Контраспин: Најголемите партии спинуваат за договорот на ЈСП со „Пуцко Петрол“
Помеѓу фиксна цена на горивото и фиксна цена на маржата има огромна разлика. Но, најголемите политички партии во државата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ упорно со денови спинуваа околу ова прашање и со јавноста комуницираа со ставови дека ЈСП ќе му плаќа на „Пуцко Петрол“ фиксна цена за гориво од по околу 2 евра за литар, иако цената на дизелот паѓа две недели по ред
Помеѓу фиксна цена на горивото и фиксна цена на маржата има огромна разлика. Но, најголемите политички партии во државата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ упорно со денови спинуваа околу ова прашање и со јавноста комуницираа со ставови дека ЈСП ќе му плаќа на „Пуцко Петрол“ фиксна цена за гориво од по околу 2 евра за литар, иако цената на дизелот паѓа две недели по ред
Пишува: Теофил Блажевски
Двете најголеми политички партии во државата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и натаму спинуваат околу договорот за јавна набавка помеѓу ЈСП Скопје и Пуцко Петрол:
СДСМ/спин: Јавниот превоз крахира, ЈСП нема доволно капацитети да ги опслужува сите линии комплетно, па скопјани со часови чекаат автобус на постојките и се возат во преполни автобуси,
Во исто време, ЈСП кое тоне во долгови, склучува договор за набавка на дизел гориво по цена од 118 денари за литар дизел, во период кога ова гориво чини 86,5 денари за литар.
[Извор: СДСМ – Прес ; датум – 03.12.2022]
ВМРО-ДПМНЕ/спин: Вината за превозот во Скопје е кај Арсовска и кадарот на СДС во ЈСП Стојковски, со негов потпис е и набавката на гориво по 2 евра за литар.
СДС да не манипулира со јавноста. Јавноста виде како директорот на ЈСП поставен од Арсовска седи на состанок во централното седиште на СДС. Директорот на ЈСП е кадар на СДС. Тој заедно со Арсовска е главен виновник за проблемите со превозот во Скопје.
Набавката за гориво од 2 евра за литар е исто така возможна само со потпис на директорот на ЈСП Стојковски, кадар на СДС.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – соопштение/веб; датум – 01.12.2022]
Контраспин: Двете најголеми партии во државата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со денови спинуваат околу цената што ќе ја плаќа ЈСП кон снабдувачот со дизел „Пуцко Петрол“ за автобусите на јавното сообраќајно претпријатие, главно со термините „фиксна цена“ и „2 евра за литар“, иако од вчера и денеска ВМРО-ДПМНЕ направи мала варијација на темата, па признава дека фиксна е маржата, но останува на наративот дека договорот е со фиксна цена.
„Вистиномер“ ги провери двата последни договора што ги има потпишано ЈСП за набавка на дизел, оној од 2020 година што го потпишал тогашниот директор кога со градот управуваше коалицијата на СДСМ и овој од 2022 година кога со Скопје управуваат ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска, по што може да се заклучи дека тие се речиси идентични, освен во членот 3 кој ја одредува цената. Еве ги заклучоците до кои може да се дојде:
- Крајната цена ќе биде различна и таа ќе се плаќа по важечките цени од Регулаторната комисија за енергетика на денот на испорака.
- Крајната цена во договорот од 2020 исто така била со важечки цени од РКЕ на денот на испорака до складиштата на ЈСП, минусирана за вредноста на маржата.
- Крајната вредност на договорот од 2022 е усогласена со понудата во тендерот и е пониска од она што во својата понуда го доставиле од „Пуцко Петрол“ за над 800 илјади евра.
- При склучувањето на договорот од 2020 имало тројца понудувачи, а го добил „Пуцко Петрол“, при договорот од 2022 се јавил само „Пуцко Петрол“. Условите и на двата тендера биле исти.
Кои се разликите во членот 3 од договорите?
За да стане појасно за читателите еве ја клучната разлика во двата договора содржана во вториот став од членот 3. Во договорот од 2020 г.. тој став гласи:
Носителот на набавката се обврзува фактурирањето на испорачаните количини на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) да го врши согласно Одлуката на РКЕ за највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт…и Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт кои важат на денот на испораката на горивото, намалени за одобрената маржа-рабат на конечната цена по аукцијата во вредност од 4.80 денари за секој литар гориво без ДДВ.
Ова за маржата-рабатот е тој попуст што го дале од „Пуцко Петрол“ во 2020, а сега го нема во истиот член од договорот во 2022. Сите други членови на договорите се идентични. Како што соопштија и од ВМРО-ДПМНЕ, маржата за литар сега според најновите прописи од пролетта 2022 на РКЕ изнесува околу 6 денари:
Попуст за набавка на нафта во ЈСП секогаш во минатото имало, дури и во времето на Шилегов, но не и со Арсовска.
Тендерот за набавка на нафта е за набавка од 14.500.000 литри. Со попуст од 6 денари, тоа се 1.400.000 евра заштеда. Оваа набавка е од компанија на пратеник од власта.
1.400.000 евра се сосема повеќе од доволни за да го решат проблемот со превозниците. Но очигледно поважно е овие пари да завршат во нечиј џеб, отколку за скопјани. – велат од ВМРО-ДПМНЕ
Ова значи, дека спин беа сите јавни настапи на двете партии дека ЈСП ќе плаќа две евра по литар. Конечно вчера на 04.12.2022 г. ова го призна прво лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања, а денеска го пренесуваат и во соопштение, но повторно со наратив дека договорот е по фиксна цена, ама овој пат фиксна цена на маржата. СДСМ, сè уште, до моментот на затворање на овој текст не соопштил нов став, па така, последен е оној од 03.12.2022 што го цитираме и погоре во текстот дека ЈСП склучува договор по цени од 118 денари за литар во момент кога важечката цена е 86,5 денари.
Крајната цена на понудата на „Пуцко Петрол“, сепак е намалена за 813 илјади евра
Има уште еден факт што не го соопштуваат двете партии, а тоа е дека понудата на „Пуцко Петрол“ е намалена за околу 800 илјади евра. Имено, СДСМ при една поранешна прес конференција од минатата недела објави дел од понудата на „Пуцко петрол“ (иако не соопшти дека е понуда, туку се стекна впечаток дека е договорот), од која може да се види дека „Пуцко Петрол“ понудил вкупна цена од 1.45 милијарди денари, додека со ДДВ таа цена изнесува 1.71 милијарди денари. Сепак, од договорт може да се види дека вкупната вредност на овој договор изнесува до 1.4 милијарди денари или до 1.65 со ДДВ (види член 3, став 4 од договорот од 2022). Така што, ниту една од партиите кои со денови спинуваат за овој договор, не го соопштуваат фактот дека понудата на „Пуцко Петрол“ е намалена за 813 илјади евра. Ниту една партија, а ниту еден медиум, исто така, не го пренесоа и не го искоментираат демантот на в.д. директорот на ЈСП кој го објави само една национална телевизија, кога рече дека цената ќе се плаќа на денот на испораката на горивото.
На крајот, може да се констатира дека договорот на ЈСП со „Пуцко Петрол“ е понеповолен од оној од 2020 година, бидејќи во него снабдувачот не се откажува од маржата и таа е фиксна, но исто така, факт е дека ЈСП ќе плаќа според фактурираното на денот на испораката и по суми што ги одредиле од РКЕ. Што значи, ако денеска највисоката малопродажна цена е 86,5 денари, ЈСП ќе ја плати таа цена, а не цената од 118 денари со ДДВ.
Дали можело да има подобар договор – Да. Дали може и сега – Да, затоа што во двата договора е овозможена промена со анекс на договорот. Во крајна линија, ЈСП си има УО. Во тој УО од 12 членови, членуваат лица што ги именуваат партиите што ја сочинуваат владејачката коалиција во Советот на Град Скопје, а тие имаат моќ и да раскинуваат договори и да прават измени во договорите со анекси, односно да управуваат со ЈСП.
Оттука, може да се констатира дека сите досегашни настапи на двете главни партии во државата околу договорот на ЈСП со „Пуцко Петрол“ за двегодишна набавка на дизел, беа и се исполнети со спинови.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар