Контраспин: Проблемот со заболените од цистична фиброза не се решава со дневни спинови
За овој проблем знaeле и во 2012 година и во 2015 и во 2018 и во 2020 година сите надлежни институции. Оттука, нема потреба од спинови за дневна употреба какви што можеа да се регистрираат на 09.02.2023 година од премиерот Ковачевски и од министерот Сали. Наместо тоа потребно е системско решение и пари за сите граѓани со ретки болести – над 500, од коишто над стотина се со цистична фиброза. Конечно, сурово се во право засегнатите од оваа болест кога велат дека не треба да почине пациент за да се најдат пари за лекот
За овој проблем знaeле и во 2012 година и во 2015 и во 2018 и во 2020 година сите надлежни институции. Оттука, нема потреба од спинови за дневна употреба, какви што можеа да се регистрираат на 09.02.2023 година од премиерот Ковачевски и од министерот Сали. Наместо тоа, потребно е системско решение и пари за сите граѓани со ретки болести – над 500, од коишто над стотина се со цистична фиброза. Конечно, сурово се во право засегнатите од оваа болест кога велат дека не треба да почине пациент за да се најдат пари за лекот
Пишува: Теофил Блажевски
Два спина може да се забележат кај највисоките претставници на извршната власт во нивните изјави околу проблемот со скапиот лек Трикафта, за пациентите кои боледуваат од ретката болест цистична фиброза. Во своите изјави по смртта на еден од пациентите, спинови изрекоа и премиерот Димитар Ковачевски и министерот за здравство Беким Сали.
Спин: Утрово, разговарав со министерот за здравство и му кажав дека за мене оваа ситуација апсолутно е неприфатлива…(вели понатаму дека разговарал и со директорката на ФЗО и со министерот за финансии) и ги замолив, посебно министерот за здравство, да ми каже дали може да го продолжи својот мандат. Јас мојата одлука за кадровските прашања ќе ја донесам после тоа.
[Извори: Телма (1:17.мин)/360 Степени – Д.Ковачевски ; Датум– 09.03.2023]
Спин: Сепак, не можам да премолчам, ни како човек, ни како министер, кога врз грбот на една ваква трагедија се прави евтин обид за политички поени. Затоа, еве ги фактите. (1) Факт е дека Министерството за здравство уште на 27.01 од Владата побара да се обезбедат средства за нова набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза. (2) Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата на РСМ, ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства. (3) Факт е дека лек во доволни количини нема заради недонесувањето на таа одлука, а не заради МЗ.
Оттаму, не ми е јасен обидот за префрлање на вината кон МЗ, кога ниту обезбедувањето средства, ниту набавката на лекот не се во наша надлежност. Средствата се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување, а набавката ја спроведува соодветната клиника…
[Извор: 360 Степени – Б. Сали; Датум – 09.03.2023]
Контраспин: Иако во целина изјавата на Ковачевски е мошне искрена и тешка за самиот него и за целата коалиција на власт предводена од 2017 година од СДСМ, кога зборува за бирократијата во целиот систем, делот од изјавата каде што го повикува министерот за здравство да размисли за својата одговорност е спин.
Извртувањето на вистината или спинот e затоа што тој дел од изјавата е даден во моменти кога веќе два три дена со огромна доза на сигурност се знае дека Беким Сали нема да биде министер за здравство, поради постигнатиот договор за отстапување на неговото министерство на новиот коалиционен партнер што треба да влезе во власта, Алијанса на Албанците предводена од Арбен Таравари.
Да потсетиме, изјавата на Ковачевски е дадена вчера, истиот ден кога Таравари веќе одржуваше онлајн референдум со сите членови на партијата за влез во Владата на Димитар Ковачевски, а СДСМ вечерта го одобруваше постојниот договор.
Во такви услови, делот од изјавата на Ковачевски дека побарал од Сали „да размисли дали може да продолжи со неговиот мандат“ е непринципиелно и чисто извртување на вистината или спин, кој можеби може да се најде како некое дополнително алиби за отстапување на ресорот здравство на друг коалициски партнер.
Сали заборава дека барањата се постари и дека Владата ги одобрила
Од друга страна, министерот Сали, кој сака да зборува за факти и кој ја префрла вината врз Ковачевски, заборава дека барањата на пациентите со цистична фиброза не се од крајот на јануари 2023 година. Преку нивното здружение овие граѓани одржаа само во декември и јануари два-три протести, пред Сали и МЗ на 27 јануари да ја известат Владата. Да не зборуваме дека тие уште од почетокот на 2022 година ги упатуваат своите барања до надлежните.
Оттука, зошто му требало на Сали и на МЗ да чекаат до 27 јануари 2023 да ја извести Владата, која на седница четири дена подоцна ја прифатила информацијата и дала налог да се постапува. Во заклучокот на Владата од 01.02.2023 се наведува дека токму Сали бил еден од тие кои требало да одржи координативен состанок со МФ и со ФЗО и да изготват предлог решение.
Конечно, Сали е во право кога вели дека МЗ нема пари и не го набавува лекот, но и самиот признава дека МЗ е таа институција што треба да ги координира другите надлежни институции и да обезбеди целосна логистика (од правна до финансиска), за итната набавка на лекот кој може да помогне. Затоа, делот од неговата изјава дека некој друг не одобрил пари и затоа нема чувство на примарна одговорност е спин.
* * *
Овие две делови од изјави на премиерот Ковачевски и министерот Сали се посочени во рецензијата како ситни два спина за дневна употреба. Такви има повеќе, речиси кај сите актери што вчера и денеска даваа(т) изјави и кои, освен што се за дневна употреба, нема да го решат проблемот. А, за тоа колку долго извршните власти во земјава се справуваат со овој проблем, доволно е само едноставно пребарување на веб-страницата на Владата под терминот „цистична фиброза“.
Шокантно е сознанието дека во првите десет резултати може да се види дека овој проблем се споменува од 2012 година, кога, меѓу другите лекови чии цени биле намалени, биле и лековите за цистична фиброза.
Шокантно е да се види дека во декември 2015 година тогашниот министер за здравство ја отворил новата зграда на Институтот за белодробни заболувања кај деца во Козле, во чии рамки бил отворен и нов Центар за заболени од цистична фиброза и за деца и за возрасни со десет кревети, а дека во 2018 година при презентација на буџетот за здравство во 2019 година, тогашниот министер Венко Филипче одново го наведува Центарот за цистична фиброза како капитален објект што треба да се гради. Конечно, без оглед на оправдувања за две пандемиски години, уште во 2020 година во април надлежните го имаат податокот дека од сите 530 регистрирани лица со ретки болести, во тој регистар се влезени и 150 граѓани со цистична фиброза, за кои е запишано дека се лекуваат на товар на ФЗО.
Оттука и заклучокот дека овој животен проблем на стотици граѓани со ретки болести, меѓу кои и со цистична фиброза, не се решава со дневни спинови, туку со системско решение за сите пациенти, не само за оние со цистична фиброза. Конечно, сурово се во право засегнатите од оваа болест кога велат дека не треба да почине пациент за да се најдат пари за лекот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар