КОНТРАСПИН: Груевски предизборно ги купува пензионерите со парите на сите граѓани

Есапот кажува над 300 илјади луѓе со право на глас. Фото: веб сајт на ВМРО ДПМНЕ

Зголемување на висината на пензиите без реален приход на Фондот или од економијата, е класична политичка корупција со парите на сите граѓани. Минатата година  сменет е дури и законот за да може во изборна година да се исплатат линеарни покачувања надвор од предвидениот термин за усогласување на пензиите

 

Пишува: Теофил Блажевски

Најнов пример на извртување на вистината од политичарот Никола Груевски беше искажан во следната изјава:

Спин: Досега со зголемувањата на пензиите просечната пензија е зголемена за 70, а минималната за 90 проценти. Сега на сето ова ќе има ново, 5 процентно зголемување. Вкупно околу 300,000 пензионери ќе добијат по 670 денари плус. И покрај сите проблеми со кои што се соочи Владата, сепак со многуте мерки кои се превземаа се ублажија последиците од политичката криза која имаше удар врз економијата и се овозможи да сепак дојде до зголемување на пензиите онака како што претходно беше планирано, рече Груевски.

 

[Извор: Нетпрес, Датум, 29.09.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Никола Груевски лидер на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, направи  спинување со изјавата дека пензионерите ќе добијат повисоки пензии почнувајќи од ноемвриската, бидејќи имало заштеди во економијата и бидејќи се ублажиле последиците од политичката криза благодарение на мерките на Владата.

Изјавата што ја даде екс-премиерот може да се оцени само како продолжување на неговите извртувања на вистината на тема пензиии и подостоинствен живот за пензионерите, бидејќи владите кои тој ги редводеше водеа политика на чување на стандардот на пензионерите преку зголемувања на пензииите и други придобивки од типот бесплатен превоз, бесплатна жичара, бесплатно бањско лекување и престој, итн., но, сето тоа без основа во реалната економска политика.

Станува збор за социјални мерки и трошења на државата кои поради своите непоткрепености во основните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, доведоа до драстичен пораст на трансфер на средства од државниот буџет, преку Министерството за труд и социјална политика.

Накратко – Фондот е замислен да се полни од идните корисници, односно од сите кои остваруваат приходи на регуларна основа со нивните договори за вработувања. Во случај на нормални економски текови, пристојни плати и новоотворени работни места, Фондот би требало да биде ликвиден, т.е. да може да ги исплаќа редовно своите обврски кон пензионерите. Иако, овие проблеми не се исклучок само за Македонија, пред сè поради трендот на стареење на населнието, факт е дека Фондот во последните неколку години драматично тоне во поглед на приходите, а тоа го покажува стапката на пораст на приливите што мора да се одвојот од Буџетот за да се покрие тој јаз.

defitsit-vo-piom

 

Ако пред некоја година се одвојувале 200-300 милиони евра од државниот буџет, сумата предвидена за 2017 изнесува над 450 милиони евра, со што, безмалку 50 отсто од расходите на Фондот се покриваат од Буџетот. Оваа растечка криза во однос на приходите на Фондот не е од вчера, но е засилена со политиките на Владата од пред повеќе години, пред сè со туркањето на втор и трет пензиски столб, а и со намалувањето на стапките што се одвојуваат од бруто платите за главниот пензиски фонд од 2009 г., а кое мораше да запре во 2013 година поради апсурдноста и натаму да се намалува. Тоа е суштината на проблемот за кој од поодамна предупредуваат домашните експерти и опозициски политичари, а кој е забележан и е алармиран и од Светска банка.

Со пребарување на интернет, пак,  не успеавме да најдеме дека поради преземените мерки дошло до ублажување на последиците од кризата, па оттука се заштеделе пари за ова покачување на пензиите. Самата реченица „ублажување на последиците“ е премногу непрецизна, но генерално гледано, ниту драстично пораснал извозот, ниту се намалиле стапките на другите непродуктивни трошења на Владата, ниту пак, има драстично зголемени приходи во Фондот од нови обврзници. Впрочем еве ги основните економски показатели, како и макроекономските показатели на Народна банка анализирани заклучно со март 2016.

Има уште други два елемента кои ја расветлуваат вистината со пензиите. Првата е законска. Имено според Законот за пензии, досега висината на старосните пензиите требаше да се усогласува два пати годишно согласно зголемувањето на трошоците за живот и порастот на платите. Но, Владата на Груевски уште лани го менува членот 37 од Законот и вели дека ова правило нема да важи за 2016

Во 2016 година сите видови на пензии согласно со овој закон се усогласуваат на начин што вкупниот износ за исплата на пензиите за септември 2016 година се зголемува за 5% и се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои пензијата ја оствариле заклучно со септември 2016 година. (Службен весник бр.173/15 стр.16)

Зголемувањето сега ќе се изврши со номеврискат пензија, исплатата е на почетокот на декември, а изборите се закажани за 11 декември.

Поради ова, во критичката јавност владее  уверување, дека политиката на чување на стандардот на пензионерите не е ништо друго туку прикриена мерка за купување гласови или отворена политичка корупција и тоа со парите на сите граѓани кои често се покриваат и со земање на високи задолжувања во странство.

Конечно, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски уште еднаш, како многупати досега од кога не е премиер, покажа дека не е подготвен да го напушти принципот на немешање на партијата со државата, па во име на Владата најавува мерки од еконоската или социјалната политика.

Поради сите овие аргументи, изјавата на Груевски дека пензиите ќе се зголемат бидејќи биле направени значителни мерки што ги презела Владата за да се ублажат последиците врз економијата поради политичката криза, е исклучително проѕирен спин.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција