Контраспин: Правдањето од типот судството е криво, е спин!

Извор: СЈО

Исто како што и опозицијата спинува дека власта ги протуркала овие измени заради сопствените функционери во идните случаи, а не кажуваат дека и тие асистирале при носењето на измените, исто и власта нема да има оправдување кај јавноста, уште помалку кај експертската за последиците од ова законско решение, се додека искрено не ги соопштат вистинските причини за нивното носење. Замајувањето на јавноста со флоскули – усогласување со европското законодавство и дека во 19 од 27 земји на ЕУ го немале членот 353 -само го засилуваат спинот од штетноста на законското решение во тековните предмети и последиците по буџетот

Исто како што и опозицијата спинува дека власта ги протуркала овие измени заради сопствените функционери во идните случаи, а не кажуваат дека и тие асистирале при носењето на измените, исто и власта нема да има оправдување кај јавноста, уште помалку кај експертската за последиците од ова законско решение, се додека искрено не ги соопштат вистинските причини за нивното носење. Замајувањето на јавноста со флоскули – усогласување со европското законодавство и дека во 19 од 27 земји на ЕУ го немале членот 353 -само го засилуваат спинот од штетноста на законското решение во тековните предмети и последиците по буџетот

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Премерот Димитар Ковачевски и вицепремиерката Славица Грковска дадоа изјави во врска со пропаѓањето на предметот Таргет-Тврдина, при што може да се утврдат спинови:

Ковачевски: Јас никогаш досега не сум коментирал судски постапки. Тоа што е карактеристично е што станува збор за случај, од она што е достапно јавно, којшто е започнат уште во 2015 година, којшто е во второстепена постапка веќе три години, меѓутоа во текот на тие осум години не бил завршен како случај. Така што, сите одговори за ефикасноста во однос на решавањето на случајот и во однос на текот јас не би можел да ги дадам, тоа можат да го дадат единствено оние коишто работеле на истиот. Така, тоа е одговорот што можам да го дадам. (извор – ТУКА)

 

Грковска: Една од моите задршки беше и тоа. Ниту имам предвид кои случаи би можеле да бидат опфатени со ваквите законски решенија, ниту, пак, колку тоа би можело да чини. Навистина не знам да одговорам на ова прашање. (извор – ТУКА)

 

Контраспин: Кога пред неколку дена Блупринт групата за реформи во правосудството соопшти дека се повлекува од работна група за изработка на новата верзија на Кривичниот законик, како главна причина го наведоа неконсултацијата со оваа групација експерти од граѓанскиот сектор при носењето на парцијални измени на КЗ од 6 септември годинава:

Постапката во која беа донесени и содржината на овие измени во делот на трите клучни дела за борба против корупција се целосно спротивни на владеењето на правото. Измените во трите спорни кривични дела беа донесени со заобиколување на работната група која работи на нов Кривичен законик, без нејзино консултирање, без соодветно консултирање на стручната јавност, како и без претходно анализирање и проценување на потребата од истото, истакна Александра Цветановска, од Зружението на млади правници.

Свое спротивставување на ваквите измени, оценувајќи ги и како „упад во правниот систем“, истакнаа и еден куп други правни експерти или експерти за борба против корупцијата, почнувајќи од целиот состав на ДКСК, преку Претседателката на Транспаренси интернешнл-Македонија, дел од обвинителите, како што е Ленче Ристовска, Претседателката на Уставниот суд, а дека не биле консултирани соопштија и Владо Камбовски, како и претседателите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Впрочем таа тајновитост и неинклузивност ја осудија и од ЕУ, без оглед што Ковачевски се обиде да се вади и да ја спинува изјавата од Брисел.

Кога се носат вакви измени, тоа се прави со анализа, претходно претресена инклузивно со сите чинители и потоа треба да им се соопшти на јавноста и на пратениците дека се носат поради „ваков и таков бенефит“, а последиците по буџетот ќе бидат „овие и оние“, што, впрочем, е и составна законска обврска при носење на кој било закон во Собранието.

Наместо тоа, вчера, по завчерашното пропаѓање на клучниот предмет од поранешното СЈО, Таргет -Тврдина, при што сите материјални трошоци од предмет што трае 5 години ќе ги плаќаат сите граѓани од Буџетот на РСМ, Димитар Ковачевски и вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска излегоа со изјави во кои има спинови и во кои се обидуваат да ја отстранат секоја одговорност од Владата како предлагач на измените на КЗ, поради кои директна последица имаше застарувањето на предметот. И не само на овој.

Кога Ковачевски вели прашајте го судството, воопшто не појаснува ништо за измените на КЗ кои полутајно и експресно ги протурка Владата во Собранието. Тој само констатира дека предметот се влече по судовите со години. Но, не кажува дека има објективни и субјективни причини за тоа. Не кажува зошто при носењето на измените на КЗ не биле направени анализи и не се почекало тие измени, ако навистина биле потребни, да влезат во целосно новиот КЗ, кој сега веќе е предаден во Владата на прво читање. Ковачевски не кажува дали е или не е, а од сите изјави произлегува дека не е направена анализа какви последици ќе и имаат измените, по колку тековни предмети што ги водат судовите и обвинителствата и колкави реперкусии ќе има по буџетот на РСМ. Самото тоа покажува дека изјавата на Ковачевски оти Судот треба да одговори, зошто сега буџетот ќе биде на располагање на Мијалков и на другите 10 обвинети во случајот, е спин. Извртување на вистината е дека вината за тоа е единствено во судството, а не и во измените на Законот.

Спинот го потврдува и вицепремиерката Славица Грковска во својата изјава уште поексплицитно. Таа во јавноста вели дека токму поради вакви предмети како Таргет-Тврдина кога се расправало и се гласало во Владата имала резерва по измените на КЗ од 6-ти септември. Уште повеќе, на прашање колкави ќе бидат штетите по буџетот на државата, Грковска вели – „Не знам, навистина не знам“. И дека тоа била уште една причина да има резерва и да ја искаже таа резерва на седница на Влада кога ги одобриле овие измени на КЗ.

Но, тоа не е доволно. Грковска требало уште тогаш да изрази резерва во јавноста, ако не може директно во Собранието, пред пратениците да гласаат. Сега да се изјавуваа дека имала резерва, бидејќи не знаела колку пари ќе паднат на товар на Буџетот, дека не знаела колку предмети ќе бидат колатералка како Таргет-Тврдина, а во исто време да се апелира до судството да забрза и дека сè уште имало време да се завршaт предметите од поранешното СЈО, едноставно е апсурдно, конфликтно едно со друго и е спин. Впрочем, таа го потврдува ставот на премиерот и потсетува на петгодишнината на процесот Таргет-Тврдина, на моментот дека 9 месеци бил заглавен во апелација и остава впечаток дека исклучиво судството е виновно за пропаѓањето на овој случај.

Исто како што и опозицијата спинува дека власта ги протуркала овие измени заради сопствените функционери во идните случаи, а не кажуваат дека и тие асистирале при носењето на измените, исто и власта нема да има оправдување кај јавноста, уште помалку кај експертската, за последиците од ова законско решение, сè додека искрено не ги соопштат вистинските причини за нивното носење. Замајувањето на јавноста со флоскули – усогласување со европското законодавство и дека во 19 од 27 земји на ЕУ го немале членот 353-само го засилуваат спинот од штетноста на законското решение во тековните предмети и последиците по буџетот.

Впрочем – неутврдување на вина во таков еклатантен случај, каков што е 25 илјади прислушувани граѓани, е најголемата немерлива штета, многу поголема од милионите евра што ќе ги плаќаат сите граѓани од буџетот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција