Контраспин: „На барање на граѓаните“ се покажува „царштината“ на Груевски

Информираат, анализираат и пренаменуваат средства од министерства. Фото: скриншот

Реферирањето, информирањето, анализирањето, пренамена на средства и други одлуки што ги наметнува Груевски како лидер на партија со своите министри и други функционери, а по „барањето на граѓаните од терен“ е противуставно и противзаконско мешање на партија со држва. Тоа само ја покажува „царштината“ што ја негува Груевски како метод на владеење со државата

 

Реферирањето, информирањето, анализирањето, пренамена на средства и други одлуки што ги наметнува Груевски како лидер на партија со своите министри и други функционери, а по „барањето на граѓаните од терен“ е противуставно и противзаконско мешање на партија со држва. Тоа само ја покажува „царштината“ што ја негува Груевски како метод на владеење со државата

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Последен привид на голема грижа на владејачката партија и нејзиниот лидер за потребите на граѓаните, спакуван во спин, беше емитуван на први септември 2016, на неколку телевизии. За потребите на овој контраспин ја издвоивме следнава содржина:

Спин: Н. Груевски (лидер на партија): Во Радожда се побара и реконструкција на училиштето. Не дадовме ветување, бидејќи не бевме сигурни во моментот, но има ли некоја можност да се среди тоа? Граѓаните го посочија како еден од проблемите.

С. Ристовски (зам. министер за образование): Претседателе, врз основа на посетата – јас тогаш не бев со вас, меѓутоа ми беше дополнително јавено од вашиот кабинет – беа претставници на министерството, направен е увид во состојбата во училиштето, потребна е реконструкција. Истовремено потребна е малку поголема реконструкција на кровот и прозорите. Министерството, не ни беше во план реконструкцијата за оваа година, но сега го сменивме веќе планот, ќе предвидиме изработка на проект и активноста би се реализирала во текот на летниот период 2017, затоа што има огромна реконструкција на кровот, а за тоа да се реализира потребно е училиштето да биде празно, да нема ученици…

[Извор: Канал 5/web (од 05:07 – 6:01 мин.) – Датум: 01.09.2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

 

Контраспин: Не е прв пат лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, преку својата пропагандна служба, да пласира во јавноста подолги видео материјали преку дел од телевизиите со национална концесија и преку провладините портали, во кои главната содржина е грижата на лидерот за потребите на народот.

Сценариотo е следно: Лидерот разговара со граѓаните, ги слуша нивните поплаки, а потоа или на самото место ги распрашува градоначаниците, владините министри или директорите на јавните претпријатија што можат веднаш да им ветат на граѓаните или пак, подоцна, на седници на кои сите се присутни, расправат за барањата и желбите на населението од посетите на теренот и носат одлуки. Притоа, се забележува една новина – пропагадната машинерија веќе работи на извесни „подобрувања“ на овие пропагадни настапи и се обидува да го скрие фактот дека станува збор за нешто неприродно, преку инсиистирање на термините – анализираат, наместо реферираат.

Во неколкуте досегашни вакви пропагандни пакувања, материјалот што им беше даден на новинарите да го презентираат по телевизиите, редовно започнуваше уште во насловот со збоорот „РЕФЕРИРААТ“. Сега има поинаков, помек пристап, па се оди со конструкции – го информираат (Денеска министрите, градоначалниците го информираа или сите заедно анализираат (Претседателот на ВМРО ДПМНЕ со министри од повеќе ресори и градоначалници ги анализираа..)

 

СУШТИНАТА Е ПРОПАГАНДА

Се разбира дека оваа мала разлика во формата не ја менува суштината, која останува иста. Станува збор за пропаганда наменета за предизборни цели и станува збор за груба форма на мешање на партијата со државата, што е противуставно и противзаконски, а на јавноста ѝ е дадено на увид на дланка, преку ваквите пакувања емитувани по телевизиите.

Тоа ќе го докажеме и преку примерот за конкретниот спин со реконструкцијата на училиштето во с. Радожда. Од прилогот може да се види дека Министерството за образование и наука, во својот годишен план не предвидело никакви активности во врска со училиштетото во с. Радожда. Ова може да значат две работи. Исто така, може да се види дека инспекцијата што отишла на терен откако Кабинетот на Груевски го известил министерот Спировски за „барањето на жителите“, констатирала лоша состојба и неопходна поголема реконструкција на кровот.

Постојат само две опции – или МОН, кога ги прави плановите за реконструкција на училишта ги прави лошо, непрецизно, со лоши приоритети, или, пак, приоритетите се точно и правично определни, но поради „желбите на граѓаните“ и, се разбира, укажувањето на лидерот на партијата на тие желби, институцијата МОН, ги менува плановите и приоритетите и од некаде крати, за некаде да додаде, во случајов во Радожда.

Со почит кон ова прекрасно село со седум цркви и со 800 жители според пописот од 2002, во кое има основно училиште со околу 70 ученици, со огромна почит кон учениците на кои им требааат основни достоинствени услови за да учат, станува збор за типично мешање на партијата со држвата и нејзините институции. За реконструкцијата можеби нема да се одлеаат голема сума на пари – кров со се прозорци можеби нема да чини повќе од 100 илјади евра. Но, во истиот овој пропаганден материјал се споменуваат суми од 6 милиони евра за асфалтирање на 18 километри на патот М. Брод-Скопје, преку Јасен, па две решенија за магистралниот пат Кичево-Гостивар, иако во сите студиии и проекти досега никогаш не била релевантна идејата за автопатско решение на оваа делница, па реконструкција на патот Удово-Д. Капија, па итна реконструкција на автопатот од Удово до Неготино, итн, итн… Тука веќе станува збор за милиони и милиони евра, за кои се решава откако лидерот на партијата „бил на терен“ и ги слушнал „барањата на граѓаните“.

 

МЕШАЊЕТО ВО ИНСТИТУЦИИТЕ Е НЕУСТАВНО И НЕЗАКОНСКО

Во Република Македонија постои Устав, како највисок правен акт кој го определува уставното уредување, правата, надлежностите и обврските на граѓаните и институциите. Во Уставот се запишани и следниве одредби:

 

Член 8  (Темелни вредности на уставниот поредок)

Владеењето на правото

 

Член 92 (одредби за Владата)

Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието.

 

Во Република Македонија, Владата работи според Закон за Влада. Во овој закон јасно е определено дека Владата е самостојна во својата работа:

Член 2

Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Влада), како носител на извршната власт е орган на Република Македонија кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права.

И во овој закон јасно е кажано дека премиерот и министрите не одговараат пред лидерот на партијата, туку пред Собранието:

 

Член 4

(2) Bo рамките на своите права и должности утврдени со Уставот и со закон, Владата и секој нејзин член, за својата работа одговараат пред Собранието.

 

Според ова, секое реферирање, анализирање, пренамена на средства, носење одлуки и давање ветување на самото место од страна на претседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ и функционерите во владата или во јавните претпријатија или од страна на градоначалници, е противуставно и противзаконски. Јавноста имаше прилика да види многу драстично и јасно колку многу пати беше прекршен Уставот и законите кога претседателот на владејачката партија издаваше наредби на сите институции во државата за време на кризата со поплавите од 06.08.2016 во Скопје. За жал и тогаш и сега во овој пример што го анaлизиравме, станува збор за прекршувања кои се правени исклучиво во предизборни маркетиншки цели, за кои пак, по критиките и самата власт решила да ги исправи, како што е тоа запишано во Договорот за излез од политичката криза, наречен Договор од Пржино, во делот на одвојувањето на партијата од државата.

Оттука, конкретното прашање на Груевски до Спиро Ристовски и одговорот ги сметаме како класичен спин, исто како и другите прашања и одговори помеѓу Груевски и функционерите во текот на целиот видео материјал.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.