Контраспин: Ѓорчев „стопати“ одбегна да одговори кој ќе понесе одговорност за изборниот пораз

Фото: Принтскрин

Влатко Ѓорчев член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, до крај на интервјуто на телевизија Телма не ѝ одговори на новинарката: дали во партијата има или нема вина за изборниот пораз, иако таа речиси 30 пати му го поставуви истото прашање со различни формулации

Влатко Ѓорчев  член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, до крај на  интервјуто на телевизија Телма не ѝ одговори на новинарката: дали во партијата има или нема вина за изборниот пораз, иако таа речиси 30 пати му го поставуви истото прашање со различни формулации.  Чудно е  што Ѓорчев сега во оваа улога на тазе опозиционер обвинува за заплашувања, притисоци и нерегуларности во изборниот процес. Притоа, делува дури смешно, па и трагикомично неговото избегнување да каже дали има храброст (за ова беше прашан трипати) да ја побара и да ја најде вината за дебаклот на локалните избори во своето „јато“ и во врвот на партиската хиерахија, кај лидерот Никола Груевски

 

Пишува: Оливера Војновска

 

 

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев во настапот на емисијата „Топ тема на ваша страна“, избегнувајќи  конкретно да одговори на прашањето дали некој во ВМРО-ДПМНЕ ќе понесе одговорност за поразот на локалните избори, повеќепати ја повтори следната изјава во која ја извртува вистината и го дефокусира вниманието на сосема друга страна.

Спин: Одговорноста најголема е што ние после 27 години имаме најскандалозни избори. Ние имаме избори кои регресираат, ние имаме избори на кои што е убиен кандидат, претепан со скршен череп кандидат,  ние имаме избори во кои во  36 општини луѓе не се осмелиле да се кандидираат бидејќи имаме страховлада….

[Извор: Телма: Топ тема на ваша страна (29,00 минута од видеото)Датум: 01.11.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Ѓорчев во интервјуто не сакаше да каже дали во ВМРО-ДПМНЕ има атомосфера за самокритика  и дали причините за изборниот пораз се бараат внатре во партијата, во највисокото раководство и во лидерот. Ѓорчев како напамет научен рефрен ја повторуваше репликата: „најголемата одговорност лежи во најскандалозно спроведените избори во последните 27 години“, спинувајќи дека нема некаква вина во нивниот двор (партијата), туку исклучливо кај  СДСМ, кои според неговиот исказ, направиле нефер и нерегуларен изборен натпревар.

Но, Ѓорчев, кој важи за еден од најдоверливите и најлојални луѓе на партискиот лидер Никола Груевски, „заборава“ дека токму во време на нивното владеење (особено последните две – три години) Европската комисија,  Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР  ја нарекуваа Македонија „заробена држава“, односно ја критикуваа дека „партијата не е одвоена од државата“ и речиси во сите извештаи забележуваа на злоупотреби и притисоци врз администрацијата за изборни цели.

Затоа и зачудува настапот на Ѓорчев, кој на настојчивоста на новинарката  да ѝ одговори дали се направени грешки од страна на ВМРО-ДПМНЕ што довеле до таков слаб изборен резултат,  цело време го повторува истото тврдење дека имало изборни нерегуларности и дека голем број граѓани не можеле слободно да гласаат, а единствено признава пропуст во изборот на некои кандидати:

Факт е дека некои луѓе се разочарале од некои кадровски решенија, некои луѓе биле незадоволни заради оваа или онаа политика, некои луѓе решиле да остана дома. Но, некои луѓе, и тоа  многу  биле заплашени и им било кажано: „Не излегувај во недела на гласање, затоа што в0 понеделник не траба да доаѓаш на работа (28, 30 минута од видеото)

Ѓорчев  до крај на интервјуто и не ѝ одговори на новинарката која речиси 30 пати му го поставуваше истото прашање со различни формулации: дали има или нема вина во партијата:

  • ВМРО-ДПМНЕ нема никаква одговорност заради губењето на гласовите? (28,45 минута од видеот0)
  • Немате вие како партија никаква вина? (29,39 минута од видеото) .
  • Имавте ли Извршниот комитет,  дискутиравте ли, какви беа дискусиите, дали некој во ВМРО-ДПМНЕ треба да понесе одговорност ?  (52,07 минута од видеото)
  • Дали имавте Извршен комитет, дали разговаравте во насока дека луѓето во партијата, некои луѓе во партијата, раководството во партијата, оние што учествувале во организирање на изборите, некој барем треба да понесе одговорност или имавте ли самокритичност во тие говори (53,23 минута од видеото)
  • Добро Ѓорчев, никој на состанокот не кажа добро бе луѓе имавме и погрешни кандидати, имавме градоначалници кои имаат амбиции за трет, четврт мандат, имавме на терен пропуст во организирањето на изборите, не одевме на дебати, имавме лоша ПР стратегија… И сега никој не се одважи на состанокот  да ги каже овие работи,  дека ВМРО – ДПМНЕ направиле грешки и дека треба нешто да се поправи во партијата,  или сите доаѓале и кажувале за изборни нерегуларности… (54,28 минута од видеото)
  • Дали по овој пораз ќе се свика состанок, Конгрес и да се оцени чија е одговорноста (55,10 минута од видеото)
  • Дали се одважија барем некои луѓе,  значи дали воопшто сте свесни дека имате некаква  одговорност? (55,57 минута од видеото)
  • Дали вие внатре во партијата како членови на ИК ќе речете дека некој треба ќе си понесе оставка? Некој што ги организирал изборите или што управувал со изборниот штаб…? (56,38 минута од видеото)
  • Дали вие внатре ќе направите нешто да смените членови на ИК, да свикате конгрес па можеби, па можеби да изберете и нов лидер ,дали воопшто се дискутира за такво нешто? (57,03 минута од видеото)
  • Дали ќе настанат процеси на реформи во ВМРО-ДПМНЕ? (59,09 минута од видеото)
  • Дали во ВМРО – ДПМНЕ има најава и можност да настанат реформи со избирање на нови членови на ИК и со избирање можеби на Конгрес ?(59 ,52 минута од видеото)
  • Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе закаже конгрес можеби за избор на нов лидер? (1.00.13 минута од видеото)
  • Дали има навестувања дека такво нешто може да се случи? (1.00.18 минута од видеото)
  • Дали има иницијатива за такво нешто? (1.00.27 минута од видеото)
  • Значи вие нема да направите реформи воопштио и вие не сте свесни дека во партијата треба да се случат реформи ?(1.00.52 минута од видеото)
  • Има луѓе можеби и во врвот на партијата кои не поминуваат (н.з кај гласачите), што ако и лидерот не поминува? (1.01.22 минута од видеото)
  • Какви се демократскирте процеси  во партијата…Има разлики во ИК во мислењата…?(1.04.42 минута од видеото)

Ѓорчев се правеше како да не слуша што го прашува новинарката, па ја „верглаше“ истата приказна за „најскандалозни  и најнасилни избори“ и повторуваше дека  имало директни закани кон гласачите: „Не излегувај в недела на гласање, затоа што в понеделник не траба да доаѓаш на работа“(35,30минута од видеото) , „Не доаѓај в понеделник на работа ти си отпуштен (51,21 минута од видеото)“ , „Во ред е после 11 години да се загубат избори, имаме десет победи на избори и не е страшно… Но, со ова насилство што се случи… (53,03 минута од видеото)а зборуваше и „за украдена победа во Штип, Виница, Македонска Каменица…“ (37,08минута од видеото)

Тој не одговори ниту на прашањето дали внатре во партијата се побарани реформи и смена на лидерот, потенцирајќи дека „Централниот комитет ќе одлучи дали ќе се свика Конгрес“.  Тука ќе посочиме само некои од одговорите на Ѓорчев:

  • Во ВМРО-ДПМНЕ има самокритика, свесни сме за тоа дека имаме ветувања кои не сме го реализирале, во дел од општината има ситуација кога дошло време да загубиме да  подадеме рака таму каде што поразот е голем, убедлив (53,52 минута од видеото)
  • Вака ќе ви кажам, главна тема на ИК беа нерегуларностите на изборите, зошто , затоа што наголем дел од членовите на ИК беа распределени по кутии, по избирачки места… И сега кога се враќаш од терен и кога ќе видиш како полиција легитимира,  приведува луѓе… (56,40 минута од видеото)
  • Констатиравме дека се работи за тесна трка во која ние сме изгубиле со 70 000 гласови… Можно е да се украдени 30.000… Значи ова не е пораз како на Радмила Шеќеринска 2008 година каде што она изгуби со 480.000 наспроти 217. 000 гласови, СДСМ губел по 260. 000 гласови… (57,20 минута од видеото)
  •  Прво и основно, значи апсолутно ние сме подготвени за самокритика, ја имаме таа само критика, ја примаме таа самокритика и свесни сме дека после десет изборни победи на ВМРО-ДПМНЕ ја имаме таа тесна победа на СДСМ којашто е направена во најнерегуларните избори…(1.00.07 минута од видеото)
  •  Тоа е одлука на Централниот комитет (1.00.16 минута од видеото)
  • Како ќе одлучи Централниот комитет, тоа е нивна одлука. (1.00.22 минута од видеото)
  • Членовите на ЦК најмногу се фокусирани на она што се нарекува репресија, хајка на СДСМ (1.00.47 минута од видеото)
  • Сите, без исклучок членови на ИК аналогно и на ЦК се  апсолутно разочарани од овој избирачки процес што го имавме во Македонија, прашајте кој било член на ВМРО-ДПМНЕ ќе ви каже дека ова се најнасилните избори… (1,05 .10)(1.05.10 минута од видеото)
  • На парламентарни немаме пораз…(1.05.34 минута од видеото)
  • …Ние после 27 години имаме репресирање на демократијата (1.06.16 минута од видеото)

Ѓорчев во својот настап делуваше како тој да избришал од меморијата дека изминативе години имаше бројни примери за притисоци врз администрацијата (на пример, од нив се бараше да донесат список со најмалку десет сигурни гласачи за ВМРО-ДПМНЕ). Исто така, за заплашување на граѓани, но и на фирми, тргување со гласови, јавноста слушна и во прислушуваните разговори кои ги објавуваше СДСМ во 2015 година.

Тогаш, беа објавени и куриозитетни примери за гласањето во Општина Центар во 2013 година, кога се исклучувале лифтови за да не се оди на гласање, потоа масовно носење на гласачи од Пустец, но и за лажирање на изборниот процес со намерно поништување на гласањето на некои избирачки места. Во тоа време се вртеше и „хитот“ (микс инспириран од „бомбите“) со репликата на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска: „Некое ливче нека снема“.

Да потсетиме и на тоа дека токму Груевски ја едуцираше Силвана Бонева, што е рекет, а што спонзорство! Па кога таа му се жали дека  „во Струмица нема фирма  што не е изрекетирана “,  Груевски ја подучува : „Рекет е уцена, ако не ми дадеш, ќе те затворам. А, спонзорство е спонзорство. Му викаш ако можеш помогни ми“!

Затоа е зачудувачки  кога Ѓорчев сега во оваа улога на тазе опозиционер обвинува за заплашувања, притисоци и нерегуларности во изборниот процес. Притоа, делува дури смешно, па и трагикомично неговото избегнување да каже дали има храброст (за ова беше прашан трипати)  да ја побара и да ја најде вината за дебаклот на локалните избори во своето „јато“ и во врвот на партиската хиерахија, кај лидерот Никола Груевски:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција