Контрaспин: За новите мерки за справување со Ковид-19 спинува и власта и опозицијата

Фото: „Вистиномер“

Ниту предложените измени на Законот за заштита на населението од заразни болести се безначајни и несуштински, ниту, пак, примената на веќе разгледаните и поддржани мерки од Владата зависи само од усвојувањето на измените. Оттука, спинови во тој поглед се детектираат и кај опозицијата, но и кај власта

 

Ниту предложените измени на Законот за заштита на населението од заразни болести се безначајни и несуштински, ниту, пак, примената на веќе разгледаните и поддржани мерки од Владата зависи само од усвојувањето на измените. Оттука, спинови во тој поглед се детектираат и кај опозицијата, но и кај власта

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Опозицијата и власта деновиве се препукуваат околу мерките за справување со корона вирусот, при што може да се детектираат спинови на двете страни. Најпрво со спинот на опозицијата.

Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, спинувано тврди дека власта не предложила суштински мерки во својот предлог до Собранието на РСМ.

Спин: …Во тие предлог-измени може да се види дека освен предлози за дополнување на надлежности на инспекторатите… и освен мерки што одредуваат колкави ќе бидат глобите за физички и правни лица, нема други мерки кои што се однесуваат директно на непосреден начин на справувањето и борбата со пандемијата… така и нашата пратеничка група побара да го разгледа овој закон во кој беа најавувани мерки за справување со пандемијата, но гледаме мерки нема.

[Извор: Анализа ТВ 24 – А. Милошоски (од 2.05 мин) – датум: 22.10.2020]

 

Контраспин: Опозциската ВМРО-ДПМНЕ најпрви побара еден ден за да го види предлогот за измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, па потоа излезе со оценка дека немало суштински мерки во тој закон и дека за успешно справување со корона кризата требало да биде формирано ново тело, државна Комисија за заразни болести изгласана од Собранието. Притоа, повеќе претставници од ВМРО-ДПМНЕ, самата партија во соопштенија, а и пратеникот Антонио Милошоски ги оценуваат предлозите за измена како несуштински, што е извртување на вистината, т.е. спин.

Предлогот доставен до Собранието има неколку точки, но уште самата прва точка е суштинска мерка за справување со корона кризата. Имено, Владата предлага измени во Законот, каде што се вели дека освен задолжително лекување во јавните зравствени установи, сега тоа ќе биде овозможено и во приватните кои што имаат дозоволи за интензивна нега и терапија. Ова е исклучително важна мерка со која што ќе се регулира правниот дел околу зголемувањето на капацитетите во смисла на болнички кревети за смествање на пациентите, во услови кога јавноста е сведок оти капацитетите на јавното здравство се веќе исполнети и пред исполнување.

Воедно, спин е ако се каже дека нема ништо суштинско, при што се пренебрегнува значењето на новите одредби за вметнување нови инспекторати со зголемена надлежност за надзор и контрола на мерките за справување со корона вирусот. Во законски измени се прави токму тоа, наместо наделжности да има само санитарно-здравствениот инспекторат, сега се вклучуваат и Државниот пазарен инспекторат, трудовиот инспекторат, инспекторатот за транспорт, како и инспекциските служби во скопските општини и на Град Скопје.

Ова е суштинска мерка и опозицијата спинува кога вели дека немало суштински измени во законот.

 

СПИНУВА И ВЛАСТА

Од друга страна, спинува и владејачката партија, кога вели дека сите мерки и препораки од 9-тата и 11-тата седница на Владата зависат од усвојувањето на овие измени. Да потсетиме, на 9-тата седница беа прифатени зголемните надлежности на инспекторатите, а на 11-тата се расправаше за мерките за носење заштитни маски на отворено, забрането групирање на јавни места по 22 часот, за ограничување на собирања во домовите при правење слави, за јавниот траспорт и работењето на угостителските објекти.

Спин: Владата предводена од СДСМ ги усвои и мерките со кои се предвидува носење маски на отворено, ограничување на групирање по 22 часот, како и ограничување на семејните собири. Овие мерки се проследени до Собранието, кое треба да ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.

[Извор: СДСМ – соопштение, датум: 22.10.2020]

 

Контраспин: Како што може да се види од предлогот што е испратен до Собранието, овие мерки од 11-тата седница на Владата ги нема. Од изјавата на пратеникот Мухамед Зекири на Анализа на ТВ 24, може да се разбере дека, всушност, во текот на самата расправа владеачкото мнозинство преку амандмани сака да ги вгради овие мерки во Законот. Тоа е во ред, но тогаш нема потреба да се извртува вистината и да се вели дека мерките се веќе во предлогот за измени и дека нивната примена зависи исклучиво од новото законско решение.

Да потсетиме, Владата има доволно надлежности и според досегашните законски решенија да примени дел од овие мерки. На пример, проширувањето на мерката за носење заштитни маски, прв пат донесена во април во услови на техничка влада, може да се направи и без измени на овој закон, зашто таа мерка не важи само во услови на вонредна состојба, туку до крајот на пандемијата (види стр. 5, член 8). Впрочем, врз тој основ Министерството за внатрешни работи излрекува стотици прекршоци секојдневно и сега. Исто така, актуелниот Закон јасно вели дека Владата има право да носи и „други мерки“ пропишани во него (член 58, став 6).

И во однос на групирањето, Владата веќе можеше да ја примени мерката за забрана за собирање по 22 часот врз основа на постоечкиот член 58, став 4 од Законот. Оттука, непотребно е да се извртува вистината и да се вели дека за примена на новите мерки по препорака на Комисијата за заразни болести, потребно е да се усвојат измените на Законот, бидејќи тоа важи само за ограничување на собирањето во домовите.

Поради погоре наведените аргументи може да се оцени дека има извртување на вистината т.е. спинување околу мерките за справување со корона вирусот и од страна на опозицијата и од страна на власта.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција