМ (436.981  гласови – 49 пратеници), но тоа е „кисела“ победа, со оглед на фактот дека на вонредните парламентарни избори во 2014 година доби 61 пратеничко место. Ваквиот резултат не му дава простор на Груевски да биде спокоен и да ужива во „победата“.

Исто така, не смее да се занемари ниту фактот дека наспроти „неспорната победа“ на ВМРО-ДПМНЕ, огромен број граѓани на изборите со изборот што го направија се изјаснија дека сакаат промени и дека не ја поддржуваат политиката на актуелната власт. Освен оние кои гласаа за коалицијата на СДСМ, тука се и избирачите кои се определија за помалите партиите кои не освоија мандати во Собранието, а кои се опозициски настроени и кои заедно имаат над 50.000 гласови : Коалиција ВМРО за Македонија – 24.524 гласови, Левица – 12.120, Коалицијата за промени и правда – 10.028 и Либерална партија – 3,840 гласови.

Па , ако се гледа вкупниот бројот избирачи кои гласаа против политиката на ВМРО-ДПМНЕ, околу 487.000 (436.981 на СДСМ плус околу 50.000 гласови од помалите партии, кои себеси отворено се дефинираа како опозиција и кои изјавија дека никако не би коалиционирале со ВМРО-ДПМНЕ), тој е поголем од оние кои ѝ искажаа поддршка (436.981). Што повторно укажува дека математичко-етничките операции на Ахмети со гласовите во македонскиот политички блок не се точни.

 

 „АНГЕЛИ“ ВО КОРУМПИРАНА ВЛАСТ!

Тоа што, пак, Ахмети сака да ги претстави Груевски и ВМРО-ДПМНЕ како победници остава простор за соменж како да си прави алиби за влез во Влада. Иако, тој во ова интервју, во кое новинарот повеќе од 20 пати го праша  „дали ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ“, не даде прецизен одговор, туку кажа дека на маса се сите опции: коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, техничка – проширена влада како онаа до 11 декември 2016,  заминување на ДУИ во опозиција, а не ја исклучи ниту можноста  од нови избори  (48,38 – 49,40 минута од видеото). Ахмети уште рече дека пред да донесат одлука 99 пати ќе размислат, а 100 – от ќе пресечат .

Сепак, впечатокот од целиот негов настап е дека тој, всушност, бара формула со која коалицирањето со ВМРО-ДПМНЕ ќе го прикаже како почитување на принципи и нужност. Иако, Ахмети добро знае дека  Груевски е „победник“ во македонскиот блок, колку што се победници тој и неговата ДУИ со десетете мандати во Собранието (девет помалку од изборите во 2014 година).  И токму затоа тој бара етничка формула со која  реалните губитници ќе ги направи математички победници и притоа ќе си ја спаси сопствената кожа. Неговата прагматичност, веројатно се должи на тоа што тој знае дека не може да излезе „ангел“ од сојузништвото со оние со кои цели осум години ја делеше власта, а која според тоа што го слушнавме од „бомбите“, како и од случаите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство, се сомничи дека е одговорна за корупција и криминал од големи размери.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција