Лажна наградна игра го злоупотребува името на Кипер маркетите

Фото: скриншот од дел од лажната објава

Станува збор за невистинита објава во која се злоупотребува брендот, логото и името на Кипер маркетите, на начин што се дезинформира во нивно име, дека се „организатори на наградна игра“ иако тоа не е случај.

Станува збор за невистинита објава во која се злоупотребува брендот, логото и името на Кипер маркетите, на начин што се дезинформира во нивно име, дека се „организатори на наградна игра“ иако тоа не е случај

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Здраво на сите, да го прославиме роденденот на @Kipper Market. Сите што ќе напишат „Среќен роденден“ на нашата страница пред 31 јули 2024 година ќе добијат ексклузивни награди во форма на специјални кеси за подароци, телефони, готовина и ваучери за купување. Со среќа.

Во склоп на објавата се споделуваат фотографии со логото на ланецот маркети Кипер, како и фотографии од пакетчиња. Дека на лажната наградна игра ѝ поверувале голем број на корисници на социјалната мрежа Фејсбук покажува фактот што до пишувањето на оваа рецензија, објавата е споделена над 3.800 пати, има 3 илјади допаѓања и 13.500 коментари.

Меѓутоа, станува збор за невистинита објава во која се злоупотребува брендот, логото и името на Кипер маркетите, на начин што се дезинформира во нивно име, дека се „организатори на наградна игра“, иако тоа не е случај. Имено, страницата на Фејсбук од која се споделува лажната наградна игра, има само неколку објави, и тоа сите се некакви наводни промоции за наградна игра. Самата страница од која се споделува лажната наградна игра е релативно нова, таа нема објавено податоци околу адресата и телефонот на маркетите.

Кога ќе се погледне оригиналната Фејсбук страница на Кипер маркетите, ќе се види дека таа има над 190 илјади допаѓања и долга историја на комуникација со клиентите на начин што тие редовно се информираат за различни промоции, производи, а наведени се податоците на различните маркети односно нивните адреси, телефонски број за контакт итн. Поточно, реалната и вистинската страница на Фејсбук на Кипер маркетите може да се препознае преку бројни обележја, меѓу кои и тоа што е автентична, со голем број податоци и долга историја на постоење и комуницирање. Постојано таму се споделуваат летоците на маркетите со сите понуди.

На лажната страница пак, нема богата комуникација, туку се гледа дека таа е направена пред кратко време, со мал број објави и ѝ недостига диверзитет.

Исто така, објавата што ја рецензираме дава една едноставна команда за корисниците, да напишат „среќен роденден“ меѓутоа со тоа нема да добијат награда, туку само ќе ја зголемат видливоста на лажната објава што е и целта, зашто на таков начин поголем број на граѓани ќе ја следат Фејсбук страницата. Често се случува измамниците кога ќе ја постигнат оваа цел, да соберат голем број следбеници на одредена Фејсбук страница, да го променат името на страницата и да ја користат за сосема други цели. Целта на лажната наградна игра е евидентна и од коментарите што некој ги остава претставувајќи се лажно, во име на ланецот маркети под објавата, а во кои им се даваат инструкции на граѓаните да ја лајкнат страницата и да ја споделуваат за да добијат награда.

Граѓаните треба да проверуваат од какви Фејсбук страници доаѓаат ваквите и слични објави кои се зачестени во последно време и да им веруваат само на страниците кои се официјални на брендовите кои ги презентираат.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција