Контраспин: „Кокошката“ на ДУИ не несела коруптивни јајца
Наспроти впечатокот што сака да го креира Османи – дека во ДУИ се „вакцинирани“ против корупција и дека холандскиот амбасадор не ги критикувал, туку барал поддршка од интегративците за борбата со корупцијата, тонот на пораката на Јан Коп по средбата со Ахмети го говори токму спротивното. Во објавата на холандската амбасада прилично јасно е наведено дека се неприфатливи политичките притисоци врз судството и дека по двегодишен постојан пад на владеењето на правото, загрозена е посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ. Не е првпат холандскиот амбасадор да „ги извади дипломатските ракавици“, да испрати ваква остра, многу директна порака за состојбите во судството, за партизираните институции и за борбата против корупцијата. Само, за жал, очигледно е дека ваквите забелешки не допираат до оние на кои им се упатени
Наспроти впечатокот што Османи сака да го креира во јавноста – дека во ДУИ се „вакцинирани“ против корупција и дека холандскиот амбасадор не ги критикувал, туку барал поддршка од интегративците за борбата со корупцијата, тонот на пораката на Јан Коп по средбата со Ахмети го говори токму спротивното. Во објавата на холандската амбасада прилично јасно е наведено дека се неприфатливи политичките притисоци врз судството и дека по двегодишен постојан пад на владеењето на правото, загрозена е посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ. Не е првпат холандскиот амбасадор да „ги извади дипломатските ракавици“, да испрати ваква остра, многу директна порака за состојбите во судството, за партизираните институции и за борбата против корупцијата. Само, за жал, очигледно е дека неговите забелешки не допираат до оние на кои им се упатени
Министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, коментирајќи ги острите пораки на холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп упатени на средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја изврти вистината и притоа тврдеше дека холандскиот амбасадор, всушност барал поддршка од неговата партија за борбата со корупцијата.
Спин: Ова е продолжување на ставот на холандскиот амбасадор кој го кажа во неколку наврати, на многу интервјуа кон крајот на минатата година. Веројатно ДУИ е еден од оние кои што најмногу зборува за борбата против корупција, па се разбира дека ќе се бара поддршка од ДУИ, кажа меѓу другото Османи на брифингот со новинарите.
[Извор: Тајм.мк; Мета – датум: 11.01.2024]
Контраспин: Шефот на дипломатијата, Бујар Османи со ваквиот став фактички ги релативизираше критиките на холандскиот амбасадор, кој на неговиот партиски шеф на средбата во седиштето на ДУИ во Мала Речица многу отворено му кажа дека политичкото влијание врз судството е неприфатливо и дека по двегодишен постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена. Османи јасните директни критики на Коп за мешањето на политиката во судството, ги протолкува на свој начин и „ја наврти водата на друга воденица“, па наместо за судството зборуваше за ЕУ процесот и за тоа дека со амбасадорот всушност имале „судир на концепти“.
Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некои тоа го читаат како комплимент, од друга страна, некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве, некој може да каже злонамерен, па Холандија е позната по немање на расположение за проширување, изјави Османи.
Според него, европски стандард на владеење на правото не можеме да постигнеме без преговори со Унијата:
Не можеме, тврдам, не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право без процес на преговори и тие два процеса се меѓусебно поврзани. Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување на тој европски стандард.
Османи тоа и сликовито го прикажа со парадоксот за „кокошката и јајцето“
Така што, тука прашање е што е постаро, јајцето или кокошката, дали причината што сме блокирани не можеме да постигнеме европски стандард или тоа што не постигнуваме европски стандард е причина што не можеме да се движиме кон ЕУ. Мислам дека има тука многу сиви зони, вели Османи
Ама наспроти впечатокот што Османи сака да го креира во јавноста – дека „кокошката“ на ДУИ не несе коруптивни јајца и дека холандскиот амбасадор барал поддршка од интегративците за борбата со корупцијата, во објавата на холандската амбасада за средбата на Јан Коп со Ахмети, прилично јасно е наведено дека се неприфатливи политичките притисоци врз претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.
Неприфатливо е несоодветното политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и случајот ќе предизвика силна реакција од Холандија, напишаа од Холандската амбасада на својот официјален профил на Фејсбук во објавата придружена со фотографија од средбата на Јан Коп со Ахмети.
Па, иако пораката на холандскиот амабасдор е јасно адресирана, сепак шефот на дипломатијата не ја пронаоѓа ДУИ во неа. Османи критиките за влијание врз судството ги пренасочи кон олигарсите:
Од наша страна повеќе сметаме дека има одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата коишто се многу поопасни од кое било евентуално политичко влијание.
Не е тајна дека постојат бизнис – судски релации, дека личности од нашата бизнис елита имаат линкови во правосудството. Но, и за ваквото опасно влијание повторно е одговорна власта (во којашто ДУИ партиципира повеќе од 20 години), затоа што не се справила со овој проблем.
До „ушите“ на власта не допираат критики
Не е првпат холандскиот амбасадор Јан Коп да „ги извади дипломатските ракавици“, да испрати ваква остра, исклучително директна порака за состојбите во судството, за партизираните институции и за борбата против корупцијата. Само, за жал очигледно е дека ваквите критики не допираат до оние на кои им се упатени.
Во мај минатата година (2023) Холандија стави во мирување голем проект за Судскиот совет поради превирањата за превласт во највисокото судско тело, кога од функцијата претседател беше разрешена Весна Дамева. Холандскиот амбасадор тогаш во интервју за Радио Слободна Европа, оценувајќи ги случувањата во Судскиот совет рече дека тој се претворил во нелегитимно тело:
Сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. Сега го имаме и случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна
На крајот на годината амбасадорот Јан Коп во интервју за „360 степени”, исто така изнесе низа критики за работата на судството, напоменувајќи дека Холандија инвестирала милиони во реформите, но дека резултатот не е задоволителен.
Сметам дека е моја должност да видам што се случува со големата сума пари која овде ја трошиме. Во мојата земја граѓаните работат макотрпно за да ги платат даноците, живеат во една од земјите со најголеми даноци во светот. Кога ќе ги прашате – на што сакате да се трошат вашите пари? Тие ќе одговорат – локални училишта, локален здравствен систем, локални железнички станици, локална полиција и ние треба да бидеме во можност да ги погледнеме граѓани во очи и да им објасниме зошто нивните пари не се потрошени на локални болници, туку се потрошени во Северна Македонија…
И во оваа прилика амбасадорот потенцира дека состојбите во судството мора да се променат и посочи неколку примери за неприфатлив политички притисок – во процесот на избор на јавни обвинители, на кандидати за Судскиот совет, врз судовите, вклучувајќи го и Врховниот суд.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар