Контраспин: Повеќе од неколку поединци ја рушат правната држава!

 

Ниту е проблемот со правната држава и правосудството во неколку поединци, ниту пак морало да се чека на Антикорупциската комисија да го спроведе т.н. мек ветинг на судиите и обвинителите, како што вели премиерот Зоран Заев, кој остава впечаток дека извршната власт не можела повеќе да стори во досегашниот период од 2,6 години

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Претседателот на Владата на РСМ и лидер на СДСМ, Зоран Заев, од собраниска говорница зборуваше за правосудството и правната држава, при во дел од излагањето може да се детектира извртена вистина, т.е. спин:

Спин:Неколку поединци ја рушат правната држава и правосудниот систем. Во моментот Антикорупциска комисија проверува имот, пари, на семејства и на сите министри во Владата и на премиерот, и тоа е добро. Но, треба да ги провери и имотите на сите судии и обвинители, на адвокатите поврзани со нив“

[Извор: З. Заев/Собрание/веб страна на Влада, датум: 28.11.2019]

 

Контраспин:

Премиерот Зоран Заев, зборувајќи од собраниската говорница за „аферата“ со бонусите што се делеле во СЈО, се допре и до темата за квалитетот на севкупниот правосуден систем, при што ја изврте вистината со оценката дека само „неколку поединци ја рушат правната држава и правосудниот систем“.

Оваа изјава е де факто спинување, затоа што оценките на најголемиот број аналитичари, од домашни и од меѓународни организации, поранешни судии и слично, говорат дека проблемот е поголем од неколку поединци и дека севкупната реформа на правосудниот систем бара и комплетно поинакво однесување на судиите и обвинителите во системот. Впрочем, дел од тие реформи на хартија се завршени, како домашна задача доделена од германскиот дипломат Рајнхард Прибе (Прибе 1 od 2015 г. и Прибе 2 од 2017 г.). Но, праксата во судството и обвинителството не се менува драматично, дури ни со промената на врвот во Судскиот совет, ниту со промената на врвот во Врховниот суд.

Сето тоа резултира со избегнување на правдата и неказнивоста во високо профилираните случаи на злоупотреба или на организиран криминал и корупција. Доволно е само да се погледне состојбата на процесите од СЈО пред Кривичниот суд и нивната судбина. Анализите говорат дека проблемот е поголем и дека треба да се спроведат низа препораки што се однесуваат на целиот систем или на дел од правосудниот систем, за што во текот на една година Метаморфозис направи две истражувања што можете да ги видите тука и тука.

Во граматиката на македонскиот јазик зборот неколку се употребува за одредување на некоја непозната бројка, но не голема. Некои лектори препорачуваа да се употреби за бројка поголема поголема од еден, а максимум до пет.

Конечно, самиот Заев, пред да ја изговори оваа реченица, ја рече следната: Треба да биде јасно и гласно, овој период (откако е на власт СДСМ и ДУИ – н.з.) нема ни три отсто нови судии од вкупниот број на судии. Нема ни три отсто нови обвинители од вкупниот број на обвинители во државата, а пред тоа зборуваше дека „сваровски судството сè уште функционира“.

Со самото потенцирање  на оваа бројка, на овој процент, практично Заев вели дека сите останати се дел од стариот, преходниот авторитарен систем, систем во кој се судеше по нарачки или во договор со политичарите и систем во кој, исто така, судиите се бираа или напредуваа по нарачки. За сето ова се изнаслушавме од бомбите што гу пушташе самиот Заев во опозиција, од специјалниот извештај на СЈО до Собранието за поведението на четири судии и судијки.

Оттука, извртување на вистината, т.е. спин е да се каже дека „неколку поединци ја рушат правната држава и правосудниот систем“. Проблемот се решава со политичка волја, која, судејќи според некои избори во Судскиот совет, сè уште ја нема. Впрочем колку е голем проблемот укажуваат и најновите вести што доаѓаат од Уставниот суд, а кои можат да резултираат и со целосна, де факто амнестија на сите досегашни обвинети или осудени од процесите на СЈО.

 

СДСМ И ДУИ И ДОСЕГА МОЖЕА ДА ОДАТ СО МЕК ВЕТИНГ

Втората проблематична реченица, што може да се оцени како извртување на вистината, е дека Антикорупциска треба да ја провери имотната состојба на обвинителите, судиите и адвокатите поврзани со нив. Точно е дека Антикорупцииска тоа може да го стори, па дури и може да иницира поведување кривични пријави, но проблемот е во тоа што и без оваа Антикорупциска комисија која беше избрана по неколугодишно неработење на стариот состав, извршната власт во рамките на своите овластувања и досега можеше да ги направи тие проверки. Можеа и преку УЈП и преку Управата за финансиско разузнавање и преку Финансиската полиција.

Тој мек ветинг, кој нема врска со изборното ветување на Зоран Заев за генерален реизбор на судии и обвинители, и со вистинскиот ветинг, што наводно го спречила Европската унија, извршната власт предводена од СДСМ и од ДУИ можела да го направи и досега и без Антикорупциската комисија, со една генерална предистрага која би имала за цел да пронајде основи за сомневање за подигнување обвинителни акти, врз основа на неосновано трупање имот или прикривање на приходи кои доаѓаат надвор од платите на обвинителите или судиите. Впрочем, како што неодамна обвинителката Вилма Рускоска им порача на тројца судии од судскиот совет – финансиска истрага, така можеше и досега да се започне со една ваква поголема предистрага за сите или, пак, за врвовивте во судско-обвинителската фела, кои ги имаше и во „бомбите“.

Затоа и оваа речница на Заев може да се разбере како извртување на вистината, зашто проверката ја бара исклучиво од Антикорупциската комисија, формирана неодамна, претрупана со случаи и сè уште недоволно кадровски и технички екипирана.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.