Лажна Фејсбук-страница за непостоечки „Мекдоналдс“ во С. Македонија

Фото: Принтскрин ФБ пост

Светски познатиот синџир за брза храна „Мекдоналдс“ (англиски: McDonalds) делуваше на нашиот пазар од 6.9.1997 г. до 14.5.2013 г., по што го напушти и никогаш повеќе не се врати. Но сепак, на Фејсбук неодамна се појави страница со назив „Македонија • McDonalds“, која им ги нуди неговите производи на нашите потрошувачи за нарачување преку интернет и тоа по неверојатно ниски цени. Но, тоа е само уште една од многуте измами кои злоупотребуваат имиња на познати странски и домашни фирми, можеби со цел да се украдат броеви на платежни картички од наивните купувачи, нивните лични податоци или сл.

Светски познатиот синџир за брза храна „Мекдоналдс“ (англиски: McDonalds) делуваше на нашиот пазар од 6.9.1997 г. до 14.5.2013 г., по што го напушти и никогаш повеќе не се врати. Но сепак, на Фејсбук неодамна се појави страница со назив „Македонија • McDonalds“, која им ги нуди неговите производи на нашите потрошувачи за нарачување преку интернет и тоа по неверојатно ниски цени. Но, тоа е само уште една од многуте измами кои злоупотребуваат имиња на познати странски и домашни фирми, можеби со цел да се украдат броеви на платежни картички од наивните купувачи, нивните лични податоци или сл.

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук, на страница со назив „Македонија • McDonalds“, рекламира производи на тој светски познат синџир за брза храна, иако тој веќе одамна не е присутен на нашиот пазар. Во рекламата дури се нуди можност за нивно нарачување преку интернет со следниве зборови:

🇲🇰 Не ја пропуштајте оваа единствена можност! 🍔
🤩 Само до крајот на месецот во ресторанот Мекдоналдс имате можност да купите популарни комплети по најниска цена и да добиете чаша Кока-Кола на подарок🥤🍟🍦
🛍Изберете го комплетот што ви се допаѓа и нарачајте на промо веб-страницата на Мекдоналдс користејќи ја врската 👇

Авторот на објавата можеби користел компјутерско преведување, па наместо потребниот збор „линк“ го добил зборот „врска“, а тука е јасно дека корисникот треба да кликне на одреден линк, кој ќе го одведе до веб-страница, на која ќе ја изврши нарачката.

Линкот во овој случај е во форма на копче со натпис на англиски „Learn More“ („Дознај повеќе“), кое е вградено во објавата, што само по себе не е ништо лошо. Таквите копчиња се вообичаен елемент на Фејсбук, па доколку се работи за легитимна Фејсбук-страница, нема ништо страшно во тоа тие да се кликнат за да се посети некоја екстерна содржина, но во овој случај тоа води кон некоја сомнителна веб-адреса, која никако не препорачуваме да ја посетувате: https://mc-donalds.fooddygame.club/

Оваа веб-адреса нема никаква врска со компанијата „Мекдоналдс“, но некој може да помисли дека тоа е веб-адреса на некој агрегатор на ресторани, кој се вика fooddygame.club, а во кој „Мекдоналдс“ е еден од повеќето понудени ресторани. Но на таа адреса моментално нема никакви содржини, па можеби тие биле избришани токму затоа што биле сомнителни или можеби изградбата на тој сајт допрва следи.

Алатката за проверка на сомнителни сајтови Web Paranoid ја смета таа адреса за доста сомнителна и препорачува нејзино избегнување, а смислата на оваа измама е најверојатно купувачот да ја плати нарачката со својата платежна картичка, по што нејзиниот број ќе биде злоупотребен од страна на измамниците, но можни се и други сценарија: злоупотреба на лични податоци, заразување со компјутерски вируси или сл.

За своите цели, истите измамници го злоупотребиле и името на „Херфи“, познат синџир за брза храна во Саудиска Арабија и други блискоисточни земји, што може да се види на следнава Фејсбук-страница. И таму линковите за нарачка водат кон сомнителниот веб-сајт fooddygame.club.

Но да се навратиме на Фејсбук-страницата наменета за нашиот пазар, онаа која тврди дека ѝ припаѓа на компанијата „Мекдоналдс“. Страницата има многу малку објави, следбеници и допаѓања, што е чудно за една светски позната компанија. На страницата е наведен фиксен телефонски број за контакт со кумановскиот префикс „31“, но како локација на фирмата е наведена Општина Сарај, кај која телефонските броеви се со скопскиот префикс „2“. Имејл адресата за контакт, која е наведена на страницата, е отворена на бесплатната платформа Live.com, порано позната како Hotmail.com, што не доликува за една сериозна и позната фирма, која сигурно би регистрирала професионална имејл адреса со својот назив. Накусо, сево ова е крајно неспретно и неубедливо направено, како да е повеќе шега или детска игра отколку измама, но читателите сепак треба да останат претпазливи.

Инаку, првиот ресторан на „Мекдоналдс“ кај нас бил свечено отворен во центарот на Скопје на 6.9.1997 г., во присуство на тогашниот македонски претседател, Киро Глигоров, а подоцна биле отворени ресторани и на шест други локации. Носител на франшизата, односно на лиценцата за „Мекдоналдс“ за нашиот пазар била „СЈ компани“ на Светозар Јаневски, познат и како директор на „Скопската пиварница“, но од некои причини, соработката меѓу него и „Мекдоналдс“ се прекинала, лиценцата била повлечена, па од 14.5.2013 г. тие ресторани кај нас повеќе ги нема. Кога во 2021 г. се подготвуваше отворањето на скопскиот Ист гејт мол, имаше претпоставки дека „Мекдоналдс“ ќе се врати во земјава и дека токму таму ќе отвори свој ресторан, но тоа не се случи.

Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата која ја рецензиравме ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција