Контраспин: Милошоски спинува околу „Моќник“ преку политизација на случајот

А.Милошоски Фото: META/архива

Антониjо Милошоски сѐ уште е, суштински, само осомничено лице, зашто надлежниот суд сѐ уште не го прифатил Обвинителниот акт за случајот „Моќник“. Но, реакциите и настапите на Милошоски и на ВМРО-ДПМНЕ околу работата на СЈО со години и подоцна, околу законското решение за преземање на сите случаи на СЈО од страна на ЈО, покажуваат дека е спинување кога Милошоски се обидува да ја убеди јавноста дека станува збор за „политичко обвинение“

Антониjо Милошоски сѐ уште е, суштински, само осомничено лице, зашто надлежниот суд сѐ уште не го прифатил Обвинителниот акт за случајот „Моќник“. Но, реакциите и настапите на Милошоски и на ВМРО-ДПМНЕ околу работата на СЈО со години и подоцна, околу законското решение за преземање на сите случаи на СЈО од страна на ЈО, покажуваат дека е спинување кога Милошоски се обидува да ја убеди јавноста дека станува збор за „политичко обвинение“

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

По поднесувањето на обвинителeн акт и обвинителен предлог до Основниот суд во Скопје од страна на Основното обвинителство во Скопје, за предметот познат како „Моќник“, еден од предложените за обвинети, пратеникот Антонијо Милошоски, даде изјава во која има спин:

Спин: Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците. Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кој ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта. Но, сè ќе има свој крај, вклучително и политичката злоупотребата на обвинители и судии од страна на власта на Заев

[Извор: СП – Милошоски: Се ќе има свој крај…, датум: 24.08.2020]

 

Контраспин: Долгогодишниот и актуелен пратеник и поранешен шеф на дипломатијата, Антонијо Милошоски од ВМРО – ДПМНЕ, откако вчера беше посочен како предложен за третообвинет во обвинителниот акт поднесен од Јавното обвинителство на Скопје во рамките на случајот „Моќник“, во својата реакција по ваквиот развој на настаните, изјави дека е „неосновано обвинет“, односно дека станува збор за притисок врз него како пратеник, при што Обинителството било само алатка кое работи по политички нарачки. А, нарачката дошла од кланот Заеви, чиј опонент бил токму Милошоски и сега затоа е прогонуван заедно со уште други 12 лица.

Ваквото тврдење го потврди и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ од каде што беше лиферувано соопштение во кое партијата тврди дека „Антонијо Милошоски е цел на прогон од Заев и СДСМ, само затоа што е пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и затоа што отворено зборува за криминалите на Заев, спрегата на Заев со обвинителството и судството“.

Во изјавата на Милошоски спинот е во тоа што без факти тврди дека станува збор за „неосновано обвинение“ и, исто така, без факти тврди дека ова обвинение било затоа што се брои себеси во редовите на оние „кои ги разоткривале аферите на крими владеењето на кланот Заеви“. Односно, дека станува збор за „политичко обвинение“.

Од една состојба во која што има полувистини (политички опонент кој често зборува во јавноста без проверливи факти за наводни криминали на семјството на Зоран Заев и на раководството на СДСМ), Милошоски спинува дека тоа се факти. Но, за да бидат факти, тие треба да се докажат како такви. А, кога сме кај фактите, потсетувањето на текот на овој случај покажува дека Милошоски станува најжесток противник на СЈО, на Заеви и на новиот Закон за Јавно обвинителство токму од моментот кога дознава дека СЈО се заинтересирало за него, а тоа е во 2017 година.

Случајот „Моќник“ е наследена истрага од поранешното Специјално јавно обвинителство, а медиумите пласираат дека врз оваа истрага работела и обвинителката Фатиме Фетаи. Самата Фетаи во март 2018 година ја објави во јавност истрагата за „Моќник“, при што може да се забележат главно истите наоди кои се наведени и во соопштението на ЈО лиферувано вчера. Уште едно потсетување, истрагите на СЈО преземени од Јавното обвинителство никогаш не беа проблематизирани од страна на експертската јавност, кога цела година и повеќе се дискутираше за последната верзија на Законот за јавно обвинителство, усвоен на последниот ден од мандатот на претходниот собраниски состав, во февруари 2020 година, но, затоа, пак, беа проблематизирани од страна на Милошоски и ВМРО-ДПМНЕ.

И при крајот од процесот на договарање за законот, а и со години пред тоа, Антонијо Милошоски беше жесток противник за сѐ што беше поврзано со СЈО. Познати се неговите дуели со поранешната шефица на ова обвинителство, Катица Јанева, во парлемнтарните простории уште во 2016 година, кога Јанева му порача:

Внимателно го слушам Милошоски, исто како што го слушав внимателно во „бомбите“, бидејќи неговиот глас често се слуша таму.

Но, се чини дека оваа „војна“ се разгоре кога Милошоски дознал дека се води предистрага за него, во април 2017 година. Тој долго време беше и дел од преговарчката делегација на ВМРО-ДПМНЕ која со СДСМ водеше разговори за новиот Закон за јавно обвинителство, околу кој, пак, за Милошоски и за ВМРО-ДПМНЕ беше и остана најспорно преземањето на надлежностите на СЈО од страна на Јавното обвинителство:

Она што можев да го забележам накратко во преодните и завршни одредби, повторно се остава еден законски обид за тимот на СЈО, зад кои што останаа прилично многу контроверзи, да бидат удомени на некој начин во тимот на обвинителката Вилма Русковска која што очигледно сега е замена за Катица Јанева.

Сега имаме состојба во која Милошоски е предложен за обвинет (де факто ќе стане обвинет во оној момент кога и ако надлежниот суд го прифати обвинителниот акт), во случајот „Моќник“. Делата за кои Обвинителството тврди дека ги сторил Милошоски не се наивни. Од учество во нелегално преземање на општински простории што ги користела Општина Пласница, со вкупна штета за државата и за Македонски Брод од околу 3 милиони денари или над 48 илјади евра, преку влијание врз Владата на Никола Груевски да не ја преиспита продажбата, преку испраќање на полициски и инспекторски екипи во „Пуцко петрол“, до монтирање на лустрациски случај за еден судија од Кичево, кој пота бил тргнат од Основниот суд во Кичево, а потоа и разрешен како судија.

Антонијо Милошоски и Јавното обвинителство ќе имаат прилика да ги докажуваат своите аргументи во судот, ако судот го прифати обвинителниот акт. Но, таму нема да се расправа за „политичко обвинение“, туку ќе се расправа дали Милошоски навистина ги сторил делата кои досега ги утврдиле СЈО и ЈО. Односно ќе се расправа за факти.

А, од досега познатите факти околу односите на Милошоски кон СЈО и по развојот на случајот „Моќник“ во СЈО и потоа во ЈО, може да се детектира дека изјавата на Милошоски за неосновано обвинение само затоа што „бил опонент на кланот Заеви“ е спин. Извртување на вистината е дека СЈО бил политички орган и алатка на СДСМ, а токму најголемата работа околу овој случај што сега го води скопското обвинителство, ја заврши СЈО уште во 2017 и 2018 година и се чини беше потврдена и од ЈО уште во март 2020 година.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција