Контраспин: Mицкоски: Не гледајте што правам, правете што ви говорам!

Фото: www.vmro-dpmne.org.mk

 

Македонската јавност по вторпат е соочена со потребите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски да води спортски живот. И во тоа секако нема ништо лошо, но по сè изгледа, тој таа практиката да ги вежба мускулите во теретана ја прави во време кога тие објекти мораат да бидат се затворени, односно не смеат работат. Барем еднаш од двете јасни снимки, едната на 4 април, втората на 25 април годинава, се гледа и часот кога таа активност е правена, ама „олеснувачки“ момент е што друштво му прават високи полициски функционери. Фатен ин флагранти Мицкоски не најде аргументи за да ја објасни својата ситуација, туку се обиде да ја „префрли топката“ на политичкиот противник, небаре се наоѓа во ТВ дуел со некој претставник од друга партија

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Еве што кажа Мицкоски во неговата реакција на Фејсбук, по повод правот што се подигна за снимката од 24 април, на која се гледа дека тој заедно со мала група луѓе  влегува во теретана во недозволено време:

СПИН: Не е толку срамно што објавуваат без да прашаат, туку е срамно што лажат континуирано и бесрамно. И нема ниту една лага да не им се распрсне и дознае. Веќе е совршено јасно дека зад ваквите лаги стојат повеќе квази пиарџии платени со државни пари, и еден центар на моќ сместен на Бихачка, реагира на објавената лажна вест во некои медиуми блиски до власта лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски…

Дечки повторно грешка, снимката е стара најмалку половина година, туку сега што правиме со тендерите во Дрисла, со новата блокада на патот кон ЕУ, со пљачката која ја правите со новата акциза, со економската криза и нарушеното здравје на граѓаните. Незрелото однесување на СДСМ значи ново пробиено дно. Сосема на крај, сепак има разлика. Да, јас спортувам, а вие крадете. Да, јас планинарам, а вие ја срамите и распродавате Македонија и да, ќе продолжам да вежбам кога ќе се создадат услови, а вие сепак на крајот од денот ќе останете ситни луѓе и јас ве жалам! – вели во својата реакција Мицкоски.

[Извор: Курир – датум: 25.04.2020]

КОНТРАСПИН: Она што е интересно во реакцијата на Мицкоски по повод снимката која може да се види од јавноста,  е  неговото тврдење дека таа е стара најмалку 6 месеци. Факт е дека лицата кои влегуваат во теретаната имат ракавици и маски кои се во фаза на симнување, односно се држат под мишките, што говори дека тоа никако не може да биде стара снимка. Ова се доволни детали да покажат дека одбраната со времето не е добра. Не е јасно дали часовникот на снимката покажува десет часот навечер или претпладне, бидејќи ако е навечер, тоа е веќе и време кога ниту едно лице не смее да биде надвор од својот дом.

Јасно е дека теретаната се отвора само за Мицкоски, а уште поптоварувачки е фактот што, според соопштението на СДСМ, во придружба на шефот на ВМРО ДПМНЕ е  и командирот на единицата „Тигар“, Ивица Бисовски, кој претходно е поставен од министерот Наќе Чулев?

Во изјавата по повод снимката на која Мицкоски излегува од теретана на 4 април (кога теретните мораа да бидат затворени) лидерот на ВМРО ДПМНЕ истакна дека „бил да си ја земе опремата“ (демек нема повеќе да се бави со таква дејност во специјализирани објекти). Сопственикот на фитнес-клубот Мирко Перовски на својот Фејсбук профил тогаш напиша дека:

Тој (Мицковски – н.з.), како и многу мои пријатели, вежба во мојата теретана, сè до почетокот на заразата со корона, кога јас, како и многумина од оваа бранша, ставивме клуч на врата. Но, тоа не значи дека моите контакти престанаа. Мицкоски дојде во тетретаната да си ја земе опремата и да ја усогласиме програмата за исхрана и тренинг.

Како може да му верува народот на лидерот на опозицијата кога тој ги повикува да бидат дисциплинирани и да се придржуваат до пропишаните мерки? Дали ситуаицјата не е како во описот од приказните за попот кој вели: „не гледајте што правам, правете што ви говорам“. Оваа „стратегија“ секако може да се прошири и на поширок фон – зошто народот да верува во други работи за кои говори Мицкоски, ако веќе е толкупати фатен како не ја говори вистината (да се сетиме само на збороовите за магистратурата во Италија и докторатот во Германија, кажани на бугарскиот премиер Борисов?!).

Посебно е непримерна навиката на функционерите на демохристијанската партија да не ја градат одбраната на соочување со факти, туку секогаш да се прави обид да се промени темата (на пример, Мицковски би сакал да говори за некои концесии за Дрисла во мигот кога е соочен со сосема јасни докази дека во непримерено доба бил на погрешно место и дека тоа е казнива постапка). Тоа, секако е спротивно на правилата за дебата во демократска земја со јасни одговорности на функционерите.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција