Контраспин: Дилемата за изолација или интеграција не е лажна – опасноста е голема

Застојот во реформскиот пат на државата по 2008 година, по одбивањето на Грција да бидеме примени во НАТО на самитот во Букурешт и изолацијата која настана по тогаш закочените евро-атлантски интеграции, придонесе со стеснување на демократските права и слободи на граѓаните и до состојба опишана како „заробена држава“. Ништо не укажува дека би било поинаку доколку не го исполниме првиот услов за преговорите за членство во ЕУ, промената на Уставот, без оглед дали на власт ќе остане СДСМ или ќе дојде до промена со опозицискиот блок на партии

Застојот во реформскиот пат на државата по 2008 година, по одбивањето на Грција да бидеме примени во НАТО на самитот во Букурешт и изолацијата која настана по тогаш закочените евро-атлантски интеграции, придонесе со стеснување на демократските права и слободи на граѓаните и до состојба опишана како „заробена држава“. Ништо не укажува дека би било поинаку доколку не го исполниме првиот услов за преговорите за членство во ЕУ, промената на Уставот, без оглед дали на власт ќе остане СДСМ или ќе дојде до промена со опозицискиот блок на партии

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) испрати соопштение за јавноста, во чија содржина може да се детектира спин:

Спин: Наметнувањето од власта на лажната дилема „интеграција кон ЕУ или изолација“, Социјалистичката партија на Македонија го оценува за нереална и провидна дилема која всушност постои внатре во самиот СДС. Ниту интеграцијата е извесна во сегашна констелација и подделеност во Унијата, ниту пак е можна изолација во глобалниот свет на понуди и можности.

Притисокот кој медиумски оркестрирано го прави СДС е силен и безобразен без да се дадат аргументи за погрешната политика која ја доведе државата во состојба на подреденост. Со најавата за можна изолација СДС потврдува дека тоа е резултат на прифаќањето на бугарските уцени за промена на Уставот… Социјалистичката партија на Македонија посочува дека со упорното одбивање на наметнатите и изнасилени промени се потврдува дека Македонците не прифаќаат уцени и знаат да го одберат вистинскиот пат и вистинските лидери, што ќе се случи на изборите кои ги бараат граѓаните.

[Извор: СПМ – Соопштение – 04.06.2023]

Контраспин: Социјалистите, кои се парламентарна партија застапени во Собранието и кои се во коалиција со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ја искомуницираа јавноста со став во кој се тврди дека дилемата „интеграција во ЕУ или изолација“ која ја форсира владејачката СДСМ е лажна. Овој став на СПМ е извртување на вистината, т.е. спин, затоа што тврдењето дека секогаш имаме избор е само формално точно, исто како што е проблематично да се каже како апсолутна вистина дека Унијата во однос на проширувањето е поделена и дека во „глобален свет на понуди и можности“ не може да има изолација.

На ваквиот став упатува современата историја на државата од нејзината независност во 1990-91, до денес. Но, најнапред за формалните наводи врз кои се потпира ставот на СПМ, дека Унијата е поделена околу проширувањето и за глобалниот свет како неограничено поле на избор.

Вистина е дека Европската унија околу две децении е неунисона околу проширувањето, веднаш по големиот прием од 2004 година со 10 главно постсоцијалистички земји, кој „сè уште го вареше“ дури и 5 години подоцна. Гледајќи на земјите од Балканот, после единствениот глас на ЕУ од Самитот со Западен балкан во Солун во 2003 година дека целиот Западен Балкан треба да влезе во ЕУ, постојно има дилеми или стравови кога и како тоа да се случи. Проширувањето со Бугарија и со Романија во 2007 година, е повеќе резултат на геостратегиското ширење на НАТО, бидејќи двете земји и ден денес после 16 години членство имаат постигнувања, но и неуспеси, како што е борбата со корупцијата на пример, имплементацијата на ЕУ фондовите, со човековата права или, пак, околу целосната усогласеност на надворешната политика на тие земји со онаа на ЕУ.

Но, реално и објективно, процесот на проширувањето со другите земји, на пример Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија или Македонија, зависеше и од постигнувањата во внатрешните реформи на тие земји, бидејќи ЕУ, на некој начин „изгорена“ од брзиот прием во 2004 и 2007 година, почна „да дува во јогурт“. Поточно, носечките земји членки на ЕУ, Германија, Франција, Италија, Холандија, итн., ги подигнаа оценките за исполнувањето на стандардите и на проценка на примена на законите од заедничкото законодавство.

Освен ова, за Србија постои и посебен услов – нормализација  во односите со Косово (суштинско признавање), исто како што сега има и посебен услов за Македонија, а тоа е промена на Уставот за внесување на Бугарите, како и проценка на односите со Бугарија и со Грција, нешта што се внесени во Преговарачката рамка. Единствен најспорен момент, е токму околу проширувањето со Албанија и С. Македонија, поради француското вето на проширувањето во 2019 година, по што по барање на претседателот Емануел Макрон се изработи нова методологија на преговарачкиот процес. Инаку, преговарачката рамка меѓу Скопје и Брисел требаше да уследи уште таа, 2019 година, а не лани.

Но, исто како што е вистина дека во ЕУ постои поделеност или разногласие околу проширувањето, вистина е и дека не постојат дилеми генерално за проширувањето со земјите од Балканот, ниту, пак, може да се негира политичкиот моментум како важен аспект, т.е забрзан процес и интерс од проширување поради војната во Украина и други геостратегиски причини, што беше и официјализирано на последниот Глобален безбедносен самит (GLOBSEC) во Братислава во говорот на шефот на ЕК Урсула фон дер Лаен .

Според тоа, првиот столб врз кој почива спинот на СПМ за поделеноста во ЕУ околу проширувањето е нецелосно вистинит, т.е. тоа не е апсолутна вистина, зашто станува збор за сплет на сложено дефинирани односи меѓу земјите членки на ЕУ и заедничката политика, која, пак, константно е за проширување и врз која константно влијаат и геостратегиски причини. Сегашниве геостратегиски причини – војната во Украина ја определија ЕУ за брз прием со нови членки, без оглед дали е тоа праведно или не е, дилема што ја потенцираше во последното интервју и претседателот Стево Пендаровски.

 

Светот е само навидум полн со избор

Вториот столб врз кој се гради ставот на СПМ е дека  не е можна изолација во глобалниот свет на поунуди и можности. Но и овој столб не е апсолутна вистина, освен во философски ракурс на гледања на нештата. Затоа што, вистина е дека имаме многу избори, но кога ќе се погледнат подлабоко, всушност понудата на можности и избори е многу мала.

На пример, во глобалниот свет постои и сојузот наречен БРИКС, кој сега по раскрстувањето на Русија со Западот со излегувањето од Советот на Европа по агресијата врз Украина, добива на динамика токму поттикната од Москва. Та сепак, бројките за нашата трговска размена со светот, политичките определби на најголемите македонски и албански партии од 1990, политичките сојузи и курсот на државата од 1991 година до денес, сепак, укажуваат на Запад, на сојузот со НАТО и на интеграцијата во Европа во целост, дури и во поширока смисла од самото зачленување во ЕУ.

БРИКС, Неврзаните, итн, се привлечна приказна само за оние земји кои поради економски и геостратешки причини во дадениот миг во светот им нудат или тие мислат дека им нудат повеќе можности за сопствениот развој. Стручната јавност во земјава досега не понуди ниту еден валиден аргумент зошто стратегијата за зачленување во ЕУ и целосна интеграција со Европа би ја замениле (ако е тоа и технички воопшто можно), со свртување на курсот кон други сојузи.

Истото се однесува и до можноста да се репреговара нова преговарачка рамка, доколку социјалистите мислеле и на таква опција. Тоа би било можно само во некоја утописка реалност во која 26 членки на ЕУ би се согласиле на тоа, а 27-та, Бугарија, не би имала ништо против да се откаже од сегашните ставови.

Оттука и овој столб врз кој се гради спинот во тврдењето на СПМ дека дилемата е лажна, е на климави нозе, т.е. не држи вода.

 

Досегашните дилеми го издржаа тестот на времето

Текот на историјата во современата македонска држава покажа дека двете најтешки дилеми на државата во 1993 година и во 2001/2002 година, зачленувањето во ООН со привремената референца ПЈРМ и Охридскиот мировен договор, беа решенија кои го издржаа тестот на времето како најдобар избор во дадениот момент. Имено, никој точно не може да предвиди до кога Македонија ќе можеше да издржи како држава и да не биде вовлечена во вителот на големите војни од распадот на СФРЈ доколку државното раководство не донесеше тешка, бидејќи беше понижувачка, но храбра одлука, да се согласи државата да стане членка на ОНН со привремена референца ПЈРМ, а параелелно да се водат преговори за трајно решавање на проблемот на Грција со нашето име. Тоа траеше до Преспанскиот договор и повторно тешката одлука за промена на името во Северна Македонија, со што, повеќе деценискиот спор беше затворен, а патот кон НАТО отворен.

Охридскиот мировен договор беше болна и тешка одлука пред се на македонскиот дел од политичкото водство, затоа што дојде по оружени судури кои започнаа со навлегување на паравоени структури од надвор, т.е од северниот дел од границата со Косово. Но, разурнувањата, раселувањата и пролеаната крв на населението, како и состојбата на теренот, ја постави дилемата дали да се преговара за траен мир или да се продолжи со војување, со опасност војната да прерасне во вистински граѓански конфликт и да ја подели, распадне земјата. Охридскиот мировен договор кој произлезе под присила, а кој потоа беше имплементран и во Уставот, сепак, покажа дека е подобро решение кое резултираше со модел на решавање на меѓуетничките тензии кој е поуспешен од претходниот и покрај покажаните одредени слабости од типот закон за јазици или „балансер“.

 

Дилемата ја покажува реалната опасност

По овој изоден пат и по македонските победи и порази, може да се констатира дека дилемата што ја наметнува СДСМ – евроинтеграција или изолација не е лажна дилема и лажна опасност за државата, без оглед на причините што не довеле до оваа дилема и уделот на самиот СДСМ во ваквата преговарачка рамка, односно дали можела да биде подобра и дали можеле поактивно да ја вклучат опозицијата при прифаќањето на решението од јули 2022 година. Застојот во реформскиот пат на државата по 2008 година, по одбивањето на Грција да бидеме примени во НАТО на самитот во Букурешт и изолацијата која настана по тогаш закочените евро-атлантски интеграции, придонесе со стеснување на демократските права и слободи на граѓаните и до состојба опишана како „заробена држава“. Ништо не укажува дека би било поинаку доколку не го исполниме првиот услов за преговорите за членство во ЕУ, промената на Уставот, без оглед дали на власт ќе остане СДСМ или ќе дојде до промена со опозицискиот блок на партии.

Без потисната сила на активен преговарачки процес во кој ќе се гледа притисокот од ЕУ за поглавјата за кои ќе се преговара и сето тоа условено со веќе ветените зголемени претпристапни фондови (Фон дер Лаен во Братислава), мали се шансите на земјата да се движи напред во реформска смисла. Многу поголеми се оние да стагнира или процесите да одат и наназад, како што тоа веќе нема дилеми дека се случува во правосудството или во борбата со корупцијата.

Од овие причини, тврдењето на СПМ дека дилемата е лажна, е спин. Дилемата се заснова на реална опасност.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција