КОНТРАСПИН: Сообраќаен прекршок на запрен сообраќај!

Двоен политички спин - оцрнување на Димова и на Заев Фото: принтскрин

ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува изјавата на Димова за да го реактуелизира настанот од пред еден месец (од 27 јуни 2016) и да креира манипулативна слика дека Димова го злоупотребува пратеничкиот имунитет за да не плати казна за сообраќаен прекршок. Истовремено, се „вергла“ и спинерската приказна за „аболицираниот криминалец Заев“

 

ВМРО-ДПМНЕ  ја користи изјавата на Димова само за да го реактуелизира настанот од пред еден месец (од 27 јуни 2016) и да креира манипулативна слика дека таа го злоупотребува пратеничкиот имунитет за да не плати казна за сообраќаен прекршок. Истовремено, се „вергла“ и спинерската приказна  за „аболицираниот криминалец Заев“

 

Пишува: Оливера Војновска 

 

На 30 јули 2016 година владејачката партија испрати соопштение во кое манипулира со изјавата на пратеничката Лидија Димова од СДСМ ( Никој повеќе не ви се плаши, тоа е вашата болка!) и ја спинува вистината.

Спин: Зоран Заев мисли дека е црпнат од господ за да краде и незаконски да се богати без да сноси одговорност. Лидија Димова, пак, смета дека сите граѓани може да бидат казнети за сообраќаен прекршок, но таа не смее, затоа што била предложена за пратеник од страна на аболициран криминалец.

Бескрајна и тажна е агонијата во која што потона СДСМ предводена од аболицираниот криминалец Зоран Заев. Просторот за манипулации им се стеснува. Изборите наближуваат, наближува и казната од граѓаните за ваквото деструктивно однесување на СДСМ. После изборите ќе мора да врати се што украл, исто како што и нервозната Лидија Димова ќе мора да ги плати казните за сообраќајните прекршоци што ги направила.

Затоа госпоѓо Димова, платете си ја казната! Вие и аболицираниот криминалец Зоран Заев не сте над останатите граѓани. Сите граѓани се еднакви пред законот и доколку сте погрешиле треба да одговорате, вклучително и за сообраќаен прекршок.

Времето што сте го потрошиле на прес конференции, г-ѓо Лидија Димова сте можеле да го искористите и да отидете до полициската станица и да се однесувате како одговорен и возрасен граѓан на Република Македонија.

[ИЗВОР: Локално , Датум: 30 јули 2016]

 

Kontraspin - foto Vistinomer

Кнотраспин: Во ова соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, фактички има двоен политички спин. Изјавата на пратеничката Лидија Димова, е искористена само како подлога за  извртување на настанот со наводниот сообраќаен прекршок од јуни оваа година (2016) и  за нејзино повторно оцрнување, но и за плукање и дискредитирање на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Прво, реакцијата на  Димова не се однесува на некаков „соообраќаен инцидент“, и таа никаде не вели дека „не смее да биде казнета за сообраќаен прекрпшок“. Туку, реагира, на  тоа што  полицијата на 29.07.2016 година, како што вели таа , „постапувала незаконски и го вознемирувала нејзиното семејство.“:

Во текот на целиот вчерашен ден, дома доаѓал полицаец од Сообраќајната полиција да ме бара, иако цела Македонија ме гледаше во собраниските клупи во парламентот. Синоќа во вечерни часови, во 20.30 часот, се појави повторно на врата полицаец од Сообраќајната полиција кој ме извести дека морал да ми врачи на потпишување записници, замислете, за наводен случај од пред еден месец. И на човек кој нема никакво познавање на законите му е јасно дека е врвен апсурд да се потпишува записник за нешто што се констатира на самото место по цел еден месец. Да не зборувам за тоа со кое право ми доаѓаат и ме вознемируваат во вечерни часови мене и семејството ( Димова).

Но, ВМРО-ДПМНЕ нејзината изјава ја користи за да го реактуелизира настанот од пред еден месец (од 27 јуни 2016) и да креира манипулативна слика дека Димова го злоупотребува пратеничкиот имунитет за да не плати казна за сообраќаен прекршок. Иако, ваквото обвинување за сообраќаен пркршок делува смешно во ситуација кога сообраќајот беше запрен бидејќи имаше протести (Шарената револуција).

Во тој контекст е и рекацијата на Димова која испровоцирана од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ (30.06.2016)  на нејзиниот профил на  Фејсбук напиша:

За која сообраќајна казна зборува МВРО-ДПМНЕ? Не ви ли кажа Каракамишева дека сообраќајот беше запрен кога беа протестите?!

Инаку, оваа спинерска приказна ВМРО-ДПМНЕ, аналитичарите  и медиумите кои се наклонети на владејачката партија, ја туркаа уште кога  случи инцидентот (27.06.2016). По ваквите обвинувања пратеничката Димова  на Фејсбук реагираше дека всушност ја сопреле алфи и дека воопшто не ѝ била изречена казна   (28.06.2016):

Прво, Сообраќајна полиција не ме запре, туку Сообраќајна полиција во придружба на уште 30-тина Алфи! Второ, никаква казна не ми беше изречена. И, трето, не е толку битно колку јас ги знам ограничувањата на пратеничкиот имунитет! Важно е колку полицијата умее да го спроведе законот!

Професорот по уставно право, Осман Кадриу, тогаш во изјава  за Вистиномер  посочи дека полицијата во  конкретниот случај  немала право да ја сопре пратеничката Димова, а уште помалку да ја праша дали се повикува на пратеничкиот имунитет од причина што не сторила никаков прекршок.

Кога станува збор учество на протест, пратеникот може да одговара ако сторил нарушување на јавен ред и мир, односно ако е фатен како презема конкретни чекори во таа насока. Што не е случај со пратеничката Димова. Понатаму, колку што е познато, таа не сторила никаков сообраќаен прекршок, никаде немаше таква информација. Според тоа, полицијата не смеела да ја сопре Димова, а уште помалку да ја праша дали се повикува на пратеничкиот имунитет( Кадриу)

Што се однесува до правото на протест, тоа е загарантирано со Уставот на РМ каде во членот 21 е наведено:

Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. 

Во членот 137 од Кривичниот законик, пак, во делот посветен на кривичните дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот, е прецизирано дека:

(1) Тој што врз основа на разлика на подот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, јазикот или друго лично својство или околност, ќе му одземе или ограничи права на човекот и граѓанинот, утврдени со Уставот, закон или со ратификуван меѓународен договор или кој врз основа на овие разлики им дава на граѓаните повластици спротивни на Уставот, закон или ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(2) Ако делото од став 1 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

Во врска со втората спинерска теза, пак, онаа за „аболициран криминалец Заев“, вистината е дека нема судска одлука според која Заев сторил некакво кривично дело. На јавноста ѝ е познато дека поранешниот претседател Бранко Црвенковски на 2. Aвгуст 2008 година  потпиша помилување за Заев и неговите петмина соработници, со што тие беа ослободени од кривично гонење за случајот „Глобал“.  Но, Заев не беше осуден, туку беше во притвор, а во тек беше истражна постапка. Што значи, вистина е дека тој е аболиран. Меѓутоа, никако не може да се нарече „криминалец“.

Во врска со случајот „Глобал“, Заев повеќе пати има изјавено дека е „чист како солза“. Зборувајќи за овој случај, Заев на 7 јуни 2014 година на прес-конференција рече:

Со впишувањето во Катастар на актот за легализацијата на Глобал, власта го обезбеди во моја полза крунскиот доказ за целиот случај Глобал, а тоа е дека денационализација немало, ниту кога се градел Глобал, ниту денеска кога е впишан во катастарот на Македонија.

Заради оваа наводна денационализација, актуелната власт ме притвораше мене и моите соработници. Заради овој предмет, Глобал и денационализацијата на земјиштето на коешто е изграден Глобал, шест години, Груевски, власта и медиумите блиски на власта, не ме симнаа подолу од аболициран, криминалец и што ли уште не.

Затоа само повторно ќе го споменам „шилото на вистината”. Порано или подоцна вистината секогаш излегува на површина и кога тогаш за секое зло следува одговорност. (Заев)

На, владејачката партија добро ѝ е познат случајот „Глобал“ и неговата разврска, меѓутоа идејата е постојано да се „вергла“ веќе излитената приказна дека лидерот на СДСМ е „аболициран криминалец“, со цел да се насочи јавното мислење да верува во таквата конструкција.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција