Маја Парнаџиева-Змејкова: Смртта на Тамара не е поврзана со нејзината неопходна операција?

Поранешната директорка на Фондот за здравство на МР, Маја Парнаџиева-Змејкова. Фото: МИО
Поранешната директорка на Фондот за здравство на МР, Маја Парнаџиева-Змејкова. Фото: МИО
Поранешната директорка на Фондот за здравство на РМ, Маја Парнаџиева-Змејкова (во средина). Фото: МИО

 

Доскорешната директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Маја Парнаџиева-Змејкова, на 24 февруари 2015 година, соопштувајќи ја одлуката да поднесе оставка на функцијата (како што самата рече поради лични, човечки причини), меѓу другото изјави:

Револтот и гневот на пошироката јавност мене ми е сосема разбирлив. Лично се соживувам со него како човек и мајка. Обдукцијата, која веќе е објавена во медиумите ја потврди причината за смртта, се работи за причина која не е поврзана со операцијата која Тамара требаше да ја има, а за која се обезбедија на крај средства. Дополнително интерна комисија во Фондот провери и констатира дека сите процедури во лекарските комисии и стручните служби во Фондот се испочитувани.

[Датум: 24.02.2015, Извор: МИА]

 

Образложение:

Горенаведената изјава на Парнаџиева-Змејкова се повикува на обдукцискиот наод на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, која боледуваше од вродена мана на ’рбетниот столб и почина на 9 февруари, чекајќи го решението од здравствените власти за операција во странство. Меѓутоа, оваа  нејзина изјава е прилично дикутабилна.

Во соопштението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат од 24.02.2015 година,  се вели:

Во извештајот од обдукцијата утврдено е дека причината за смртта не е сколиоза, туку бронхопневмонија, односно акутно воспаление на респираторните органи, а утврдено е и присуство на емфизем во белите дробови….Првичните проверки и извршениот увид во електронскиот здравствен систем покажуваат дека девојчето не било третирано, односно воопшто не посетило лекар, ниту примало одредени лекарства за бронхопневмонијата

Но, се поставува дилемата: дали воспалението на белите дробови може да биде последица на сколиозата од која боледуваше Тамара?

Во „Упатството за практикување на медицина заснована на докази при сколиоза и кифоза“, во делот  „Основни правила“ е наведено:

• Тешки форми на болеста кои се развиваат во раното детство и се предизвикани од аномалии на пршлените и структурни промени на тораксот, треба да бидат откриени. Ако не се лекуваат, може да предизвикаат значителна редукција на волуменот на белите дробови (1), функционално нарушување на `рбетниот мозок и развој на лоша позиција на `рбетот.

• Терапијата со рано ординирање на корсет може да го спречи влошувањето на идиопатската адолесцентна сколиоза кај девојчиња и на тој начин може да се избегне хируршкиот третман.

• Индикации за хируршки третман вклучуваат корекција на лоша позиција на `рбетот и обезбедување на респираторната функција, како и ублажување на болката во грбот и естетскиот изглед на грбот.

Од овој документ објавен на сајтот на Министерството за здравство е видливо дека  екстремната искривеност на ’рбетот – како што беше случајот со девојчето, може да предизвика компликации (притисок) на белите дробови (намалување на капацитетот и волуменот).

Од друга страна, се наметнува и прашањето зошто се дозволило болеста да прогресира?

Парнаџиева во изјавата посочува дека во случајот со Тамара биле испочитувани сите процедури во лекарските комисии и стручните служби во Фондот “. Сепак, дали институциите некаде потфрлиле во процесот на лекувањето и како се случило девојчето предолго да чека одобрение за да замине на операција во странсто?

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, во повеќе наврати изјави дека тие три години се обидувале преку институциите да  ѝ обезбедат операција на Тамара. А, тоа го повтори и на протестот пред Министерството за здравство (24.02.2015):

Три години од врата на врата молев и сега испадна јас не сум ја негувала Тамара како што треба. Вие мислевте дека лажеме, да ме примеше пред три години Тамара ќе беше жива. Да не излезеше со твојата скандалозна изјава дека Министерството за здравство ќе ја испрати на лекување и ќе ги покрие трошоците, ќе ѝ помогнеа досега добри и хумани луѓе.

Димовска остро реагираше на обвинувањата дека девојчето „не посетило лекар“:

Секогаш кога имаше потреба јас ја носев Тамара на лекар. Како можат тоа да го кажуваат па јас сум мајка и секако дека се грижев за неа… Зошто последните месеци не сум ја носела на преглед кај матичен лекар? Па немаше потреба од матичен лекар туку од специјалисти.

Таа не ги признава ниту резултатите од обдукцијата на Тамара, се сомнева дека починала од бронхопневмонија. Димовска  поднела барање (25.02.2015) да го добие обдукцискиот наод и најави дека сака примероците да ги испрати на повторна анализа.

Ортопедскиот хирург Тодор Ношпал не се сомнева во резулатите од обдукцијата, но, вели, дека апсолутен апсурд  се обидите да се обвини семејството на Тамара за нејзината смрт. Со ваквото вперување на прстот во родителите, за да се одбрани министертсвото, обдукцијата политички се злоупотребува.

Тамара е почината од брохнопневмонија, од компликациите од една тешка бронхопневмонија, но кај такви пацинети обичната бронхопневмонијата не е како и кај обичен пацинет, мора да се внимава. Излегоа некои луѓе со некои изјави дека виновсни се родителите, меѓутоа јас ништо не можам да кажам по однос на тоа, бидејќи родителите не се медицински лица. Тамара беше доволно инволвирана во здравствениот систем, така што тука требаше да се реагира на некој друг начин.

Повлекувањето на Парнаџиева – Змејковска од челната позиција во ФЗОМ,  се случи  две недели по смртта на деветгодишното девојче кое ја изгуби битката во лавиринтот од бирократски процедури. Оваа тргаедија и голготата низ која мина семејството ја кренаа на нозе македонската јавност, која побара оставки од министерот за здравство, директорите на ФЗОМ  и од првите луѓе на лекарските комисии.

 

Линкови:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција