Контраспин: Говорот на Иванов за помилувањето е преполн со спинови!

Куп помилувања преку куп спинови. Фото: претседателски сајт

Одлуката на претседателот Ѓорѓи Иванов за помилување и најава за идни такви ако оцени за потребно, наместо помирување, како што самиот вели, само долеа масло на огнот и предизвика нов вител во кризата. Внимателна анализа на говорот на претседателот, покажа дека речиси во секој пасус од говорот е можно да се најдат примери за извртување на нештата од реалноста, односно за спинување

 

Одлуката на претседателот Ѓорѓи Иванов за помилување и најава за идни такви ако оцени за потребно, наместо помирување, како што самиот вели, само долеа масло на огнот и предизвика нов вител во кризата. Внимателна анализа на говорот на претседателот, покажа дека речиси во секој пасус од говорот е можно да се најдат примери за извртување на нештата од реалноста, односно за спинување

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Кога еден говор и одлука на Претседателот на Република Македонија, кој обично е прозиван за неактивност во врска со кризата, ќе предизвика толкава бура во јавноста и де факто ќе ја продлабочи, тогаш тоа заслужува посебно внимание од сите апсекти. Еден од можните аспекти е анализа на говорот и образложението на одлуката. Таквата анализа, пак, упатува на заклучок дека Иванов се служи со извртени тези, извртени елементи кои не се дел од реалноста, со полувистини и шпекулации кои не сака да ги појасни, или просто кажано, со спинување.

 

Steel wool light painting

 

ИЗВРТУВАЊЕТО ЗАПОЧНУВА УШТЕ СО ВОВЕДОТ

Спин 1: Ова што ѝ се случува на Македонија не е наша игра. Ова е туѓа игра. Нелегално да се снима целиот државен врв, новинари, медиуми, дипломати и сето тоа потоа како фабрикуван материјал да се стави во рацете на еден човек, со силна поддршка да го користи тоа,…

Контраспин: Ниту еден релевантен податок излезен во јавноста, во истрагите на обвинителствата, во единствената пресуда во врска со аферата, досега не укажува на „туѓа игра“. Напротив, според последните сознанија на Специјалното јавно обвинителство, снимањето било извршено во Македонија, со опремата на УБК при МВР, која потоа смислено и со цел да не се откријат трагите била уништена и тоа со наредба на лица кои се поставени на тие функции од страна на актуелната власт.

Спин 2: Ова што ни се случува не е во интерес на никој во Македонија. Ова е нечиј туѓ интерес. Ваквата криза никому не му помогна во земјата. Ниту на власта, ниту на опозицијата, колку и да се имаше такви очекувања…. Оваа криза е за нечиј туѓ интерес. За нечии туѓи цели и интереси. Некој кој сака нешто да постигне. Некој кој сака преку завојуваните политичари, политички лидери и нивни поддржувачи, да оствари своја цел.

Контраспин: Повторно немаме релевантност да се потврди она што го вели Иванов. Прво, „ова што ни се случува“ се случува поради политичка криза предизвикана од политичари во Македонија, пред сè, на власт, и поради доценењето со излезот, т.е. со спроведувањето на „Договорот од Пржино“, најмногу поради опструкциите во многу сегменти од страна на власта, кои се добро документирани во јавноста. Оттука, извртување е да се тврди дека „ова што ни се случува“ е од странство, како и дека не ѝ одговара „ниту на власта“…Власта со спрооведување на избори без опозиција и со опструкциите посебно во делот на СЈО, очигледно влече потези кои ѝ одат во прилог.

Спин 3: Политиката се претвори во тоа кој кому ќе пушти повеќе кривични пријави и ќе отвори кривични постапки, кај кого ќе има повеќе претреси и притвори. Кој колку другиот ќе го заплаши и заглави. Судиите се под невиден притисок од сите страни. Претставници на меѓународната заедница ни се шетаат низ судовите, додека тие треба да донесат одлуки дали некого да притворат или не. Пред некој ден еден судија однесоа во болница затоа што колабира за време на процесот.

Контраспин: Со тврдењето во што се претворила политиката, паѓаат тезите за „туѓ интерес“. Политиката ја водат избраните претставници на народот, кои формираат Влада и таа ја води земјата, односно ја креира политиката. Второ, ако судиите се под невиден притисок од сите страни, зошто тогаш се продолжува со тврдењето и на власта и на правосудството, дека одлуките што се носат во врска со актерите во политичката криза и СЈО, се одлуки на независни и непристрасни судии и судски совети. И каква врска има поврзувањето на колапсот на судијата што ја испрашуваше Гордана Јанкуловска, со претставници на меѓународната заендица кои ни се шетале во судовите?

Спин 4: Се распушти Собранието. Опозицијата објави бојкот на изборите и формирање на фронт за слобода. Ова значи дека ќе се оди и на попречување на одржувањето на изборите. Имаме техничка влада со ограничени овластувања. На раб сме на кризна состојба. Работата е заплеткана до бескрај и никој не може да ја отплетка, дури ни водствата на партиите, ниту, пак, претставниците на меѓународната заедница.

Контраспин: Р.Македонија не е на раб на кризна состојба, туку е во длабока криза уште од настаните од 24 декември 2012 година, со исфрлање на пратениците на опозицијата од Собранието. Работата навистина „е заплеткана до крај“, но извртување на вистината е дека ниту водствата на партиите, ниту претставниците на меѓународната не можеле да ја отплеткаат. Постои(еше) „Договор од Пржино“, со рокови, „итни реформски приоритети“ на Владата, со рокови и други насоки кои кажуваат како да се излезе од кризата. Тоа што пак, опозицијата се решила на бојкот на изборите, на никој не му дава за право однапред да тврди дека „ќе се оди на попречување на одржувањето на изборите“

Спин 5: Доаѓаат месеци и години кога политичарите, независно кој од нив се на власт, а кој во опозиција ќе се занимаваат со сериозни и стратешки важни одлуки за државата, нацијата и идентитетот и јас не сакам да дозволам ниту оние кои ќе бидат во власта, ниту оние кои ќе бидат во опозицијата, да носат одлуки, а да се истовремено оптоварени и под личен притисок од можноста неправично да бидат уценети, да се соочени со лична закана за својата слобода, чест и углед, иднина или каква било уцена од некој надворешен или внатрешен фактор.

Контраспин: Оние политичари што направиле каков било криминал, а особено изборен, не смеат никогаш да се занимаваат со „сериозни и стратешки важни одлуки за државата, нацијата и идентитетот“. Помилувањето на такви криминогени политичари, е криминоген чин сам по себе и задава удар на интересите на државата и на граѓаните. Но, јавноста, поради одлуката на Иванов, сега не може да дознае преку судска постапка, кој од политичарите бил измамник и криминалец, а кој не.

 

ГИ ПОМИЛУВАЛ ЗА ДА ГО ПРЕСЕЧЕ ЈАЗОЛОТ!?

Спин 6: Од овие причини со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи…одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни….

Контраспин: Со одлуката за масовно прекинување на сите постапки (!?), Иванов, без сомнение и за експертите, само ја продлабочи недовербата и кризата, ја урна вербата во функционирањето на правната држава и на принципот на неселективна правда и ја зголеми политичката криза во државата. Тоа, впрочем, се покажа уште истата вечер кога ја соопшти одлуката.

Сите помилувања. Извор: Хелсиншки комитет.
Сите помилувања. Извор: Хелсиншки комитет.

Спин 7:  Не се водев од позицијата кој на која политичка опција припаѓа, туку се водев исклучиво од државниот и националниот интерес… не поаѓам од моите лични позиции, туку од државните интереси.

Контраспин: Државен интерес од највисок приоритет е откривање на сторителите на нелегалното прислушкување, на прашањето за местење на изборите неколку изборни циклуси наназад и откривање на деталите за корупција од високи размери при водењето на извршната власт. Република Македонија нема повисок приоритет од сигурноста на нејзините граѓани, која, пак, многу зависи од функционирањето на правната држава.

Спин 8: Не навлегував во тоа дали е некој невин или виновен. Поаѓам од пресумпцијата на невиност. Моја претпоставка е дека најголемиот дел не се виновни за тоа за што им е покрената кривична постапка, иако не можам да го потврдам тоа без судска одлука.

Контраспин: Помилувањето му е дадено како уставно право на претседателот на државата да прави баланс меѓу правото, правдата и хуманоста на општеството и тоа во одделни случаи кои обично се специфични. Претседателот на државата не може своите одлуки да ги носи под претпоставка, особено не под претпоставка дека „најголемиот дел не се виновни за тоа што им е покрената кривична постапка“. Тој треба да знае и да е сигурен, а не да препоставува.

Спин 9:  Најголемиот дел од прекините на постапките се во фаза кога некому му е само поднесена кривична пријава, а воопшто не е покрената истрага или обвинение, или пак судски рочишта…

Контраспин: И во случајот на поднесените кривични пријави од страна на опозицијата до редовното Обвинителство и во случаите на поднесените кривични пријави од страна на Специјалното јавно обвинителство, станува збор за неколку десетина лица кои или се во фаза на истрага или веќе имаат обвинителен акт или, пак, има и судски рочишта.

Спин 10: Дејствувањето на некои институции во изминатиот период кои треба да се само професионални, добива впечаток дека имаше призвук на политичка хајка и оттука, доколку и во иднина тоа го почувствувам, ќе дејствувам соодветно и ќе го направам истото.

Контраспин: Иако реченцата не е средена и лекторирана, јасно е дека Иванов зборува за работата на СЈО. „Се добива впечаток дека имаше призвук на политичка хајка“… и дека ако тоа го почувствува повторно, пак ќе прекинува постапки. Иванов, како претседател не треба да се води од „призвуци“ и „впечатоци“, туку треба да има сигурни и цврсти докази и факти. Со ова, па дури и да мислел и на редовното обвинителство и судство, тој повторно во старт се меша во нивната работа и им вели и во иднина можам да ви ги прекинам постапките, со што повторно го дерогира правниот систем и сигурноста на граѓаните..

 

СТРАНЦИТЕ, СЕПАК, БИЛЕ ДОБРИ

Спин 11: Убеден сум дека со оваа одлука правам крупен чекор кон меѓусебно помирување… Убеден сум дека со овој чекор им помагам и на меѓународните посредници кои имаат добри и чесни намери кон нашата земја.

Контраспин: Ако меѓународните посредници имаат добри и чесни намери кон нашата земја, чија е „туѓата игра“, какви се намерите на „странските претставници што шетаат по судови кога судиите колабираат“ и кои се тие странски завери и сценарија што не можат да се дискутираат отворено со јавноста и со меѓународните претставници? Контрадикторно е претседателот во половина свој говор да споменува заговори од странство, а потоа да вели дека „меѓународните посредници имаат добри и чесни намери кон нашата земја“.

Спин 12: На крајот ќе заклучам: Јас ова што ѝ се случува на Македонија не можам да го дозволам во мојот мандат. Ние не смееме тоа да го дозволиме како генерација. Ова што се случува во Македонија е сѐ, само не политика, ова е поголема игра, во која Македонците, но и другите, Албанците и останатите, и не само политичарите, туку и академиците, професорите, лекарите, интелектуалците, бизнисмените, сите се под уцена и сите се заложници на оваа ситуација. Кризата ќе заврши кога ќе престанат сите да бидат заложници на страв, лична освета, гнев, омраза и поделби.

Контраспин: Ако ова што се случува е „поголема  игра“ во која Македонците, но и другите, Албанците и останатите….се под уцена и се заложници.., тогаш ѓаволот ја однел шегата. Во таков случај, претседателот на Република Македонија е должен веднаш да го свика Советот за безбедност со кој претседава, веднаш да го свика Собранието на РМ, кое според Уставот може да заседава во вонредни и кризни ситуации, и веднаш на сите граѓани да им соопшти под каква закана се наоѓа Македонија и нејзините граѓани.

На крајот, вреди да се потенцира една реченица од говорот на претседателот, која, според нашето лично мислење, е многу вредна и никако не е спин:

Ако некого со оваа постапка го навредив, или на кој било начин го доведов во состојба да се чувствува непријатно, јавно му се извинувам и потенцирам дека немав кон никого лоша намера.

Постои една изрека која е многу позната во нашата средина и е поврзана со Христијанството, иако веруваме дека ја има и кај другите религии: „Патот до пеколот е поплочен со добри намери.“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар