Контраспин: Како Заев ги виде Бугарија и Македонија на иста страна во Втората светска војна?!

Фото: Принтскрин

Премиерот Заев се обидува да ја релативизира улогата на Бугарија за време на Втората светска војна и ја сведува нејзината улога  во тоа време на некаква „администрација“, и тоа само на почетокот на војната.  Дел од членовите во македонско-бугарската историска Комисија, се оградија од ставовите на Заев и апелира политичарите да се воздржат од коментари за теми кои не ги познаваат доволно.Поранешниот претседател на државата и екслидер на СДСМ, Бранко Црвенковски  најави дека ќе го замрзне членство во партијата и повика итно да се свика Цебтралниот одбор на социјалдемократите

Премиерот Заев се обидува да ја релативизира улогата на Бугарија за време на Втората светска војна и ја сведува нејзината улога  во тоа време на некаква „администрација“, и тоа само на почетокот на војната.  Дел од членовите во македонско-бугарската историска Комисија, се оградија од ставовите на Заев и апелира политичарите да се воздржат од коментари за теми кои не ги познаваат доволно. Поранешниот претседател на државата и екс-лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, најави дека ќе го замрзне членство во партијата и повика итно да се свика Централниот одбор на социјалдемократите

 

Пишува: Оливера Војновска

Претседателот на Владата, Зоран Заев во последното интервју за бугарската агенција „БГНЕС“,  одговарајќи на повеќе прашања поврзани со актуелниот историски спор со Бугарија, искажа подготвеност повторно да ги отвориме чувствителните теми за народот да разбере што нависина се случувало, а притоа ја даде и следната изјава во која ја спинуваше вистината:

Спин: Ние веќе, мислам дека има преку 20-тина табли во државата сменето каде што стои „бугарски фашистички окупатор“. Тоа не е така! Бугарија не е фашизам. Бугарија е нашиот пријател…, рече Заев, по што на коментарот на бугарскиот новинар: „По таа логика кога зборувате со г-ѓа Меркел, треба да и кажувате дека се фашисти“, категорично кажа:

Тоа не е точно. Имало некојпат, некоја администрација, во тој момент на почетокот. После тоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии, еве знаеме, Крива Паланка, Куманово целиот регион, Скопје и во целиот овој дел.

[Извор: Телма; Јутјуб (од 1,12 до 1,55 минута од видеото) – датум: 25.11.2020]

Контраспин: Во интерјуто Заев се обидува да ја релативизира улогата на Бугарија за време на Втората светска војна, ја сведува на некаква „администрација“ и тоа само на почетокот. И бидејќи не прецизира точно на кој почетен период мисли, од контекстот на неговото натамошно излагање може да се заклучи дека говори за почетокот на војната во 1941 година. А во наредните години од војната, тој во исказот ги претставува тогашните бугарски воени сили во Македонија како „ослобидители“(!). Наспроти овој  значително мек став на Заев историските факти говорат нешто сосема друго.

Историските записи не оставаат простор за дилема на која страна била Бугарија, посочувајќи ја како дел од Тројниот пакт (Германија, Италија и Јапонија) – трите сили на Оската позната и како Рим-Берлин-Токио. Бугарија на оваа Оска се приклучила на први март 1941 година. Историски гледано бугарската окупација на Македонија започнува кон среднината на април 1941 година, набрзо откако на 6 април 1941 г. Германија и Италија го нападнале кралството Југославија.  И, таа трае сѐ до септември 1944 година, кога  советските сили ја окупирале Бугарија не наидувајќи на речиси никаков отпор. По ова, и Бугарија преминала на страна на Сојузниците.

На изјавата на премиерот за БГНЕС вчера реагираа дел од членовите во македонско-бугарската историска Комисија, кои се оградија од неговите ставовите и апелира политичарите да се воздржат од коментари за теми кои не ги познаваат доволно.

Историчарката Љубица Спасковска  на својот Фејсбук профил напиша дека

Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза. Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот окупација е општо прифатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947.

Потоа на Фејсбук се огласи и Огнен Вангелов, исто така член на  мешовитата Комисија со Бугарија, кој напиша дека е „целосно согласен со Спасковска“, и го сподели нејзиниот став на социјалната мрежа.

 

ПЛЕЈАДА ХЕРОИ НА АНТИФАШИСТИЧКАТА БОРБА

Антифашистичката борба на Македонија е силно втемелена во македонската државност и запишана во колективната меморија на народот. Во таа смисла не може да се да се пренебрегне фактот дека на 11 Октомври 1941 година, со нападот бугарскиот полициски участок во Прилеп започнува востанието против фашизмот во Македонија . И, не може и не смее да се заборават оние кои ги дадоа своите животи во оваа борба, ниту пак, злоделата и тортурата врз населението.

Тука ќе посочиме само неколку од плејадата херои во нашата антифашистичката борба.

На самиот почеток на востанието во Македонија, на 14 октомври 1941 година во борба со бугарската војска и полиција во атарот на с. Белановце, Кумановско загина Бајрам Шабани борец на Карадачкиот партизански одред.

Ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, во заседа од бугарската војска на планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владичин Хан, Србија, загина Орце Николов, при обид да ја помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарија.

На 2 март 1942 година во близина на селото Плетвар во заседа од бугарски сили е убиен Борка Талески

На 3 мај 1942 година Битолскиот партизански одред „Пелистер“, во кој била Елпида Караманди, бил опколен од бугарска војска и полиција, а во повеќечасовната борба таа била тешко ранета. Потполно немоќна да изврши самоубиство била фатена од полицијата и по долго мачење умрела.

Есента, на 12 септември 1942 година, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубил Стив Наумов, заедно со неговиот соборец, народниот херој Мите Богоевски.

На 16 декември 1942 година во Велешко Нежилово во судир со бугарската полиција и велешката контрачета загинала Невена Георгиева – Дуња, која имала само 17 години.  Откако тешко ја раниле, ѝ ја отсекле главата ѝ ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот народ. За заплашување, пак, на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во еден централен излог. Во чест на Невена Георгиева се испеани неколку песни од НОВ, меѓу кои се и песните „По поле одат аргати“ и „Пуста останала таја контра чета“.

На 19 декември 1942 во Велес биле упасени од бугарската полиција и пренесени во злогласниот Скопски полициски затвор, Мирче Ацев и Страшо Пинџур. По петдневно физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, обајцата биле убиени 4 јануари 1943 година (биле фрлени низ прозорец). Директни сведовштва за нивното мачење и убиство, дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.

Вечерта на 20 февруари 1943 година, во Скопје најпрво бил ранет од страна на бугарската полиција, а потоа и убиен Раде Јовчевски – Корчагин.

На 16 јуни 1943 година во селото  Ваташа, Тиквешко се случил крвав настан кога бугарските војници стрелале 12 младинци: Васил Хаџи ЈордановФерчо Поп-ЃорѓиевДиме ЧекоровБлаже ИцевВанчо ГуревПане ЏуновДанко ДафковИлчо ДимовГерасим МатаковПане МешковРисто Ѓондев и Перо Видев. Во нивна чест е изграден и споменикот во близина на селото, во месноста Моклиште, а, исто така, овој настан е опеан во песната на Лазар Манчевски, „Ми заплакало селото Ваташа“.

На 7 февруари 1944 г. за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско, бил убиен од бугарската војска Христијан Тодоровски – Карпош. Во негова чест се испеани неколку партизански песни: „Битка се бие кумановско поле“, „Давај ме, мила мамо, давај ме“, „Горо ле, горо зелена“ и „Марш на Трета македонска бригада“.

На 25 февруари, 1944 година, во Козле во близина на некогашната фабрика „Алумина“.  од бугарски војник бил убиен Кузман Јосифовски – Питу, Таму денес постои спомен-плоча.

На 20 мај 1944 година, во борбите со бугарските сили кај селото Страцин, Kумановско била тешко ранета Вера Јоциќ. Партизаните ја извлекле, и ја носеле на шаторско крило три дена и три ноќи. По три дена, починала кај селото Саса, Делчевско. Вера Јоциќ е воспеана во прочуената песна „Очи“ од Ацо Шопов.

Ноќта на 15 јули 1944 година, од бугарската полиција во Штип била блокирана куќата во која се наоѓала. Вера Циривири-Трена. Таа боса почнала да бега кон соседните куќи, но никој не ѝ одговорил на молбите да се скрие. Во моментот кога го прескокнувала ѕидот на оградата од некоја куќа, паднала погодена од полициските агенти, кои ја гонеле. За да не се предаде жива во рацете на непријателот, се самоубила.

Не смее да се заборави ниту депортацијата на Евреите од Македонија, организирана од владите на тогашна Бугарија и нацистичка Германија. Ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година во Битола, Скопје и во Штип биле собрани речиси сите Евреи од Македонија, а кон крајот на март од скопскиот Монопол биле депортирани во логорот Треблинка  во Полска. Оттаму не се вратил никој.

 

РЕЛАТИВИЗИРАЊЕ – ОКУПАТОРИ ИЛИ ОСЛОБОДИТЕЛИ 

Сите овие примери и уште многу други, покажуваат дека премиерот ја извртува вистината кога вели дека  само на почетокот „имало некоја администрацијаи дека „после тоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии, еве знаеме, Крива Паланка, Куманово целиот регион, Скопје и во целиот овој дел.

Не, Бугарија не била дел од антифашистичкиот фронт, туку била на погрешната страна од историјата и тоа сѐ до септември 1944, кога, како што наведовме погоре, под притсок на Советскиот Сојуз и навлегувањето на Црвената армија на бугарска територија, таа ѝ објави војна на Германија.

Од настапот на Заев, пак, се добива впечаток дека македонската и бугарската војска рамо до рамо  ги ослободиле Крива Паланка, Куманово и Скопје. Но, тоа не било баш така, како што се обидува премиерот да ги симплифицира нештата и настаните.

Имено, во средината на септември 1944 година пред бугарската армија, како дел од силите на советскиот III-ти Украински фронт, била поставена задачата да го обезбедува левото крило на Црвената армија, да ги притисне германските сили во Србија и Вардарска Македонија и да го прекине патот за повлекување на германските армии од Грција по долините на реките Морава, Вардар и Ибар.  И во рамките на тие активности  од 8 октомври до 19 ноември 1944 година, значи на крајот на војната, бугарските сили учествувале во Страцинско-кумановската операција.

Заев, во случајов ја предимензионира улогата на бугарската војска. Таа била вклучена во некои завршни операции, ама никако не може да се стави знак на еднаквост – дека барабар со македонската војска „ослободувале територии“.

Без разлика кои се мотивите на Заев во овој чувствителен период, кога се прават напори да се одоброволи Бугарија да се откаже од намерата да нè блокира да отпочнеме преговори со Европската Унија, неговите тврдења едноставно не одговараат со историските факти.

 

ЛАВИНА РЕАКЦИИ

Да споменеме и тоа дека ваквите проблематични ставови на премиерот искажани во интервјуто за бугарскиот медиум, испровоцираа лавина реакции во јавноста.

Поранешниот претседател на државата и екслидер на СДСМ, Бранко Црвенковски најави дека ќе го замрзне членство во партијата и повика итно да се свика Централниот одбор на социјалдемократите. Тој смета дека ставовите и тезите искажани во интервјуто на Заев за бугарската агенција предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.

Во изминативе 7 години се решив да не бидам на било каков начин присутен во политичката јавност во Македонија. Сакав партијата да биде ослободена од било какво бреме од претходните владеења на СДСМ со државата. Во периодот после формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавност за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати. Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава – вели Црвеновски во изјавата испратена до медиумите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  на вонредна прес-конференција искажа загриженост од, како што рече, „скандалозно интервју на Заев со кое ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство“.

Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени, а не биле поробени во Втората светска војна, рече Мицкоски.

 И Петар Богојески од Македонски концепт, интервјуто на Заев за бугарската БГНЕС, го нарече скандалозно, оценувајќи дека во него пласира тези со кои тој не го решава, туку го одлага проблемот, со што ја отежнува позицијата на Македонија во евроинтеграциските преговори“.

Сојузот на борците бара премиерот Заев да се огради од своите ставови дадени во интервјуто за бугарската агенција.

Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и членовите продолжувачи е изненаден од неодмерените квалификации на премиерот Зоран Заев, изнесени во интервјуто дадено на бугарски медиум. Како учесници во најсветлиот дострел на вековната борба на македонскиот народ за своја слобода – НОБ, се чувствуваме навредени од омаловажувањето на нашата борба. Погодени сме што со тоа се врши ревизија на општоприфатената оцена од светската историја за Втората светска војна. Очекуваме премиерот да се огради од изнесените свои ставови, стои во соопштението на Градскиот одбор на Сојуз на борци.

Со реакција  на интервјуто на  Заев излезе и Лилјана Поповска, поранешна пратеничка и претседателка на ДОМ, партија која е актуелен коалиционен партнер на власта.

Ужас до болка. Ако на ЕУ и треба вакво национално и ментално самоубиство, тогаш ЕУ каква што ја почитуваме и посакуваме, престанала да постои!? Неприфатливи се вакви изјави од македонски политичари за сериозни прашања! Во чие име се зборува? Никој нема мандат за ова!! – напиша таа на Фејсбук

Настапот на Заев предизвика огромни реакции  и на социјалните мрежи,  а најзабележителна бура од негативни критики имаше на „Твитер“.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција