Контраспин: Јавното обвинителство не сака да ги наведе деталите за пречекорените истраги
Министерот за правда Кренар Лога излезе со мислење во име на Министерството за правда дека Годишниот извештај на Јавното обвинителство на РСМ (ЈОРСМ) за работата во 2022 година има недостатоци, при што посебно го потенцираше долгото траење на предистражните и истражните постапки во Обвинителството, на што доби остро појаснувачко-кавгаџиско соопштение од ЈОРСМ, во кое има спин
Министерот за правда Кренар Лога излезе со мислење во име на Министерството за правда дека Годишниот извештај на Јавното обвинителство на РСМ (ЈОРСМ) за работата во 2022 година има недостатоци, при што посебно го потенцираше долгото траење на предистражните и истражните постапки во Обвинителството, на што доби остро појаснувачко-кавгаџиско соопштение од ЈОРСМ
Додека се подготвува овој текст, одржан е поширок „помирителен“ состанок во Правда, но спинот што може да се констатира во појаснувачкото соопштение на ЈОРСМ останува – постојат многу долги постапки, а обвинителството не сака да навлезе во детали, колку и како
Пишува: Теофил Блажевски
Јавното обвинителство на РСМ излезе со соопштение/став во врска со оценката на Министерството за правда за Извештајот на ЈОРСМ 2023, при што може да се забележи спин:
Спин: Не е точно дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки. Во извештајот е наведено дека основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1.398 лица што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година. Во 2022 година, обвинителствата постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2.166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени се истрагите против 1.433 лица или 66,1% од вкупниот број истраги во работа… Министерството за правда во делот на траењето на истражните постапки го цитира Извештајот на американскиот Стејт департмент за состојбата со човековите права за 2021 година во кој навистина се нотираше долготрајност на истражните постапки, поради што и Јавниот обвинител на РСМ веднаш по неговата објава организираше средби со сите јавни обвинители и со меѓународни претставници за анализа на причините за констатираните состојби. Врз основа на утврденото и дадените образложенија, американскиот Стејт департмент објави извештај и за 2022 година во кој оценките се поинаку формулирани во овој дел, односно се наведува дека роковите за водење на истраги предвидени во ЗКП се инструктивни, а не задолжителни и дека во пракса се случува понекогаш тие да се надминат за што како причини се наведуваат недоволни ресурси и сложеност на соодветните предмети.
[Извор: ЈОРМ – Соопштение, датум: 15.11.2023]
Контраспин: Главниот обвинител Љубомир Јовески и министерот за правда Кренар Лога во актуелната кавга, се чини, не се разбираат, иако делумно Јовевски го потврдува она што го кажува Лога. Оттаму, може да се најдат и два-три елементи кои имаат доза на извртување на вистината, т.е. спин во соопштението на Обвинителството.
Кога појаснува Обвинителството дека има пораст на завршени истраги, кои резултирале со обвинителен акт или предлог, оттаму велат дека не е точно оти во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки. Дека лани донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1.398 лица што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2.166 лица и дека лани во однос на ажурноста на истражните постапки завршени се истрагите против 1.433 лица или 66,1% од вкупниот број истраги во работа.
Тоа значи дека 44 отсто или поточно 43,9 отсто се незавршени и траат долго. Причините се важни, но резултатот е тој. Или во однос на луѓе, тоа значи 733 лица што биле под истрага во 2022 година имале проблем со долги истраги. Токму тоа го кажува и во мислењето Кренар Лога.
Податоците за времетраењето на истражните постапки се од круцијално значење, со оглед на фактот дека во праксата овие рокови јавните обвинители ги сметаат како инструктивни рокови кои не се почитуваат, а истрагите се одолговлекуваат- оценил министерот во мислењето до Владата преку Генералниот секретаријат, а во врска со годишниот извештај за работата на ЈО 2023, а кој се однесува на 2022 година.
Причините за кои станува збор за долгите постапки во Обвинителството, можеби во најголем дел се објективни, но дека процентот на долгите истраги во земјата е голем – 44 отсто, тоа е факт. Или како што вели Владо Георгиев од Државната комисија за спречување корупција – бројот на обвинители е само една од причините, а треба да се види и како обвинителите си ги гледаат работите однатре.
Д-р Слаѓана Тасева, претседателката на Транспаренси интернешенл – Македонија, за Вистиномер изјави дека во Законот за кривична постапка роковите се преклузивни, а не инструктувни.
Точно е тоа дека предолгото траење на истрагите е проблем во земјата. Роковите не се инструктивни, како што појаснуваат од обвинителството. Тие се во ЗКП преклузивни, односно мора да се почитуваат, а само во исклучоци по одобрување од Виш јавен обвинител може да бидат инструктивни да се пречекорат. Конечно, обвинителите имаат неограничено време во пред истрагата и токму затоа роковите за истрагата треба да се почитуваат, вели Тасева.
Дека Обвинителството преку Извештајот на Стејт Департментот за 2022 година сака да се вади на законската инструктивност на роковите и во „некои случаи“, покажува и оценката што ја добивме од Коалицијата Сите за правично судење, кои, водејќи се од судската пракса што ја следат, оценуваат дека исклучокот во пракса многу често станува правило.
Од аспект на тоа што Коалицијата досега го има воочено во пракса од постапувањето на јавното обвинителство, особено во предметите од областа на организираниот криминал и корупција, кои се од особен јавен интерес, е дека роковите за завршување на истрагите не се почитуваат во целост и истите се пречекоруваат. Како посебен таков предмет би можеле да го издвоиме предметот „Империја“. За овој предмет наредбата за истрага беше донесена во ноември 2018 година, а обвинението е поднесено во декември 2022 година, односно после скоро 4 години. Исто така, во однос на предметите кои се од јавен интерес, а за кои поранешното СЈО отвори истраги, за жал сé уште во јавноста нема податок колку од тие истраги се завршени, освен оние неколку предмети за кои беше покренато обвинение. По однос на останатите истраги на Jавното обвинителство, за жал нема податок колку од нив се со пречекорени рокови, ниту пак постојат образложени причини зошто се пречекоруваат роковите кои се предвидени во Законот за кривичната постапка – велат од Коалицијата, нагласувајќи дека пречекорувањата влијаат и на должината на судските постапки.
Оттука, не е точно дека Лога во мислењето навел нешто што е невистина кога зборува за оваа материја, дотолку повеќе што Обвинителството и во сопственото појаснување не наведува за колку подолго траат овие истраги. Дали за 6, дали за 12, дали за 15 месеци? Ниту кај овие 44 отсто, ниту кај оние завршените, 66 отсто. Тоа е многу важно и е поврзано и со ефикасност на правосудството и со човековите права истовремено. Бидејќи човек под истрага не може да знае што ќе се случи со него, ниту пак, што му подготвува обвинителството во смисла на обезбедување докази, ниту пак, дали е под ПИ мерки (бидејќи и тоа е дозволено со соодветно образложение и одобрение од суд), па неговата приватност е нарушена на долг временски период, а неговите права можат да бидат, исто така, ограничени. Од одземање на пасош, до ефективна мерка притвор. Која пак, во РСМ со децении се злоупотребува, или се злоупотребува помалку сега, па во 2022 г. била применета само во 3,2 отсто од пријавените над 18 илјади или „само кај 607 лица (стр. 53 од Извештајот на ЈОРМ 2023). Обвинителството притоа наведува дека притвор се бара само во исклучителни случаи, кога доказите не можат да се обезбедат на друг начин, односно „кога тоа е единствен начин за да се обезбеди натамошното непречено одвивање на кривичната постапка“.
Арно ама, реакцијата на Лога се совпадна со веста од одлуката на Судот за заштита на човековите права во Стразбур, за нарушени права на Миле Јанакиески, кој надвор од законот бил држен во притвор многу подолго од дозволеното. Судот, кој секако има дел од кабаетот зашто тој е контролниот механизам, не би донел таква одлука доколку тоа не го бара обвинителството во споменатите два случаи во одлуката од Стразбур. Оттука и не само од Лога, со право се преиспитува долгото траење на постапките во делот на Јавното обвинителство.
Има уште да се дискутира за ова појснувување на ЈОРМ, од тоа зошто не се применува аудио-визуелното снимање на исказите при водење на истрагите, до тоа дека главниот обвинител секоја година и во извештајот и секаде апелирал до извршната власт за повеќе ресурси, технички и човечки и финансиски. Но, Обвинителството, наместо со Министерството за финансии за обезбедување на законски определните 0,4 отсто од буџетот и со Владата, се расправа со Министерството за правда, заборавајќи го фактот дека главниот обвинител во државата го избира Собранието, на предлог на Владата.
Поради сите горе наведени аргументи може да се донесе оценка дека ставот на Јавното обвинителство околу забелешката на министерот за правда за долгото водење на истражните постапки е спинуван. Зашто, и на забалешката на Лога, Обвинителството повторно не одговара во детали, зошто и за колку се пречекорени роковите за водење на истрагите кај 44 отсто од вкупните истраги што не завршиле до крајот на 2022 година, ниту пак, колку од завршените 66 отсто од истрагите биле со надминување на роковите од ЗКП, кои се преклузивни и може да се пречекорат само со добро образложение и по исклучок.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар