Контраспин: Фарбањето нема врска со злостор врз духовноста и креативноста

Ацо Станковски нема дилема дека Скопје 2014 е духовно и креативно. Фото: скриншот

Она што е духовно за Станковски, не мора да биде духовно за индивидуите што протестираат или за граѓаните што се посматрачи и не се директно инволвирани во протестите. Она што е авторство за Станковски, за друг може да биде плагијат, она што е креативно за Станковски, за трет може да биде ужасен кич и грдо и не мора да има никаква вредност…

 

Она што е духовно за Станковски, не мора да биде духовно за индивидуите што протестираат или за граѓаните кои се посматрачи и не се директно инволвирани во протестите. Она што е авторство за Станковски, за друг може да биде плагијат, она што е креативно за Станковски, за трет може да биде ужасен кич и грдо и не мора да има никаква вредност…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Повеќе извртувања на вистиината беа искажни во дебатна емисија на телевизјата НОВА во врска со протестите во Македонија, во емисија под наслов „Шарена или платеничка револуција“. Еден од спиновите се однесуваше на прирорадата на протестите и последиците од нив, а беше искажан од академскиот сликар Ацо Станковски:

Спин: Ова („шарената револуција – н.з.) би го споредил, да речем со Чартистичкото движење во Велика Британија во зорите на индустријализацијата, на индустриската револуција, кога работниците ги кршеа машините, мислејќи дека поради машините и нивната супериорна продуктивност они се исфрлени од работа. Но, всушност, не го сфатиле капацитетот на времето и сите оние аспекти на промените, цивилизациски кои се случуваат. …Овдека (се мисли на Шарената револуција-н.з.), веќе имаме еден провинцијализам и агресија, една хистерија која не ја припишувам толку на младите протагонисти…Кога ќе се види големата слика, гледаме наивни млади луѓе кои се захуктале во некој проект, не сфаќајќи какви злосторства прават! Пред сè, врз творештвото…Само да поентирам, дека круцијалниот момент, оној што е видлив, зашто политиката е доим, нели, еден вид перцепција, актерите треба да предизвикаат одреден позитивитет, приемчивост, но во случајот има силување, жестоко, брутално и бессовесно силување на авторскиот труд на уметници, на креативци…овие, да речеме некултурни, провинцијални групации на луѓе, незадоволни и фрустрирани, подбуцнати, а некои и потплатени, едноставно на најбесовесен начин, во нехат, прават страшни злосторства. Значи, злосторства против духовноста, против креативноста, против творештвото. И тоа не го оправдувам во никој случај.

[ТВ НОВА – Отворено студио, Датум: 26.05.2016 (од 18 – 24 мин.)]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Откако пред 7-8 недели започнаа протестите низ Скопје и други градови во Македонија против одлуката на Ѓорѓе Иванов за аболиција на над 50 лица, кои многу бргу се претворија во нешто што се нарекува „Шарена револуција“, постојано во јавноста преку т.н. провладини медиуми се врши негативна пропаганда врз учесниците на протестите, со многу спинувања, т.е. извртувања на вистината, со цел нивно оцрнување. Тие спинови може да се групираат во неколку категории или шаблони: протестите се организирани и предводени од платеници, а парите главно потекнуваат од Џорџ Сорос; протестите се организирани од СДСМ, а маскирани како граѓански, протестите се атак врз историското и културното наследство на Македонија, протестите се дело на хулигани што уништуваат прекрасни објекти и јавно добро, итн…

Сите овие спинови се добро препознатливи кај секој образуван граѓанин и нема потреба да се анализираат уште еднаш подетално. Но, последниот спин во оваа насока е малку пооргинален и е изкажан од познатиот академски сликар Ацо Станковски. Според Станковски, генерално кажано, протестите се дело на провинцијални и нецивилизирани и некултурни учесници, од кои дел се платени, а поголемиот дел подбуцнати и дека фрлањето бои врз објекти, споменици, огради, не е ништо друго, туку жестоко злосторство врз духовноста, креативноста и творештвото.

Ова мислење на Станковски, кој е јавна личност и кое е искажано на телевизиски медиум (значи пред голема публика), е извртување на вистината, т.е. спинување.

 

ЗГРАДА+СПОМЕНИК+ОГРАДА=ДУХОВНОСТ!?

Прво, правото на протест е загарантирано во Уставот, а фрлањето со боја врз одредени објекти (споменици, огради фасади), е форма на протестот каков што одбираат оние што го спроведуваат, зашто така оценуваат дека нивната порака кон јавноста и нивните политички барања ќе бидат најсоодветно промовирани. Тука може да стане збор за оштетување на јавен имот и тоа е санкционирано во соодветни закони и нема ништо спорно во тоа. Прашање е на надлежните институции и на власта (а, познато е како се оценети институциите во земјава од релевантни домашни и меѓународни фактори), дали стриктно ќе се придржуваат на (селективна) примена на правните норми или не.

Спомениците, оградите, објектите како Порта Македонија, зградите на Министерството за правда, ААВМУ, Владата.., на ниту еден начин не можат да се толкуваат како универзален израз на духовноста, креативноста, авторството. Тие новопромовирани објекти во главниот град на Македонија, кои се поставени и изградени по нарачка на власта во последниве неколку години, станале јавен имот, а креативноста (нешто ново што има некоја вредност), духовноста (нематеријалното) и творештвото (авторството, создателството, најчесто на уметничко дело), се категории кои не се универзални и општи за секого, зашто спаѓаат во сферата психологијата, метафизиката, религијата, естетиката, философијата.., и во сферата на строго индивидуална проценка на секоја поединка, вклучувајќи ја и стручната јавност, т.е. критиката, самите уметници или архитекти.

Па, така, она што е духовно за Станковски, не мора да биде духовно за индивидуите што протестираат или за граѓаните што се посматрачи и не се директно инволвирани во протестите. Она што е авторство за Станковски, за друг може да биде плагијат, она што е креативно за Станковски, за трет може да биде ужасен кич и грдо и не мора да има никаква вредност…

Конечно, фарбањето со „поликолор“ прави малку или нималку штета врз тие објекти или барем не штета што не може да биде поправена, надоместена и исправена и оценката за таквиот чин може да се посматра исклучиво од политичка, социолошка и правна смисла, а не од аспект на злосторство кон духовноста, креативноста и авотрството . Оттука, тврдењето на Станковски сметаме за спин.

 

ИМА РАЗЛИКА ОД ЧАРТИЗАМ ДО ЛУДИЗАМ

Има уште еден спин во изјавата на академскиот сликар. А, тоа е дека луѓето што протестираат се необразувани и не го разбирале напредокот што се случувал во општеството предизвикано од технологијата. Ова е целосно извртување на вистината, најпрво зашто Чартизмот нема врска со машините и технологиите, туку е чисто политичко движење за крупни реформи во системот на владеење во Велика Британија во првата половина на 19-ти век. Она на што мисли Станковски, се, всушност, Лудистите.

Но, идејата на Станковски е дека тие од „Шарената револуција“ се исти како работничката класа во Британија од тоа време, која како необразован дел од општеството протестирале против технологијата, па оттука, демонстрантите во Скопје ги поистовети со необразувани провинцијалци.

Општо утврден факт е дека луѓето што протестираа се најбројни од редовите на студентите, потоа луѓе на возраст од 25-до 45 години, па до средовечни граѓани. Тие граѓани се сè друго, само не се необразовани, нецивилизирани и некултурни. Потврдата за ова ја извлекуваме од нивните јавни изјави што може да се следат секој ден преку голем број медиуми, каде што впрочем, тие лица самите се идентифицираат. А, бидејќи Станковски во еден момент на својот исказ зборува за „дојам“, перцепција за политиката, според „дојам“ на повеќе јавни личности искажани и на медиумски дебати и на социјалните мрежи, граѓаните што протестираат секојдневно и тоа како знаат што прават (значи ништо што е од нехат – несакање што би рекол Станковски), а со своите повеќепати искажани ставови контра големите политички партии во Македонија, сосема е јасно и дека не делуваат како индивидуи што можат да бидат подбуцнати.

Поради аргументите искажани погоре, сметаме дека тврдењето на Станковски за сериозното злосторство што го правеле демонстрантите од „Шарената револуција“ врз духовното, креативното и авторството, го оценуваме за спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција