Контраспин: Спин е дека Пендаровски веќе требало да прати писмо до Ердоган во врска со Палевски

С.Пендаровски. Фото: Интервју 360 Степени/скриншот

Пендаровски де факто може да прати порака до Ердоган од денеска – 12 декември, затоа што Турција дури вчера извести официјално дека го прифатиле барањето од Скопје за да започне постапка за екстрадиција и му одредиле на Палевски 40 дневен притвор

Пендаровски де факто може да прати порака до Ердоган од денеска – 12 декември, затоа што Турција дури вчера извести официјално дека го прифатиле барањето од Скопје за да започне постапка за екстрадиција и му одредиле на Палевски 40 дневен притвор

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Најголемата партија од опозицијата ВМРО-ДПМНЕ искомуницира со јавноста во врска со интервјуто на претседателот Стево Пендаровски за 360 Степени, при што во делот за екстрадицијата на Љупчо Палевски од Турција може да се детектира спин:

Спин: За случајот со Вања, наместо да чекал интервју каде ќе соопшти дека ќе бара од Ердоган екстрадиција од Палевски, тоа до сега требало да го направи.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб; датум – 11.12.2023]

 

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ во целост ги критикуваше ставовите на претседателот Пендаровски искажани во интервјуто за 360 Степени на МРТ(11.12.2023), што е политичко легитимно право на партијата, дотолку повеќе што актуелниот претседател не ја исклучи опцијата повторно да се кандидира, но во делот за екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничениот за неодамнешното двојно убиство, искажа став во кој има извртување на вистината, т.е. спин.

Партијата го критикува Пендаровски околу ставот дека размислувал да му напише писмо на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да ја поттурне екстрадицијата на Палевски, тврдејќи дека тоа веќе требало да го стори. Но, токму тука е извртувањето, затоа што вистината е дека Пендаровски практично до вчера и не можел да го стори тоа.

Најпрво, еве што кажа Пендарвоски во интервјуто:

Право да ви кажам јас размислувам деновиве да пратам порака до мојот колега Ердоган во таа насока дека очекуваме екстрадицијата на првообвинетиот да се случи порано и побрзо.

На прашањето дали може да биде обвинет дека на тој начин се меша во независноста на турскиот правосуден систем, Пендаровски веднаш го лоцира проблемот:

Тоа е работа на министерот за правда кој тоа и го направи (испрати барање за екстрадиција, н.з.), меѓутоа случајот е прекрупен за да оставиме туку така да се одвива по некои бирократски коридори и тоа не дај боже да трае со месеци или со години – вели Пендаровски. (види од 5.40-9.15 мин. во интервјуто)

Со ова второво појаснување, Пендаровски практично посочи и зошто досега не ја испратил пораката до својот колега Ердоган. Според хронологијата, македонското барање за екстрадиција на Палевски од страна на министерот за правда Кренар Лога беше испратено на 7 декември, откако на 5 декември беше обзнането дека Турција го уапсила Палевски во Баликесир. Палевски е уапсен по барање на македонското МВР преку Интерпол како главен осомничен во две убиства. Оливер Спасовски на прес-конференцијата од 5 декември рече дека кривичната пријава за целиот случај е на 100-тина страници. А не се знае колкав ќе биде фајлот на Основното јавно обвинителство кое случајот го води во фаза на истрага и сè уште нема покренато обвинителен акт. Тој, пак, потоа треба да биде прифатен од кривичен суд, но и можно е да биде проценуван и од судските органи во Турција (Тие може да решат и врз основа на аргументите на ОЈО од решението за отворање на истрага, а може и да чекаат да биде покренато обвинение -.н.з.).

На барањето за екстрадиција упатено по дипломатски пат, Турција дури вчера (11.11) ја извести С. Македонија дека обвинителот во Баликесир одредил 40 дневен екстрадициски притвор.

Де факто, Пендаровски може да му прати порака на Ердоган дури од денеска (12.12.2023), зашто до вчера попладне немаше потврда дали Турција ќе ја започне постапката за екстрадиција со одредување на екстрадицискиот притвор.

Второ, Пендаровски вели дека случајот е прекрупен и не треба да влече со месеци или години по бирократски коридори, што е возможно. Не само поради можноста за евентуално барање на Анкара до Скопје поврзано со Фето („Ѓуленистите“) од што евентуално би зависело и времетраењето на испораката на Палевски, иако Пендаровски не очекува такво нешто, зашто имал сознанија дека најголем дел веќе не ни биле во Македонија. Испораката на Палевски може да се одолговлечи и поради можностите што му стојат на располагање во тристепената постапка во Турција (обвинителска одлука за притвор, судска одлука и министерски совет), во која тој може да ја употреби во своја полза и политичката партија Десна (Професор Гордан Калајџиев после 1.05 мин.Телма тв).

Поради сите овие околности, Пендаровски, реално, дури од денеска може да прави проценка дали и кога ќе му испрати порака на Ердоган со очекување за брза екстрадиција.

Поради горенавадените аргументи, ставот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека Пендаровски веќе требало да побара ургенција од Ердоган за испорака на Палевски, може да се оцени како спин.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција