Лажна е веста дека Унгарија ќе ја затвори границата со Србија

Српскиот портал Директно.рс, на 24.06.2020 попладнето објави информација дека Унгарија вечерта на полноќ ќе ја затвори границата со Србија. Веста не беше проверена, ниту потврдена официјално, а вечерта беше експресно демантирана од страна на унгарскиот амбасадор во Белград.

Како што објави Директно.рс од свои неименувани извори, Унгарија одлучила да ја затвори границата со Србија дента кога Хрватска ги заострила мерките, а граѓаните ќе мора да одат во самоизолација 14 дена по пристигнувањето во Унгарија.

Потсетуваме, Унгарија на 25 мај ги отвори границите за српските државјани кои во оваа земја можеа да влезат без тест за ковид-19 и карантин од 14 дена, посочувајќи дека Србија е првата земја надвор од Европската Унија на која и ги отвориле границите. Причината за отворање на границите беше „успешната“ борба со епидемијата од коронавирусот. Меѓутоа, како што бројот на заразени во Србија драстично се зголеми, изгледа дека Унгарија ни го заврте грбот, напиша Директно.рс.

Веста, истиот ден, неколку часа подоцна, ја демантираше унгарскиот амбасадор во Србија, Атила Пинтер, кој повика медиумите да се информираат од автентични, а не од лажни извори.

Во српските медиуми се појави вест дека Унгарија планира вечерва да ги затвори своите граници. Меѓутоа, информираме дека Владата на Унгарија во моментов не планира да ги преземе овие мерки, навел во изјавата за јавност амбасадорот Атила Пинтер, пренесе српски Блиц.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција