Левица не ги прескокна претседателските избори во 2019 година

Фото: Принтскрин - Јутјуб

 

Неодамнешната изјава на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека партијата ги прескокнала претседателските избори, наиде на жестоки реакции на социјалните мрежи. Реакциите беа во насока на тоа дека Апасиев не ја говорел вистината.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во своето гостување во емисијата Само вистина на Канал 5 на 02.03.2020 г., зборувајќи за предизборните активности на партијата, изјави дека изборите кои ќе се одржат на 12 април, се трети избори на кои ќе учествува Левица. Притоа, тој искажа една невистина – дека ги скокнале  претседателските избори во 2019 година.

Левица се пререгистрира, на секои четири години треба да се пререгистрираме, и сега добивме судско решение со кое е успешна оререгистрацијата, сега сме во период на предизборна кампања, иако се уште не е почната, но големите партии веќе ја почнаа многу одамна. Сега сме во еден период на составување на листи, правење програма. Ова ни се трети избори во кои што учествуваме, покрај парламентарните 2016 и локалните 2017, претседателските ги прерипавме и одиме сега на овие избори, така што ќе видиме што ќе донесат.

[Извор: Јутјуб – Само вистина, Канал 5 (04:20-05:00) – датум: 14.02.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека ги „прерипале претседателските избори“, не е вистинита, бидејќи партијата на претседателските избори во 2019 година, во вториот изборен круг, ја поддржа кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Сиљановска Давкова.

На 30 април, 2019 година, Апасиев, во својство на член на Президиумот на Левица, се сретна со Сиљановска Давкова, која, како што пренесе 1ТВ, изјави дека ја очекува поддршката од Левица, бидејќи биле на иста политичка линија.

Апасиев ја потврди констатацијата на Сиљановска дека се на иста политичка линија уште од поодамна, од времето на Професорскиот пленум во кој членувале и двајцата, а исто така, биле и во кампања против Преспанскиот договор.

Ние не можеме бланко да дадеме поддршка, ние имаме органи во партијата и се надевам дека до предизборниот молк ќе го имаме нашиот дефинитивен став, изјави Апасиев по средбата со Сиљановска Давкова.

Неколку дена подоцна, односно на 03.05.2019 година, Левица, преку својата официјална страна, соопшти дека партијата одлучила да ѝ даде поддршка на Сиљановска.

Президиумот на Левица, на синоќешната вонредна седница (2 мај 2019), одлучи да ја поддржи професорката Гордана Силјановска Давкова како кандидат за претседател на Република Македонија. Силјановска ја сметаме за атипичен претседателски кандидат. И покрај нашите несогласувања по одредени прашања, знаеме дека таа е изградена личност со неспорен кредибилитет, која што ефикасно ќе се спротивстави на политиката на коалиционата двојка СДСМ-ДУИ, личност која ќе се води по принципите на правото, правдата и етиката и нема да дозволи компромитација на својот интегритет. Во очи на вториот решавачки круг од Претседателските избори, разбираме дека е тешко да се партиципира во политичките збиднувања инструментализирани од власта, но токму сега мораме да ги смириме страстите и да размислуваме со ладна глава. Колку и да се чини оправдан гневот против корумпирани елити, сепак на овие избори – каде бираме личност, а не партија – бојкотирањето ќе биде само во корист на властодршците и ќе овозможи актуелниот собраниски спикер да биде ВД претседател, се вели меѓу другото во соопштението на Левица.

Точно е дека Левица немаше свој кандидат за претседателските избори, но партијата го поддржа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа се вклучи во изборната трка. Имајќи го предвид ова, изјавата на Апасиев дека „Левица ги прерипала претседателските избори“, ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција