Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ ја генерираше кризата, СДСМ беше „свиркачот“

Во делот од говорот на лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, за политичката криза, беа грубо извртени фактите во две генерални насоки – дека СДСМ ја предизвикал кризата и дека крајните намери биле редефинирање на државата. Фактите говорат спротивно, а Груевски спинуваше

 

Во делот од говорот на лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, за политичката криза, беа грубо извртени фактите во две генерални насоки – дека СДСМ ја предизвикал кризата и дека крајните намери биле редефинирање на државата. Фактите говорат спротивно, а Груевски спинуваше

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Политичарот Никола Груевски меѓу другото ги даде и следниве изјави на партискиот собир оддржан во Скопје на 16.10.2016 година:

Спин: …Тоа што се обидуваа да го направат е да ве тргнат од темата што ве тишти секодневно, економијата, новите работни места, иднината и можностите за развој, инвестициите. Тие не држеа во заложништво со мрачни теми, на поделба, на конфликтност, додека ние и покрај сè, се обидувавме да работиме на програмата… Поминавме низ сите нивни лудории, како оние од типот дека имало 500 илјади фантомски гласачи, па не знам што со медиумите, па ваков – онаков закон за избори, закон за Влада, па во ДИК да имале доминација…министри, заменици министри со право на вето, се поминавме, за на крај, да кажат зошто сето ова го правеле. Дека требало да ја редефинираат државата. Сега му било мајката. Ептен им фала и за тоа. Што си ги кажаа намерите и ветувањата што некому ги дале.

[Извор: ТВ Нова/Youtube, Датум: 16.10.2016]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ изминатиот викенд организираше т.н. викенд на отчетност, кој заврши со голем собир во Скопје, на кој лидерот на партијата и експремиер Никола Груевски, повеќе пати ја изврти вистината, т.е спинуваше. Неговите спинови се однесуваа генерално на политички и економски план, а повеќе пати спинуваше и за одредени личности или институции како што се новинари или пак СЈО. Во овој текст ќе се обидеме да го деспинуваме делот за политичката криза.

Како што може да се види од цитатите издвоени погоре од неговиот говор, Груевски тврди две генерлани нешта. Кризата ја предизвикала СДСМ, наметнувајќи во дебата во јавниот простор „мрачни теми, на поделба и на конфликтност“, а крајната цел била „редефинирање на државата“ и тоа „им биле намерите и ветувањата што некому ги дале“.

Најнапред, во јавноста постојат доволно докази за тоа како започна оваа криза на почетокот на 2015 година. На прес конференција на крајот од месец јануари 2015 г.  излезе истиот Никола Груевски, тврдејќи дека имало обид за Пуч, дека бил уценуван од лидерот на опозицијата и дека таа криминална групација кривично е гонета и вистината ќе излезе на виделина.

И навистина, започна процес кој популарно е наречен „Пуч“. Во меѓувреме, опозициската СДСМ и лидерот на таа партија Зоран Заев, четврто обвинет во процесот, на прес конференциии во период од два-три месеца, започна со објавување на нелегално прислушкувани разговори за кои тврдеше дека се дело на власта. Во овие разговори, 38 на број или нешто повеќе со оние објавувани во општините, можеше да се слушне како највисоки претставници на власта, висoки претставници во администрацијата, сопственици на медиуми и уредници во нив, и други фигури, зборуваат за еден куп настани, кои индицираат дека биле извршени тешки кривични дела, дека не бил почитуван законот, дека правдата била селективна и кои конечно сведошат за целосна поклопеност на државата од страна на една партија што била, и е, 10 години на власт.

Значи, за една атмосфера на целосно автократско владеење со државата во која не само што не биле почитувани демократски правила на игра при избори, не само што се местеле тендери и се дооделувале земјишни парцели надвор од законот, туку дури и се „менаџирале“ тепачки и убиства.

По ова следеа протести, но и контрапротести, политчката криза се заоструваше, а на крај навистина дојде до опасна состојба на поделба и можност од граѓански инциденти (но никогаш меѓуетничкки!), така што на крај интервенираше и меѓународната заедница и се седна во еден преговарачки процес да се бара излез од кризата. Тоа резултираше со Договорот познат како Пржино, кој е правна рамка на она што претходно го констатираше комисијата на Рајнхард Прибе во познатиот Извештај на Прибе, кој потоа влезе и во оценките на Европската унија и на американскиот Стејт Департмент.

Оттаму, да се тврди дека СДСМ ја предизвикал кризата е крајно извртување на вистината, бидејќи целата домашна и меѓународна јавност можеше да слушне и да оцени како се раководело со земјата. Снимките инаку, под број еден, се направени во Управата за безбедност и контраразузнавање и под броој два се автентични, а не се креирани, лепени, сечени, итн….Ова е докажано од самата власт во процесот „Пуч“, во судската пресуда против еден од осомничените, кој постигна договор со државата да ја признае вината, но и во форензичка лабораторија во Германија по барање на редакцијата на ТВ „Ал Џезира – Балкан“. Сосема е друго е прашањето како тие се нашле во рацете на опозицијата и кој издал наредба за толку масовно прислушкување со кое биле опфатени околу 20.000 лица.

Така што, фактите повеќе одат во прилог на заклучокот дека генератор на кризата е самата ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ, во оваа улога бил нешто налик на „свиркач“ или укажувач.

Што се однесува до вториот дел од спинот поврзан со политичката криза, тој се базира врз еден друг спин, а тоа дека лидерот на опозицијата Зоран Заев ветил двојазичност на територијата на целата држава (околу 38 минута се разјаснува спинот од ВМРО ДПМНЕ) „ и дека тоа им биле „вистинските намери и ветување што го дале некому“.

Настрана што фактите зборуваат за една голема и по 2008 година многу цврста коалиција меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, која во јавноста се нарекува тендерска, настрана и од многу други замени на тези во јавниот дискурс наметнати и од ВМРО ДПМНЕ и од ДУИ, за тоа дека постоеле нерешени прашања од Охридскиот договор и дека „Кале не го даваме“, додека од снимките се слуша оти во исто време под маса се правеле други дилови, настрана за сите сомневања за вистинскиот инспиратор за Кумановските настани – тезата дека СДСМ ќе ја редефинира државата нема поткрепа во реалноста. Ниту Зоран Заев изјавил такво нешто децидно, ниту СДСМ тоа го има претставено како програма или ветување, ниту, пак, Груевски или ВМРО-ДПМНЕ располагаат со цврсти докази во таа смисла, или барем доосега јавно не ги претставиле.

Оттука и ова тврдење го оценуваме како спин, еден од многуте што беа искажани од Никола Груевски на 16.10.2016 во Скопје, во спортската сала „Борис Трајковски“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција