Контраспин: По свадба тапани – Владата допрва ќе ги „проучува“ усвоените измени на Законот за здруженија
Премиерот Димитар Ковачевски и Владата на седница ќе ги разгледуваат веќе донесените измени на Законот за здруженија на граѓани и фондации, по што ќе се решава дали има нешто проблематично во нив за да се измени или да се испрати на Венецијанската комисија на проценка. Спинот не е само во темелното разгледување од сите аспекти на законски материјал што е усвоен едногласно, туку и во фактот што премиерот не гледа причина тој да не се применува, но се согласува да го разгледа Владата и да види дали е нешто проблематично
Премиерот Димитар Ковачевски и Владата на седница ќе ги разгледуваат веќе донесените измени на Законот за здруженија на граѓани и фондации, по што ќе се решава дали има нешто проблематично во нив за да се измени или да се испрати на Венецијанската комисија на проценка. Спинот не е само во темелното разгледување од сите аспекти на законски материјал што е усвоен едногласно, туку и во фактот што премиерот не гледа причина тој да не се применува, но се согласува да го разгледа Владата и да види дали е нешто проблематично
Пишува: Теофил Блажевски
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски даде изјава во врска со евентуални недостатоци на измените на Законот за здруженија на граѓани и фондации што би биле повод тој да се преразгледа или да биде испратен на мислење на Венецијанската комисија, при што може да се детектира спин:
Спин: На седница на Влада ќе ги разгледаме сите аспекти на Законот за здруженија на граѓани којшто беше донесен едногласно од сите пратеници и откако ќе се види дискусијата во однос на кои делови треба да се направи разгледување на тој закон тогаш можеме и да донесеме одлука. Во моментов тој закон е во сила во државата и со оглед на тоа што нашите пратеници едногласно сите го донеле тој закон ќе се применува во државата. Тоа го кажав и во присуство на бугарскиот премиер на почетокот на изградбата на пругата кон Бугарија, дека македонските институции носат закони за Македонија, а бугарските за Бугарија…
За Венецијанската комисија и дали таа треба да го гледа и новиот закон за здруженија на граѓани:
Не, па така не било ниту досега. Ние имаме закони кои се носат секојдневно во нашето Собрание, освен оние што ги блокира опозицијата и не може да се донесат, а се значајни за граѓаните, меѓутоа нема закони коишто заради таква причина оделе на разгледување во Венецијанската комисија. Нашето зкаонодавство 45 проценти е веќе усогалсено со законодавството на ЕУ и останува само низ преговорите со ЕУ да биде усогласено целото законодавство на државата.
[Извор: МИА/Република – Ковачевски: Најголема… / Ковачевски контра Османи:… Датум: 13.11.2022]
Контраспин: Премиерот Димитар Ковачевски и Владата на седница ќе разгледуваат веќе донесени измени на Законот за здруженија на граѓани и фондации, по што ќе се решава дали има нешто проблематично во нив за да се измени или да се испрати на Венецијанската комисија на проценка.
Спинот не е само во темелното разгледување од сите аспекти на законски материјал, што е усвоен едногласно, туку и во фактот што премиерот не гледа причина тој да не се применува, но се согласува да го разгледа Владата и да види дали е нешто проблематично. Ама плус, не гледа потреба и новиот закон, што го подготвува Министерството за правда, да се испраќа во Венецијанската комисија. Како се дојде до ваквата состојба, во која власта во најмала рака е доведена во апсурдна ситуација?
Потребата од измените на Законот беше донесена со поддршка од сите политички партии и со голем број гласови од пратениците на 17.10.2022 година, а самиот материјал беше изгласан на 02.11.2022 година.
Измените беа предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што би можело да биде единственото оправдување за Ковачевски, но изгласано едногласно, значи со поддршка од владејачкото мнозинство и нивните пратеници.
На тој начин власта е доведена до апсурдна ситуација која ги принудува и премиерот и другите актери да даваат изјави што се нелогични или спинерски, за да се изнајде некакво решение. Шефот на дипломатијата Бујар Османи уште при посетата на Софија пред неколку дена најави можност законот да биде пратен на проценка пред Венецијанската комисија, а тоа го повтори и по враќањето од турнејата по Балтичките држави во текот на викендот (12.11.2022).
Османи вели дека не се сомневал во целиот Закон, туку само во делот на ретроактивноста, што се однесува на имињата на бугарските клубови во С. Македонија, пред сè Клубот Иван Михајлов и Клубот Цар Борис Трети, бидејќи со законските измени тие ќе треба во рок од три месеци да ги сменат имињата и дел од статутите, а веќе четвртиот месец министерот за правда ќе има законска можност да ги избрише од Централниот регистер, доколку тоа не го сторат:
Немам никави забелешки по однос на другите одредби од законот. Ретроактивното важење на законот за мене е проблематично. Република Бугарија почнува една сериозна кампања во меѓународните институции по однос на ова прашање, посебно во Советот на Европа. Нам ќе ни требаат сите аргументи да докажеме дека тоа не е така, бидејќи ако по нешто сме препознаени во светот тоа е по односот кон заедниците и односот кон граѓанските права. И затоа сметав за да не дадеме никаков аргумент на некој, дека ќе предложам до Влада да го пратиме до Венецијанската комисија – вели Османи.
Според медиумите што известуваат од настапите на Османи, тој овој сомнеж го имал уште пред да биде донесен Законот. Најнадлежниот за ваков тип закони, министерот за правда Никола Тупанечвски, кој и самиот е професор по право и потекнува од Правниот факултет во Скопје, исто така, имал сомнежи:
Легалистички гледано не треба ретроактивно да се применуваат одредбите, меѓутоа доколку се констатира дека има одредена неправилност или дека има одредена активност којашто не е во согласност со Законот има и други институции кои имаат можност да постапуваат – изјави Тупанчевски на 20 октомври, а изјавата ја има и на сајтот на Министерството за правда.
Но и покрај овие сомнежи на 02.11. 2022 во Собранието со 67 гласа за и без гласови против или воздржани измените беа донесени со ретроактивниот дел за веќе формираните здруженија, а како што пишува МКД.мк, од министерот за правда или од некој друг, не е поднесен амандман во однос на членот кој ја засега ретроактивноста.
Сето ова се случи затоа што измените на Законот, кои се наметнаа по регистрирањето на Клубот Иван Михајлов во април 2022, Министерството за правда ги подготвуваше релативно долго време и тие на увид на јавноста требаше да бидат објавени на ЕНЕР дури во октомври годинава, а во меѓувреме, по отворањето на клубот во Охрид, опозициската ВМРО-ДПМНЕ со силен притисок во јавноста и во Собранието ги пресретна овие измени и поднесе сопствен предлог, кој владејачкото мнозинство не можеше да го одбие. Но, како што се гледа, можело да поднесе барем амандман, за да не се доведат сите во ваква заплеткана ситуација со уставноста на оваа одредба за која, гледајќи го Уставот и неговиот член 52, не може, а да не биде спорна:
Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Според погоре изложените аргументи, може да се детектира спин во изјавата на премиерот Ковачевски. Законските измени требало да бидат разгледани од Владата пред да се донесе одлука дали таа или пратениците од мнозинството ќе го поддржат, а второ, ем вели дека веќе ќе се разгледува евентуалната одлука за да се носи во Венецијанска комисија, ем законот ќе се применува, што носи ризик да се нанесат штети, плус, во целата изјава вели дека новиот закон тој лично не би го испраќал на мислење до Венецијанската комисија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар