Контраспин: Дали била покрената истрага за Мицкоски во врска со ЕЛЕМ?

Фото: Скриншот/Влада на РСМ

Вистинската вест за јавноста и за јавниот интерес би била не дека Мицкоски плаќал енормно скапа цена за увезвена електрична енергија, туку што сториле двајцата претседатели на УО на ЕЛЕМ по заминувањето на Мицкоски од функцијата? Истражиле ли нешто, утврдиле ли нешто и дали пријавиле некому, на пример на Јавното обвинителство за овие злоупотреби, итн

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Генералниот директор на ЕЛЕМ, Васко Ковачевски, на прес-конференција изнесе податоци во кои се препознава спин:

Спин: Христијан Мицкоски ќе влезе во историјата на оваа државна компанија како директор што купил увозна струја по астрономски високи цени. Мицкоски во јануари 2017 година увезе струја по цена и до 240 евра за MWh. Во периодот од 8 до 23 јануари 2017 година тој како директор купил скапа увозна струја во вредност од 360 милиони денари или 5,6 милиони евра. Пари на компанијата, пари на државата, пари на граѓаните. Средства кои, доколку се работело како што треба, немало да се потрошат за скап увоз на струја… Oва се прашања на кои само Христијан Мицкоски може да одговори.

[Извор: Макфакс – Ковачевски: Мицкоски ќе влезе… – датум: 06.02.2020]

КОНТРАСПИН:

Поаѓајки од тема која започна во дебатата меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, генералниот директор на ЕЛЕМ Васко Ковачевски со прецизни бројки на прес-конференција се обиде да ја убеди јавноста дека Мицкоски како директор на ЕЛЕМ во 2017 година работел, во најмала рака неодговорно, и увезувал струја, плаќајки ја по историски високи цени и до 240 евра за мегават час.

Во деспинување на тврдењето не се проблем податоците кои се егзактни и точни, туку извртената вистина се состои во неутврдената одговорност на Мицкоски или на раководството на ЕЛЕМ од тоа време или на тие пред да дојде Мицкоски на првата позиција на ЕЛЕМ.

Да потсетиме, станува збор кога навистина целата јавност беше шокирана, прво од недостигот на домашно произведена електрична енергија, недоговорените набавки за зимскиот период во зима која беше исклучително студена, со што потрошувачката енеормно порасна, а со тоа и потребата од електрична енергија, што на крај резултираше со прилично скап увоз на струја, бидејќи потребите или закупите на странските пазари не беа најавени со време.

Ковачевски при својот настап пред јавноста ги постави и следните три прашања:

Зошто Христијан Мицкоски во 2017 година дозволил да нема евтино домашно производство и наместо тоа, да купува скапа увозна струја?

Зошто купувал ден за ден, што е модел за највисоки цени? Зошто не набавил плански за подолг период, со што би се постигнало намалување и упросечување на цените? Дали така ќе се избегнеше цената од 240 евра?

Дали со своето неодговорно раководење свесно ја оневозможил компанијата да произведе сопствена евтина енергија, со што ја загрозил стабилноста на електро-енергетскиот систем, а, исто така, предизвикал сериозна материјална штета?

За на крај, Ковачевски да одговори – ова се прашања на кои само Христијан Мицкоски може да одговори.

И тука е спинот, т.е. извртувањето на вистината. Со ЕЛЕМ раководат кадри кои не се именувани од владата на Никола Груевски, туку од владата на СДСМ, веќе од 2017 година. Христијан Мицкоски поднесе оставка на две функции во Владата на 7 јуни 2017 година, најавувајќи ја и оставката од ЕЛЕМ, но сепак остана до 06.08 2017, кога Владата го разреши а на негово место го именуваше Драган Миновски.

Сегашниот претседател на УО на ЕЛЕМ, Васко Ковачевски, е именуван на функцијата лани, на 17.07.2019, со одлука, исто така, на Владата на Заев.

Бидејќи, како што вели Ковачевски, над 5 милиони евра потрошени за скапа струја се пари на граѓаните, останува граѓаните да прашаат зошто одговорите ги бара од Хриистијан Мицкоски и зошто само тој можел да одговори?

До моментот на пресот на Ковачевски се поминати околу 30-тина месеци, од разрешувањето на Мицкоски. Тоа било доволен период да се направат ревизии, да се утврди дали Мицкоски работел незаконски, ако одговорот е позитивиен, во кој дел, дали станува збор за коруптивно кривично дело, т.е. злоупотреба на службената должност и овластувања или, пак, за несовно работење во службата, итн. Ако нешто од ова било сторено, се поставува прашањето зошто не е иницирана кривична пријава до Јавното обвинителство од страна на новото раководство во ЕЛЕМ или други истражни органи.

Ако, пак, е иницирана, тогаш јавноста заслужува да го добие одговорот зошто таа не е спроведена и дали можеби се калкулирало со фактот дека Мицкоски во меѓувреме беше избран на местото лидер на најголемата партија во Собранието, која што е во опозиција. Или, пак, можеби и навистина немало ништо од неодговорностите и злоупотребите, како што тврди самиот Мицкоски.

На овие прашања може да одговори и некој друг, а не само Христијан Мицкоски. Во тоа се состои извртувањето на вистината од страна на Ковачевски. Бројките се точни, контекстот, можеби исто така, но таа вистина не оди до крај, туку се користи само дел од неа, се разбира, исклучиво за потребите на предизборната кампања.

Оттука, изјавата на Ковачевски дека за тие пришања можел да одговори само Мицкоски, е спин.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција