Контраспин: Оправдувањето на Комората дека немало лекари за вонредни надзори е на климави нозе

Фото: колаж-илустрација на Вистиномер

Лекарската комора појаснува дека во пандемија немало лекари за да формира комисија/ии за вонредни стручни надзори, а во исто време признава дека постојат други механизми модели, како „и правно недоуредени прашања за формирање на комисиите“, кои допрва се бараат, со што, де факто, Комората признава дека во однос на пандемијата многу доцнат во своите реакции. Всушност тоа е спинот во соопштението, зашто ако се прифати таквото образложение, вонредни стручни надзори може да нема со години

Лекарската комора појаснува дека во пандемија немало лекари за да формира комисија/ии за вонредни стручни надзори, а во исто време признава дека постојат други механизми и модели, како „и правно недоуредени прашања за формирање на комисиите“, кои допрва се бараат, со што, де факто, Комората признава дека во однос на пандемијата многу доцнат во своите реакции. Всушност, тоа е спинот во соопштението, зашто ако се прифати таквото образложение вонредни стручни надзори може да нема со години

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Лекарската комора (ЛК) информира дека од започнувањето на пандемијата, до нив се  поднесени поголем број барања за вонреден стручен надзор:

Спин: „На овие барања не може да се одговори со очекуваната динамика, бидејќи во комисиите кои треба да го направат надзорот се ангажираат лекари вработени во здравствените установи кои беа и се ангажирани со поголем интензитет на работните места поради зголемениот број на пациенти. За секоја пријава се формира посебна комисија која брои три члена, а изборот на специјалноста на лекарите кои се нејзини членови се прави врз основ на тоа за каков случај станува збор…

…Во однос на извршувањето на стручниот надзор во услови на пандемија, доставена е писмена информација до Министерството за здравство со кое сме во комуникација со цел изнаоѓање на решение кое ќе ја направи работата на комисиите побрза и поефикасна… Во таа насока, активно работиме на подобрување на постоечкиот механизам и правно доуредување на процедурата за формирање на комисиите, а со цел постапката да се одвива поефикасно“

[ Извор: META.мк/ ЛК – соопштение – датум: 25.07.2022]

 

Контраспин: Лекарската комора (ЛК) издаде соопштение околу причината зошто со месеци се доцни со реализација на некој вонреден медицински надзор упатен до нејзе, во кое може да се препознае спин.

Комората во соопштението, што не може да се најде на нивната веб страница, а кое е упатено до МИА или до медиумите директно, најпрво појаснува дека во време на пандемијата со ковид 19, која сè уште трае, се соочиле со зголемен број барања за вонреден стручен надзор. Потоа дава образложение зошто такви надзори доцнат (повеќе месеци – н.з.), чија суштина е, дека лекарите што требало да вршат вакви надзори се редовно вработени во своите здравствени установи (ЈЗ или ПЗ, сеедно) и дека се зафатени со лекување на болни заразени со корона вирус, а кои имаат потреба од болничко лекување. Во еден дел може се чини дека ова појаснувачко соопштение е прифатливо и вистинито, но подолу во соопштението се соопштува дека се бараат механизми за да се надмине проблемот.

Во однос на извршувањето на стручниот надзор во услови на пандемија, доставена е писмена информација до Министерството за здравство (МЗ) со кое сме во комуникација со цел изнаоѓање на решение кое ќе ја направи работата на комисиите побрза и поефикасна… Во таа насока, активно работиме на подобрување на постоечкиот механизам

Не се наведува, колку долго ЛК бара механизам, што е клучна информација за на јавноста да ѝ стане јасно дали барањето е активно и искрено или е поттикнато од притисокот што го доживуваат здравствените власти, па и ЛК како еден од најважните партнери на истите, по документарниот филм на ИРЛ „Нечиста крв“.

Ако се образложи на составни делови, станува јасно дека има нелогичност во соопштението. Прво, ЛК е/била свесна дека има некаков проблем или дека некаде во здравството „гори“, со самото тоа што почнале да добиваат зголемен број барања. А тоа е разбирливо, затоа што во две пандемиски години и неколку месеци, бројкaта на офцијално починати како последица од ковид 19 изнесува близу 10 илјади граѓани (тука не ги броиме и оние што системот не ги завел или препознал, а се калкулира по математички модели и по споредба на бројот на мртвородени и живородени, како и оние од ПИОМ, и која вели дека починале над 16 илјади лица). Второ, не презеле ништо затоа што, според нив, приоритет бил лекувањето, а моделот на ангажирање на лекарите за надзорите не е професионален туку е волонтерски (како што беше појаснето на два-три пати и од ЛК и од ИРЛ и од МЗ). Но, во тој случај сигурно постои друг модел кој што може да биде поефикасен, затоа што ЛК, формирана во 1992 година, не е само институција што се грижи за интересите на лекарите, туку и на граѓаните кои се пациенти, а во исто време, како што кажува нејзината претседателка, ЛК е активен и сигурен партнер на МЗ и околу контролата на функционирањето на здравствениот систем и здравствените установи и околу стручното знаење на лекарите (преку системот на издавање, проверување и одземање на лиценците).

Но, фактот што дури сега од ЛК соопштуваат дека „го усовршуваат постоечкиот механизам“ (бараат друг механизам и модел) и бараат „и правно доуредување на процедурата за формирање на комисиите, а со цел постапката да се одвива поефикасно“, покажува дека ЛК доцни и не си ја завршила својата обврска наведена и во нивниот статут (види членови 7 и 8 од Статутот).

 

ЛК генерално доцни со реакции во пандемијата

Впрочем, тоа што ЛК многу доцна реагираше јавно околу барањето до МЗ за национални протоколи за лекување од ковид 19 и нови анти-ковид мерки (дури во август 2021 година), тоа што дури во август, во истото соопштение алармираше на појава на псевдо медицината во третирање на ковид 19, тоа што ниту еднаш не реагираше на постојаните укажувања од евидентни експерти како професор д-р Д. Даниловски, дека отворање на ковид амбуланти може да биде од огромно значење на намалување на притисокот врз ЈЗУ, чии секундарни и терциерни институции (болници и клиники) во многу месеци беа исклучиво ангажирани со ковид пациенти па другите болести беа запоставувани, тоа што освен јавно искажување од пред два месеца не направиле посериозен притисок за отворање на пост-ковид амбуланти и конечно, тоа што ниту еднаш Комората не реагираше на ковид-прифитерството, кое само за тестови „беше помогнато“ од граѓаните за најмалку 18 милиони евра за 2020 и 2021 година, како што скромно тврди ДЗР (види стр.40 од Извештајот)…сето тоа укажува дека ЛК во пандемијата, во најмала рака многу доцни со исполнување на своите надлежности што самата си ги ставила во Статутот.

Впрочем, околу вонредниот стручен надзор, за кој примиле барање преку Државниот здравствен и санитарен инспекторат уште лани во октомври-ноември, ако навистина немале лекари за да формираат комисија, едноставно можеле да издадат во овие повеќе месеци барем соопштение дека хемофилтрацијата, како стручен метод што го применувала клиниката „Жан Митрев“, нема научна потврда дека е успешна за лекување на заболени од ковид.

Така и без надзор ќе си ја завршеле работата и целта за која постојат, за која се обврзани и по Статут и по Кодексот за медициннска деонтологија и по Законот за здравствено осигурување околу „залажувачкото рекламирање“ за здравствени услуги (чл. 277).  Вака, образложението зошто доцнат, самото по себе е спин, зашто вистината е дека доцнењето е заедничко запоставување на овој проблем и од ЛК, а се разбира и од Министерството за здравство и извршната власт во целина. Зашто ако се прифати таквото образложение, вонредни стручни надзори може да нема со години или да се случат кога, всушност, ќе бидат и бесцелни.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција