Контраспин: Груевски ќе ја прави Македонија извозник на струја, а во негово време увозот растеше

Фото: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во предизборната кампања за претстојните локални избори, најави дека Македонија во наредната декада ќе стане електро-енергетски независна. Ова ветување ќе беше издржано и ќе влеваше доверба, доколку за време на неговото десетгодишно владеење Македонија го зголемеше домашното производство на струја и го намалуваше увозот. Но, напротив, за време на „преродбата“ домашното производство паѓаше, а увозот на струја растеше

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во предизборната кампања за претстојните локални избори, најави дека Македонија во наредната декада ќе стане електро-енергетски независна. Ова ветување ќе беше издржано и ќе влеваше доверба, доколку за време на неговото десетгодишно владеење Македонија го зголемеше домашното производство на струја и го намалуваше увозот. Но, напротив, за време на „преродбата“ домашното производство паѓаше, а увозот на струја растеше

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Спин: Сега Македонија е увозник на електрична енергија за 30 до 40 отсто, но преку градење на нови електрични капацитети, до крајот на новата декада Македонија од нето-увозник, ќе прерасне во нето-извозник… Ќе има повеќе производство на струја отколку што се внатрешните потреби и ќе се извезува и на тој начин дополнително ќе се внесуваат девизни средства и заработка во Република Македонија.

[Извор: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ – novaera.mk, Датум: 01.10.2017 година]

 

Контраспин: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на партискиот митинг во Свети Николе на 01.10.2017 година, истакна дека тој и неговата политичка структура имаат кредибилитет и знаење драстично да го зголемат производството на струја, така што државата од зависник на увоз би станала извозник на електрична енергија. Арно ама, резултатите во овој сектор за време на неговото десетгодишно владеење го говорат сосема спротивното, што го доведува во прашање неговиот кредибилитет да ја оствари оваа најава.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Имено, според годишниот Извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2006 година, во годината кога Груевски всушност дојде на власт, термоцентралите (ТЕ Битола, ТЕ Осмојеј и ТЕ Неготино) и хидроцентралите (ХЕЦ Тито, ХЕЦ Шпиље, ХЕЦ Тиквеш, ХЕЦ Глобочица, ХЕЦ Козјак), кои функционираат во рамки на државната компанија АД ЕЛЕМ, произвеле 6.509.919.729 киловатчасови. Покрај тоа, малите хидроцентрали, кои ги градат и управуваат приватни компании на разни локации, добиени по пат на концесија, произвеле 143.533.874 киловат часови.

Тоа значи дека вкупното домашно производство на струја (термо и хидроцентрални во рамки на АД ЕЛЕМ плус мали хидроцентрали во приватна сопственост) изнесувало 6.653.453.603 киловатчасови, што задоволило околу 77 отсто од потребите на тарифните потрошувачи (75,5 АД ЕЛЕМ плус 1,6 мали хидроцентрали). Остатокот од речиси 23 отсто бил задоволен од увоз на електрична енергија, што во превод значи дека биле увезени 1.958.345.174 киловатчасови. Притоа, увезената струја чинела двојно поскапо од струјата произведена дома, така што за оваа година државата за увоз на струја платила скоро 88 милиони евра.

За 2006 година, цената на произведената електрична енергија од АД ЕЛЕМ изнесува 1,30 ден/kWh, односно 21,17 €/MWh, додека цената на увезената електрична енергија изнесува 2,78 ден/kWh, односно 45,20 €/MWh. Вредноста на увезената електрична енергија во 2006 година изнесува 87.886.810 €, се наведува во Извештајот на РКЕ за 2006 година (стр.26)

Според Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за минатата 2016 година, која е последната година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, пак, постројките во рамки на АД ЕЛЕМ произвеле вкупно 4.299.882.249 киловатчасови. Дополнително, малите хидроцентрали произвеле произвеле 389.313.419 киловатчасови, додека оваа година има и многу други главно недржавни извори што ги немало во 2006 година (ТЕ-ТО, Когел и др.) така што севкупното домашно производство од државни и приватни постројки изнесувало 5.302.744.587 киловатчасови. Увозот, пак, оваа година изнесувал 2.190.606.000 киловат часови.

Кога ќе се спореди годината кога Груевски стана премиер (2006) и последната година пред неговата ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти власта (2016), произлегува дека во овој десетгодишен период вкупното домашно производство на струја е помало за 1.350.709.016 киловатчасови, додека увозот на струја е зголемен за 232.260.826 киловатчасови. Оттука, најавата на Груевски дека ја ќе направи Македонија извозник на струја, откако во негово време домашното производство паднало, а увозот пораснал, е класичен предизборен спин, кој треба да привлече гласови.

 

МИЛИОНСКИ ИНВЕСТИЦИИ СО КОНТРАЕФЕКТ

Инаку, ваквиот тренд на опаѓањето на домашното производство на струја, пред сè, на постројките во рамки на државната компанија АД ЕЛЕМ и паралелното зголемување на увозот на струја, се забележува речиси константно од година на година. Конкретно, во 2007 година, производството на АД ЕЛЕМ паднало на 5.621.292.222, а увозот пораснал на 2.615.525.692 киловатчасови. Во 2008 година, пак, капацитетите на АД ЕЛЕМ произвеле уште помалку електрична енергија – 5.615.354.095 киловатчасови, додека увозот уште повеќе пораснал – 2.758.918.000 киловатчасови.

Единствен исклучок се 2009 и 2010 година, кога се зголемува домашното производство и се намалува извозот, што не е резултат на зголеменото термопроизводсто на струја, туку на зголеменото хидропроизводство. Така, во 2009 година домашното производство на капацитетите на АД ЕЛЕМ расте на 5.886.197.820, поради тоа што призводството на хидроелектраните расте од 738.028.432 во 2008 на 1.097.642.900 киловатчасови во 2009 година. Во следната 2010 година, пак, вкупното производство на АД ЕЛЕМ пораснало на 6.467.469.597, од причина што што хидропроизводството поарснало на 2.184.830.851 киловатчасови. Во овие две години, увозот се намалува на 1.716.731.851 во 2009, односно на 1.602.312.654 киловатчасови во 2010 година.

Сепак, неповолниот тренд на намалување на домашното производство и зголемување на увозот продолжува во следните години. Притоа, во последните 10 години, евидентно е намаленото домашно производство во термоелектраната РЕК Битола, која обезбедува над две третини од домашното производство на струја. И покрај многуте најави, владите на Груевски не изградија ниту една нова голема хидроцентрала, меѓутоа инвестираа милионки суми за модернизација и ревитализација на трите блока во рамки на РЕК Битола. Иако на тој начин се зголеми нивниот капацитет, сепак, производството опаѓаше.

Во 2009 година, АД ЕЛЕМ склучи договор со руската „Силовије Машини“ за модернизација на блоковите, односно турбините и генераторите, вреден 56 милиони евра. Реновирањето заврши во 2013 година, кога руската компанија објави дека капацитетот е зголемен за вкупно 15 мегават часови, или 8 мегават часови по блок. Но, во оваа година РЕК Битола произвел 3.572.617.182, што е за 398.387.375 киловат часови помалку во споредба со 2012 година, а производството на термлектраната уште повеќе паѓаше во следните години (во 2014 година 3.316.825.057, во 2015 година 2.986.247.852 киловатчасови…).

Исто така, АД ЕЛЕМ во 2011 година склучи договор и со германската компанија „Бабкок Борсиг“ тежок над 100 милиони евра за ревитализација на котлите на РЕК Битола, во насока на постигнување на истата цел – зголемување на ефикасноста и продолжување на експлоатацискиот век на термоелектраната за 120.000 работни часови. Тоа значи дека владата на Груевски вложила над 150.000.000 евра во РЕК Битола бадијала, бидејќи производството на комбинатот се намалува. Кога Груевски и неговиот тим потфрлија онаму каде имаат најголема надлежност и каде потрошија огромни суми, се поставува прашањето како од земја каде увозот се зголемува, ќе направи извозник на струја?

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција