Контраспин: Противуставно е пратеник во изолација да не смее да дебатира и да гласа

Фото: „Вистиномер“

Најголем дел од толкувањата на опозицијата зошто се спротивставува на можноста за какво било он-лајн работење во Собранието не држат тест на логичност,  а апсурдноста е дотолку поголема, што голем дел од нив и самите како пратеници веќе активно учествуваат во работни активности на други парламенти или во меѓународна соработка на Собранието што се одвиваат он-лајн

Најголем дел од толкувањата на опозицијата зошто се спротивставува на можноста за какво било он-лајн работење во Собранието не држат тест на логичност,  а апсурдноста е дотолку поголема, што голем дел од нив и самите како пратеници веќе активно учествуваат во работни активности на други парламенти или во меѓународна соработка на Собранието што се одвиваат он-лајн

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Изминатите два дена имаше изјави на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поврзани со расправата за он-лајн работа на Собранието во кои можат да се детектираат спинови:

Спин1: Јас не мислам дека е меѓусебно инаетење, ВМРО-ДПМНЕ се што е спротивно на Устав и на Деловник нема да застане поради тоа. Предлогов за измена и дополна на Деловников е противуставен. И штом зборуваме за постапка што е противуставна, тука не може ВМРО-ДПМНЕ да седне на маса и да разговара.

[Извор: Toп тема/ТВ Телма – Дафина Стојаноска (49.45 мин) – датум: 02.12.2020]

 

Спин2: Кога има револт на опозицијата на одредени измени, во овој случај на Деловникот на Собранието, наместо преку дијалог со консензус, туку на еден насилен начин без консултации со опозицијата надвор од процесот Жан Моне кој што е воспоставен од европските институции за промена на Деловникот, ние гледаме насилно настапување. Поради тоа наша обврска како опозиција не е немо да седиме на страна и гледаме што се случува, туку да дејствуваме и да реагираме

[ Извор: ВМРО-ДПМНЕ/од ТВ Алфа – Тимчо Муцунски – Датум: 03.12.2020]

 

Контраспин: Има повеќе нелогични и апсурдни моменти околу противењето на опозицијата, пред сè на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, па и Алијансата за Албанците, кои едноставно одбиваат да се воспостави каква било можност за функционирањето на Собранието он-лајн. Тие апсурдности се уште поголеми ако се знае дека постојат повеќе пракси во Европа и светот кои беа наметнати од пандемијата со корона вирусот и опасностите од зараза, со цел да се превенираат нештата или, пак, за да се одржи ефикасноста на парламентите.

 

ОН-ЛАЈН СТАНУВА ПРАКТИКА ВО ПАРЛАМЕНТАРИЗМОТ

Неколку такви примери беа споменати и во неодамнешната дебатна емисија Топ тема на телевизијата Телма, како што се шпанскот парлемент, хрватскиот парламент, Парламентот на Латвија или Европскиот парламент.

Ако се направи блиц интернет истражување, ќе се најдат и многу други примери. Така, еден од најстарите парламенти во светот, британскиот, уште во јуни воведе гласањето да може да се изведе он-лајн, а Европскиот парламент во својата одлука уште во март 2020 г. да може да функционира он-лајн. Беше проследен и документ со состојбата со европските национални парламенти. Од овој документ може да се види дека и најголемите земји во Европа, кои се и најстари демократии, го отвориле ова прашање, а земји како Романија, Полска и други, веќе овозможиле да може да се расправа и да се гласа од далечина, т.е. он-лајн.

Апсурдноста на противењето на домашната опозиција е уште поголемо ако се знае дека актуелни пратеници или претседатели на собраниски комисии веќе масовно учествуваат на он-лајн конференции организирани од нивни колеги во ЕУ или во Европскиоот парламент.

Таков е примерот од неодмна, кога претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на РСМ, Арбер Адеми, учествуваше на виртуелна дводневна конференција организирана од германското претседателство со ЕУ. Или пак, Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените, одржува работен состанок со невладини организации, или други вакви примери што може да се види од секцијата Ативности на веб сајтот на Собранието.

 

„ПРИСУСТВО“ НЕ ДЕФИНИРА ДАЛИ Е ФИЗИЧКО ИЛИ ОН-ЛАЈН

Еден од најголемите аргументи на противниците на можноста за он-лајн работа, е дека тоа било противуставно, па често се цитира член 69 и 70 од Уставот на РСМ, кои се однесуваат на начинот на работа на Собранието. Притоа се цитираат зборовите „присуствува мнозинството од вкупниот број пратенци“(чл. 69) и околу тоа дека седниците се јавни (чл.70). (Целосниот член 69 е заменет со амандман X на Уставот).

Притоа, се истакнуваат стотици аргументи од типот, „не знаеме кој ќе биде позади екранот од компјутерот“, до тоа дека „ќе се изгуби јавноста во работата“ или пак, дека било „невозможно да се спроведува тајното гласање“. Се разбира, сите овие аргументи не држат (освен можеби оној за тајно гласање што е регулиран со Деловникот посебно, (види чл.98), зашто технички се решливи и претставуваат само изговори. Но, околу најголемиот аргумент на опозицијата дека со он-лајн работа ќе се прекршел Уставот, навистина е неразбирливо како зборот „присуствува“ може да се толкуваа дека значи само физичко присуство.

Вистина е дека овој челен од Уставот е пишуван во 1991 година и дека тогаш интернетот и дигиталните алатки биле нешто што пишувачите на уставот го знаеле само теориски, ама зборот дозволува да се толкува и нефизичко присуство, односно присуство од далечина. Впрочем, и што е толку важно дали пратеникот ќе биде во сала или надвор од салата, ако се обезбедат доволно сигурни докази дека пратеникот лично учествува во расправата и дека тој лично гласал, макар од далечина, он-лајн?

 

ПРАТЕНИЦИТЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА ИМААТ УСТАВНО ПРАВО ДА ДЕБАТИРААТ И ДА ГЛАСААТ

Конечно, ако се спори уставноста, зарем со тоа што се против да има он-лајн, барем гласање, противниците на ова не прават друго прекршување на Уставот, вградено во темелните вредности за еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите? Зашто, ако сите граѓани се еднакви, тогаш и пратениците како граѓаните се еднакви пред Уставот. Ако ним од здравствени причини им е одредена изолација, а не се заболени, на пример, зошто би им било одземено правото да учествуваат во расправа или во гласање во Собранието на РСМ од дома?

Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9 од Уставот).

Или пак Уставот, на пример, не дозволува дискриминација на кој било граѓанин, дури и кога е тоа овозможено со Уставот во однос на времено ограничување на граѓанските слободи и права во одредени ситуации, при што и во такви случаи е гарантирано правото на јавно изразување на мислата и говорот:

Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (Чл. 54, став 4 од Уставот).

Токму спротивно од она што го тврди ВМРО-ДПМНЕ, а што го искажа координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието Никола Мицевски:

Поднесените амандмани се наша реакција на неуставноста и насилничкото носење на Деловникот од страна на СДСМ.

 

„И ВИЕ ТАКА ПРАВЕВТЕ“!?

Изговорите, пак, како оној на Антонио Милошоски, дека СДСМ правел такво нешто во 2008, се тотално аутдејтирани и невалидни, зашто лошите практики едноставно не се добар пример за однесувањето на политичките субјекти 12 години подоцна.

А изговорот на Левица, дека го блокира Деловникот поради намерата да спречи лош договор со Бугарија, е нелогичен, зашто кој било договор со Бугарија засега не се однесува и на потребата тој да биде потврден во Собранието.

Сето ова покажува дека сите овие оправдувања се маска, а вистинската причина би можела да се препознае како намера да се закочи власта во секој поглед, за да може потоа полесно да се критикува и од здравствен, и од економски, и од социјален аспект. Тоа, можеби може да се види и од поднесените 500 амандмани на измените на Законот за здравствена заштита.

Од аргументите изнесени погоре во анализата, изјавите какви што ги издвоивме на почетокот на текстов може да се оценат како спинови.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција