КОНТРАСПИН: Обединувачките пораки на Груевски во сендвич со обвинувањата за интриганти, кодоши, деструктивци…

Груевски во својот говор на една страна ги стави работливите патриоти, а на другата неработниците и интригантите Фото: принтскрин веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ

Политичкиот наратив на Груевски во кој критички настроените граѓани ги нарекува секташи, платеници, интрганти, кодоши, хулигани, не остава простор за верување дека се искрени неговите повици за единство искажани во илинденскиот говор

 

Политичкиот наратив на Груевски во кој критички настроените граѓани ги нарекува секташи, платеници, интрганти, кодоши, хулигани, не остава простор за верување дека се искрени неговите повици за единство искажани во илинденскиот говор

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во обраќањето на традиционалната Илинденска средба која на 02.08.2016 година се одржа во потпелистерското село Трново, порача:

Спин: Ние Македонците, одовде на Илинден порачуваме дека Македонија, како и досега низ историјата одовде ќе излезе уште посилна, уште поуспешна, економски посилна и пообединета. Да ни е за многу години и векови празникот Илинден!, порача Груевски притоа упатувајќи честитка до сите граѓани на Македонија. Ние сме  едно ткиво нераскинливо, едно знаме,  една држава и едно име – Македонија!

[ИЗВОР: веб-страница на  ВМРО-ДПМНЕ Датум: 02.08. 2016]

Контраспин: Убаво прозвучеа пораките за единство и обединување кои на Илинден ги упати  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Но, дали шефот на владејачката партија беше искрен кога од Трново ги испрати ваквите повици? Или, пак, во прашање беше само уште еден убаво спакуван политички спин со кој, всушност, во добрата амбалажа се истури „отров“ за неистомислениците!

Kontraspin - foto Vistinomer

Какво значење има повикот на единство и обединетост, ако  Груевски во истиот говор зборува за: интриганти, кодоши, неработници, деструктивци, за луѓе кои работат против државните интереси…? Никакво! Претседателот на владејачката паратија, кој беше премиер речиси десет години (од август 2006 до јануари 2016 година), повикува на обединување, а истовремено самиот тој напаѓа, критикува , создава поделби. Груевски во својот говор на една страна ги стави работливите патриоти, а на другата неработниците и интригантите.

Па така, од устата на експремиерот слушнавме дека:

Лесно е да седиш, отстрана и да набљудуваш, уште полесно е да критикуваш и да бидеш деструктивен, да плукаш по се што се прави, создава и гради, само да зборуваш, а ништо да не правиш, и тоа го знае мнозинството од овој народ.

 

Го чувствувам презирот со кој стотиците илјади луѓе со кои се среќавам низ целата држава го имаат кон секој оној кој со кодошлак, со страничен елемент, со неработа и со критика само заради критика, а без суштина сака да оствари своја лична теснограда цел на штета на интересот на државата Македонија

 

…секоја неискрена критика, лага и манипулација која ја сервираат, неработниците и интригантите завршува во првиот момент од нивното зачекорување меѓу народот.

Воопшто  не е тешко да се погоди кон кого е насочен презирот на  стотиците илјади луѓе со кои се среќава Груевски. Јасно е дека тој алудира на опозицијата, невладините организации, интелектуалците, новинарите, на секој кој во изминатите десет години искажал и најмала критика на негова адреса, или на политиката која ја спроведува владејачката партија.

И, за разлика од ваквите тонови упатени кон неистомислениците, во истиот настап Груевски за себе кажа дека со последниот атом од силата ќе се бори да го реализира тоа што  го ветил!

Јас знам дека местото на политичарот е помеѓу народот, на секоја педа македонска земја, на секоја улица, во секој град и село со народот и со неговите проблеми и не само кога е лесно туку и кога е тешко, кога има мака и кога треба да му се помогне и да му се помогне.

 

Јас на овој празник ветувам дека додека ме држи последниот атом од силата ќе работам за да остварам што поголем број ветувања што сум ги дал, ќе решиме што поголем број проблеми, ќе направиме што поголем број проекти и дела, успеси за Македонија, за секој нејзин поединец, за народот. Народот е силата што ја создава државата и кој ја брани и развива таа држава…

Така што, читајќи ги паралелно ваквите негови пораки, повиците за обединување – единство, добиваат исклучиво декларативен призвук.

Впрочем, не е првпат Груевски да посочува непријатели  од опозициските редови или од граѓанскиот сектор. Тој, на пример, во мај оваа година (2016), во ова интервју, кое го пренесоа повеќе медиуми, вели дека, всушност, имаме две опозиции: „Една официјална, СДСМ со неколку сателит или човек­партии, со нив и уште една, би ја нарекол платена опозиција…Невладините, кои се финансирани од Сорос и преку секташко однесување врбуваат млади луѓе да работат против Македонија“

Во споменатото интервју Груевски објаснува како, според него, дејствуваат невладините организации:

…НВО, кои се финансирани главно од фирмите на Сорос и од некои други странски извори имаат континуитет во своето работење, и кога има и кога нема протести. Во периоди кога нема протести, тие, пак, парите ги трошат за горе ­долу истите луѓе, но во различна форма.

 

На пример, држат разни јавни дебати против активностите и проектите на Владата, држат прес ­конференции, гостуваат во телевизиски и радио емисии, организираат т.н. пленуми од различен вид, им се вршат разни тренинзи за сето тоа. Тренинзите најчесто ги вршат највидните лица на организациите на Сорос и од она што сум го слушал, често пати има крајно секташко однесување и предавања, обиди за врбување млади и перспективни луѓе и вршење индоктринација кон нив, а притоа давајќи им пари и многу бесплатни патувања, кој е и главниот мотив да доаѓаат на тие предавања и обиди за перење на мозокот. Оние што по некое време нема да им ја прифатат играта, кои нема да подлегнат на индоктринацијата, се информираат веќе да не доаѓаат, за парите да продолжат да ги инвестираат во други, од кои ќе имаат ефект.

Поранешниот пермиер потоа сликовито  појаснува и зошто го употребил синонимот „секташки“ :

… еве, еден пример што ми го раскажа еден од учесниците, мислам некаде во 2009 година од предавањата. Говорејќи им против политиките на Владата, побарале секој од присутните да се качи на маса и да скокне и да ја гази програмата на ВМРО-­ДПМНЕ. Тотално лудо! Или барање во хор сите слушатели на предавањата да повторуваат: Оваа Влада не чини!!!

Оттаму, имајќи го предвид ваквиот политички наратив на Груевски, во кој  критички настроените граѓани ги нарекува  секташи, платеници, интрганти, кодоши, хулигани, нема простор за верување дека се искрени неговите повици за единство искажани во илинденскиот говор:

Ние сме  едно ткиво нераскинливо, едно знаме,  една држава и едно име – Македонија!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција