Контраспин: Измените на КЗ по итна постапка сe доказ дека антикорупцијата е мртва

Фото: Bermix Studio on Unsplash

Со измените на членовите 353 и 353-в и 394, се дезавуираат сите други корисни предложени измени на членови во новиот КЗ, кои навистина значат усогласување со ЕУ. Но, воедно се дезавуира и секоја друга декларативна или напишана заложба на партиите од власта и нивните лидери, а и од најголем дел од опозицијата, дека сакаат да се справат со корупцијата во оваа држава и дека се подготвени за бескомпромисна борба во таа насока. Со други зборови, антикорупцијата е мртва, да живее неказнивоста

 

Со измените на членовите 353 и 353-в и 394, се дезавуираат сите други корисни предложени измени на членови во новиот КЗ, кои навистина значат усогласување со ЕУ. Но, воедно се дезавуира и секоја друга декларативна или напишана заложба на партиите од власта и нивните лидери, а и од најголем дел од опозицијата, дека сакаат да се справат со корупцијата во оваа држава и дека се подготвени за бескомпромисна борба во таа насока. Со други зборови, антикорупцијата е мртва, да живее неказнивоста

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Владата, преку овластени претставници на Министерството за правда доставија предлог за измени на Кривичниот законик, кои експресно беа усвоени во еден ден, а во образложението се детектира спин:

Спин: Веќе подолг временски период се изготвува новиот Кривичен законик. Во него посебно внимание е посветено на усогласувањето со меѓународните стандарди, а посебно со актите на Европската Унија. Со оглед дека се работи за обемен и сложен процес, постапката за негово донесување и примена ќе трае подолг временски период… Во меѓувреме се појавија одредени ургентни прашања за кои сметаме дека би било целисходно да бидат регулирани за пократок период. Затоа, се издвоени некои ургентни прашања и е изготвен Предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој би бил донесен и чија примена би отпочнала за пократок период.

[Извор: Собрание на РСМ – датум: 06.09.2023]

 

 

Контраспин: „Кога од дрвјата не се гледа шумата“ е добра изрека за образложението што го дала Владата во предлогот за измена на Кривичниот законик, кои во текот на еден ден поминаа и собраниска комисија и беа усвоени на пленарка, што е, пак, доказ дека и изреката „договор куќа гради“, сепак, може да важи и за македонското Собрание.

Зашто, под превезот усогласување со европското законодавство, скриени се измени на три многу важни членови поврзани со борбата против корупцијата, организираниот криминал и злоупотребите на функциите на избраните или именуваните лица, во насока на намалување на досегашната казнена политика или целосно бришење на некои дела.

Станува збор за членовите 353, 353 -в и 394, кои досега се многу пати менувани. Обично по избори, во насока на заострување на казнената политика и прецизирање на кривичните дела, а пред нови избори во насока на ретерирање и замаглување на дотогаш постигнатото. Така беше и пред изборите во 1998, кога беше избришана од законот „одговорноста на службено лице во правното лице“, така е и денеска пред изборите дали оваа, дали следната година. Впрочем дека КЗ, е станат „растеглива категорија“, сведочи и признанието на власта која ги подготвила и овие нови измени и во кое се наведува дека од 1996 година досега КЗ бил менуван речиси 40 пати:

Кривичниот законик на Република Северна Македонија беше донесен на 23 јули 1996 година, објавен во Службен весник на РМ бр. 37/96, а започна да се применува од 1 ноември истата година. Оттогаш македонскиот Кривичен законик е новелиран триесет и девет пати, се наведува во воведниот дел Оценка на состојбата.

Понатаму, во образложението се наведува дека на измените се работи подолг период поради усогласување на КЗ со еврoпското законодавство, но дека во меѓувреме се појавиле некои „ургентни прашања“ и затоа бил изготвен овој предлог за измени на законот:

„Имено, се работи за следниве прашања: Усогласувањето со Регулатива (ЕУ) бр. 258/2012 на Европскиот парламент и на Советот од 14 март 2012 година за спроведување на член 10 од Протоколот на Обединетите Нации против незаконско производство и трговија со огнено оружје…

Одредби заради целосно усогласување со Директивата (ЕУ) 2017/1371 на Европскиот парламент и на СОветот од 5 јули 2017 година и за сузбивање измами извршени против финанскиските интереси на Унијата со казненоправни средства… одредба која се однесува на проширување на опфатот на примената на проширената конфискација…Еден од врвните приоритети на Владата на РСМ е справување со еколошкиот криминал. За таа цел, најголемиот дел од одредбите содржани во Предлог Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик се однесуваат на еколошките кривични дела кои се усогласуваат со директивите на ЕУ во оваа област…“

Покрај „европските“, вметнати се три неевропски измени

Навистина, ако се погледне детално материјалот, постојат еден куп корисни измени во КЗ кои одат во насока на зголемени санкции за многу важни работи, меѓу другото и заштита на животната средина, санкции за предизвикувачите на пожари, за бучава, за заштита на слатководните видови животни низ реките и езерата, итн. Но, во целото тоа море корисни измени, вметнати се измените на членовите 353, 353-в и 394:

Членот 353 се менува и гласи : (1) Службено лице кое ќе преземе службено дејствие со кое ќе ги пречекори границите на своите службени овластувања или нема да ја извршува својата службена должност, со намера да прибави за себе или за друг некаква имотна корист или на друг да му нанесе штета, или потешко да ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

(2) Ако искористувањето на службената положба или овластување, пречекорувањето на границите на службеното овластување, има влијание на незаконско зголемување на имотот на службено лице како резултат на сторување на делото од став (1) на овој член, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.

(3) Ако сторителот од делото од став (1) на овој член, со намера прибави за себе или за друг поголема имотна корист или нанесе поголема имотна штета, ќе се казни со затвор од една до четири години.

(4) Ако сторителот од делото од став (1) на овој член, со намера прибави за себе или за друг значителна имотна корист или нанесе значителна имотна штета, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(5) Со казната од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице на странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Северна Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност.

(6) Прибавената имотна корист се одзема.

И,

Во член 353-в во став 1 зборовите „и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или“ се бришат.

Ставот (2) се брише.

Во ставот (3) кој станува став (2), зборовите „најмалку три години“ се заменуваат со зборовите „од шест месеци до пет години“.

Како и

Во член 394 во ставот (1) зборовите „до десет години“ се заменуваат со зборовите „до три години“.

Во ставот (2) зборовите „од шест месеци до пет

години“ се заменуваат со зборовите „до две

години“

 

Измени за поттикнување неказнивост

Како што прецизно појаснија медиумите, со овие измени се предлага намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови со запретена казна од најмалку 5 години затвор, максималната казна затвор за Злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот. А во практика, тоа би значело на пример за неколку предмети од некогашното СЈО, бришење и застарување на предмети.

Па, така, со овие измени, всушност, се дезавуираат сите други предложени измени на членови во новиот предлог за измени на КЗ. Но, воедно се дезавуира и секоја друга декларативна или напишана заложба на партиите од власта и нивните лидери дека сакаат да се справат со корупцијата во оваа држава и дека се подготвени за бескомпромисна борба во таа насока.

Впрочем, тоа го забележа и експертската јавност. Блупринт групата за реформи во правосудството составена од специјализирани невладини организации за владеење на правото во експресното соопштение заклучија:

Како Блупринт група сметаме за потребно да посочиме дека последиците што можат да настанат од вакви интервенции во законот ќе бидат погубни во борбата против организираниот криминал и корупцијата и ќе ја зголемат и така големата неказнивост за сторителите на овие дела.

***

Сега, освен со бавните истраги или непостоење на истите од страна на ЈО за многу случаи со силни индиции за корупција, освен непостапување по најголемиот дел од препораките на ДКСК до Владата и до други институции, освен неразбирливите судски одлуки со ниски казни или со ослободителни пресуди, сега имаме и уште еден цврст доказ за непостоење на таа политичка волја кај чинителите на власта. Но и кај најголем дел од опозицијата, особено главната партија ВМРО-ДПМНЕ, кои со своето присуство и пасивно однесување овозможија вакви експресни измени.

И воопшто не е важно дали исти вакви промени барале од ВМРО-ДПМНЕ во 2018, а Зоран Заев навистина бил бескомпромисен или е тоа лага и воопшто не е важно дали Кренар Лога, министерот за правда од Алијанса со тоа што немал да го брани законот испраќал порака дека Алијанса не стоела зад него, исто како што воопшто не е важно дали измените на КЗ се договор со Груевски, Мицкоски или други како дел од трампа за гласање на уставните измени, односно за да се настапи со Преспа 2 „проектот“, со кој сите во власта и опозицијата би биле во вин-вин состојба, а владеењето на правото и правдата би биле неофицијално прогласени за мртви. Со други зборови, антикорупцијата е мртва, да живее неказнивоста!

Зашто, да повториме, сите политички партии од власта и голем дел од опозицијата и со овој чин, покажаа „нула“ волја за спречување на корупцијата и злоупотребите.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција