Контраспин: Несериозностa во примената на договорот од Нивице нема да се избрише со промена на законите

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ спинуваат кога велат дека со промена на два-три закона ќе се решеле проблемите и маките на граѓаните со вадење на нови документи. Таквиот предлог е само покривање на пропустите што се направени до сега, посебно на СДСМ, а обврската за нови документи останува

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ спинуваат кога велат дека со промена на два-три закона ќе се решеле проблемите и маките на граѓаните со вадење на нови документи. Таквиот предлог е само покривање на пропустите што се направени досега, посебно на СДСМ, а обврската за нови документи останува

 

Пишува; Теофил Блажевски

 

Најпрво ВМРО-ДПМНЕ, а денеска и СДСМ комуницираат со јавноста околу решенија за возачките дозволи кои од 13.02 се неважечки, при што се детектира спин:

Спин: Има решение на проблемот и тоа е многу едноставно. Ако има политичка волја за еден ден ќе ги решат маките на луѓето. Имаме Предлог на закон за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, еве го спремен е готов е и еве го другиот. Овој дури сум го потпишал. Предлог на закон за изменување на закон безбедност на сообраќајот на патиштата. За еден ден решение има, само треба да сакаат да имаат политичка волја. И немојте да ја залажуваат јавноста дека ќе сме прекршеле договор. По нивната логика, докторска, а не правничка, договорот е веќе прекршен. Но, ние не го прекршуваме договорот во предлог измените. Овде велиме „во рамки на технички функционални и возможни, објективни услови кои што ги имаме да го усогласиме истиот согласно возможното и реалното“, вели Тошковски.

[Извор: Локално – Тошковски/изјава, датум: 12.02.2024]

Спин: Пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог за законски измени со кои возачките дозволи, сообраќајните дозволи, осигурителните полиси и сообраќајните книшки ќе им биде продолжена важноста. Со измени на законите граѓаните и понатаму да може да ги користат на територијата на државата.

Во меѓувреме граѓаните не смее да се казнуваат, никој не смее да биде казнет за учество во сообраќајот.

Ова е соодветно решение, возачките се за домашна употреба и мора да важат и понатаму. За овие законски решенија очекуваме поддршка од сите пратенички групи во македонското Собрание. Наместо да се шири паника меѓу граѓаните и со неодговно однесување на министрите на ДПМНЕ во техничката Влада да се создава дополнителен хаос, сите политички партии да го поддржат овој предлог.

[Извор: СДСМ – Каевски/изјава, датум: 12.02.2024]

 

Контраспин: Несериозноста на примена на обврските од договорот со Грција за решавање на спорот склучен уште во 2018 година најодговорните политички партии во државата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ја заменат и маскираат со промена на одредени закони, што е спин, бидејќи проблемот така нема да биде решен.

Откако се формираше техничката влада во која Министерството за внатрешни работи го презеде Панче Тошковски номиниран од ВМРО-ДПМНЕ, тој се фрли на задача да види дали може да се олесни начинот на закажување и издавање на документите за лична идентификација и патната исправа и во однос на тоа се преземени извесни мерки со кои се олеснува процесот, за вчера, (11.02), со сета жестина во јавноста неочекувано да избие и проблемот со возачките дозволи, при што техничкиот министер вели дека проблемот ќе се решел за еден ден со измени на два закони. Но, факт е дека проблемот само привремено се решава, а граѓаните ќе мора да ги заменат возачките дозволи со нови со името Република Северна Македонија согласно Договорот со Грција, каде што во член 10, во првиот став се наведува:

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба. 

Возачките дозволи се токму документи кои може да се користат и внатре, но и надвор од државата, посебно со оние држави со кои С. Македонија има билатерален договор за признавање на овие документи. Промената на законите што ја регулираат употребата на возачките дозволи нема да ја променат реалноста, т.е. овие документи еден ден ќе треба да се сменат. Промената на законите (закон за безбедност во сообраќајот и законот поврзан со осигурувањето на моторните возила), само ќе ја ублажат моменталната трагична реалност од 13.02. граѓаните да се соочуваат со казни или уште повеќе со одбивање да важат полисите за осигурување поради неважечките возачки дозволи. Од тие причини, иако нема директна вина за настанатите последици, ВМРО-ДПМНЕ спинува дека маките на граѓаните ќе бидат решени за еден ден. Впрочем, тоа го признава и самиот Тошковски кога појаснува дали тоа значи кршење или некршење на договорот: Овде велиме „во рамки на технички функционални и возможни, објективни услови кои што ги имаме да го усогласиме истиот согласно возможното и реалното“, што значи дека одредбата од договорот со Грција и натаму е важечка, а граѓаните и натаму би имале проблем доколку сакаат со своето возило и со возачка со старото име да излезат надвор од државата.

Од истите и од други причини и односот на СДСМ кон ова прашање е спин. Откако претседателот Стево Пендаровски уште пред неколку недели даде предлог да се сменат неколку закони што ја регулираат оваа материја, со што би се разговарало и со Грција и би и се појасниле причините за одложувањето, СДСМ најпрвин ги игнорираше предлозите за законски измени, а истовремено преку Димитар Ковачевски изрази очекување дека Пендаровски ќе разговарал со грчката претседателка, нешто што тој ниту го рекол, ниту го ветил.

Потоа молк, се до вчерашната изјава на Тошковски дека законите за измена биле подготвени и дека доколку има волја за еден ден ќе се сменат, по што СДСМ сега вели дека (и) тие ќе поднеле предлог измени на закони до Собранието, со кое ќе продолжела важноста на возачките, сообраќајните, авто полисите, итн. Да повториме, проблемот нема да се реши, ќе се ублажи или оддолжи, а документи со ново име ќе бидат неопходност.

Освен ова, СДСМ со ваквото соопштение дополнително признава дека за решавање на овој проблем не сториле навремени подготовки и имплементација на обврските што произлегуваат од член 10 од договорот со Грција. Како владејачка партија тие требаа и мораа да не дозволат проблеми со закажувањето термин кај МВР за нови патни и лични документи, да не дозволат да недостасуваат обрасци за печатење на документите, навремено да ги информираат граѓаните за сите поединости, вклучувајќи ја и обврската за смена и на возачките и на сообраќајните дозволи, нешто за што граѓаните беа и сè уште се малку информирани.

Сите овие пропусти сега нема да се решат со промена на два-три закони, а таквото тврдење е извртување на вистината, т.е. спин. Проблемот само се одложува.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција