Контраспин: Проблемот на матичните лекари нема да се реши со спинови

Беким Сали. Фото: Влада/архива

Бројот на ординации по општа медицина во државата од година во година се намалува, а од вкупно нешто под илјада ординации за 500 се барале излезни финансиски решенија уште во февруари. Од тука, сегашниот трет протест на матичните лекари за една година не само што е оправдан, туку под итно треба да се решава, а министерот и другите здравствени власти нема да го решат со пребројување кој протестирал а кој не и со други спинови, туку со решителна акција за зголемување на колачот за матичните од вкупниот здравствен буџет од над 630 милиони евра за 2022 година

Бројот на ординации по општа медицина во државата од година во година се намалува, а од вкупно нешто под илјада ординации за 500 се барале излезни финансиски решенија уште во февруари. Оттука, сегашниот трет протест на матичните лекари за една година не само што е оправдан, туку под итно треба да се решава, а министерот и другите здравствени власти нема да го решат со пребројување кој протестирал, а кој не и со други спинови, туку со решителна акција за зголемување на колачот за матичните лекари од вкупниот здравствен буџет од над 630 милиони евра за 2022 година

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Министерот за здравство, Беким Сали во врска со тридневниот протест на матичните лекари на два пати даде изјава (на 31.08 и на 06.09.) при што се детектираат спинови:

Не сите матични лекари, односно од примарното ниво, штрајкуваат. Ова не е протест, ова е штрајк со тридневно изразување револт кон политиките на Министерството за здравство. И во минатиот период повикав на разбирање и заедничка соработка затоа што пациентите не треба да бидат жртва на одредени политики кои доцнат. Очигледно, ние како Министерство не успеавме да убедиме само еден мал дел, тоа се 25 проценти од матичните лекари, две здруженија од трите поголеми здруженија на матичните лекари не се дел од штрајкот и не се вклучија во бојкотот на работата во кој подебелиот крај го извлекуваат пациентите, а не системот. Измени во системот се прават преку разговори, а не преку штрајк во кој пациентите се тие што патат.“

[Извор: СДК.мк – Б.Сали/изјава, датум: 06.09.2022]

 

Контраспин: Изјавата на Mинистерот за здравство, Беким Сали е спин, односно извртување на вистината, затоа што пациентите не патат со протестот на матичните лекари, кој трае три дена, а кој Сали неоправдано и, исто така, спинувано го нарекува штрајк.

Имаше десетина изјави од различни матични лекари кои учествуваат во протестот, а, исто така и од пациенти, дека ниту еден пациент кој има неодложна потреба од матичниот лекар не се одбива и тие се примаат на преглед. Воедно, за пациентите кои имаат хронични заболувања или потреба од упат кон специјалист или, пак, од препишување на редовна терапија, матичните ги известија преку медиумите цела недела претходно и во тоа време или креираа упати преку системот „Мој термин“ или, пак, веќе ги препишуваа рецептите за да не се создаде некоја „голема дупка“ од три дена како што сака да прикаже Сали. Впрочем, за време на протестот немаше ниту една изјава од некој одбиен пациент, а кој бил итен за третман кај матичните.

Спинување има и во делот од изјавата „измени во системот се прават преку разговори, а не преку штрајк“, затоа што протестот што се одржува токму поради отсуство на разговори за бројните прашања со кои со потешкотии се справуваат матичните лекари и приватните здравствени установи, кои ги водат и во кои има вработени и незадоволни и лекари и медицински сестри, а и пациенти. Еве што велат за дијалогот од Комората на приватното здравство при Сојузот на стопански комори:

Ние како комора на приватно здравство при ССК уште во февруари при првиот протест на матичните лекари апелиравме и баравме средба со министерот во насока на решавање на проблемите со дијалог. И потоа баравме уште неколку пати средба, но не добивме никаков одговор од него. Ниту нè прими, ниту нè сослуша, а ние постојано инсистираме на решавање на проблемите со дијалог. Заедно со д-р Лилија Чолакова Дервишова, која е претседател на Здружението на матичните лекари, а воедно и наш потпретседател, веќе баравме, како што реков, повеќе пати средба со министерот Сали. Средбата не се оствари сиве изминати месеци.

Едно од главните барања на Здружението на приватни лекари на Република Македонија (ЗПЛРМ) е зголемување на капитациониот бод од 63 денари, кој функционира од 2018 година. И ова барање не е ново. Било поставувано и минатата година и на почетокот на оваа во февруари, кога матичните лекари имаа еднодневен протест, кој беше прекинат откако Сали вети дека ќе се решава проблемот во директна комуникација. Откако таа не даде резултат, односно речиси немаше никаква комуникација, матичните лекари повторно протестираа во април и повторно протестот беше прекинат со ветување дека Министерството и Владата низ дијалог ќе нашле решение за проблемот. Но, решение нема. Ниту во Ребалансот на Буџетот на РСМ, во делот на парите за ФЗО, не се гледа дека се обезбедени средства за матичните лекари, иако со ребалансот кај ФЗО има зголемување за над 2 млрд. денари или за околу 35 милиони евра и тој сега е позициониран на над 630 милиони евра (види стр.468 од Ребалансот).

Ова не е прв пат Сали да спинува околу актуелниот протест. Тој тоа го направи и пред некој ден (на 31.08.2022), уште пред да започне протестот, кога во изјава ја повтори реченицата за решавање на проблемите на маса и дека за многу работи требало време, но не го спомена ниту капитациониот бод, ниту договорите да бидат помеѓу Фондот и ПЗУ, а не со матичните лекари. Што се однесува за едно од другите барања, кое е, исто така, високо на листата, за креирање на електронски упати за пациентите, Сали во еден дел од својата изјава, исто така, спинуваше:

Ние се согласуваме, но од збор до реализација значи дека ние како систем треба да овозможиме и хардвер и софтвер за кој треба јавна набавка, која бара време за набавување на таква опрема. Лесно е да се каже, од хартија во е-форма, но реализацијата шест месеци во процедури не е ништо, рече Сали.

Сали, сепак, заборава да каже дека проблемот вопшто не одзема толку многу време,  зашто не само што постојните ПЗУ имаат развивано софтвери за комуникација со Министерството, Фондот и системот на болнички и клинички установи од јавното здравство, туку и дека актуелниот систем, преку кој е националн поврзан и „Мој термин“, веќе ја има таа функција. Како што појаснуваат матичните лекари преку медиумите (д-р Анкица Станоевска, специјалист по семејна медицина во Утринската емисија на Канал 5 на 06.09.2022), постојниот систем од „Мој термин“ веќе креира упати и кога матичниот лекар го прави тоа упатот се појавува во секундарното или терциерното здравство кај специјалистите, потполно исто како и хартиениот упат што сега мора да биде земен физички и пациентот да го однесе кога оди на специјалист.

Според тоа, навистина не е јасно зошто Министерството толку долго чека на оваа измена. Впрочем, кога започна пандемијата, одеднаш, преку ноќ, пациентите не мораа да земаат рецепти за лекови, туку тие веднаш преку истиот овој систем беа достапни до сите аптеки во државата, односно секоја аптека со пристап до „Мој термин“ можеше да види кои лекови за кој период се препишани од матичните лекари, исто како и со упатите.

 

„Вистиномер“ констатираше спинување и при протестот во април

Еве што пишувал „Вистиномер“ пред неколку месеци за капитациониот бод, односно парите што се обезбедени од Буџетот за да функционираат матичните лекари и нивните ординации, кога, исто така, беше регистриран спин од Сали:

Првото барање е покачување на капитациониот бод по пациент од 63 на 90 денари, бидејќи од 2006/07 година, кога се почнало со капитационен бод од 45 денари, тој е пораснат на 50, а второто покачување било во 2018 година. …

Едно од поважните барања на приватните лекари е да се смени начинот на исплати од Фондот за здравство, кој исплаќа капитациони листи со доцнење од, два, три и четири месеци. Според претставниците на ПЗУ, ваквото доцнење стои во договорите што ПЗУ ги потпишува со Фондот, но ако одбијат да ги потпишат или бараат промена на овој член од договорите, ФЗО воопшто нема да работи со таквите ПЗУ, со што практично ги остава на целосна милост или немилост на пазарот. И навистина, ако се погледнат соопштенијата на ЗПЛРМ до своите членови, може да се види дека во февруари ја добиле капитацијата за ноември, а на почетокот на март капитацијата за декември“.

Сега проблемот е изострен, а матичните имаат поддршка и од Комората на приватното здравство при ССК, кои тврдат дека уште во февруари како точка на дневен ред на Фондот за здравство побарале да се расправа за ова прашање, но од тогаш нема ништо:

Точката за капитациониот бод за матични лекари и матични стоматолози е поставена од наша страна на дневен ред на Управен одбор во ФЗОМ уште на 27 јануари. Оттогаш до денес нема промени.

 

Половина од примарното здравство е загрозено

Впрочем, оправдани се ваквите барања со оглед на вкупните состојби, имајќи ја предвид и инфлацијата која оваа година е нов фактор што создава проблеми. Имено, уште од февруари годинава при првиот протест, здравствените власти признаа дека околу 500 ординации на матични лекари во државата, претежно во слабо населени региони или во рурални средини се на работ на опстанок. Освен ова, Д-р. Лидија Чолакова Дервишова сега изнесе податок дека за две години околу 220 матични лекари треба да заминат во пензија, а со сегашниот систем, со кој капитациониот бод е врзан за матичниот лекар, а не за ПЗУ-то, тоа автоматски значи дека 220 ординации со сите нивни вработени ќе останат без договор со Фондот. Ова навистина не е јасно зошто не се менува, иако со години е барање на матичните лекари. Зашто заедно со покачување на бодот преку нова методологија, што ќе ја следи инфлацијата и со промена на моделот парите да одат на ПЗУ-то, а не на матичните, состојбата може квалитативно да се подобри.

Ако за 500 ординации се барало финансиски спас и не е најден сè уште, а во државата има нешто под 1.000 ординации во примарното здравство кај приватните матични лекари (податок од ФЗО за 2020 година, стр.5), тогаш е јасно дека уште на почетокот на 2022 година половина од ординациите по општа медицина во примарното здравство биле загрозени, без да се сметаат негативните ефекти од инфлацијата.

Ваквите проблеми не се решаваат со спинови и со пребројување и лицитирање кој протестирал, како што тоа го прави Сали, туку со ургентно решавање на работите, најнапред преку друга прераспределба на колачот за примарното здравство од вкупниот здравствен буџет, кој, да повториме, изнесува над 630 милиони евра.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција