Македонија мора да му се извини на Ел-Масри до март 2018

Мониторинг на судството од страна на НВО-ата.Фото: Вистиномер

 

На Република Македонија и се заканува прва Резолуција со осуда од Совет на Европа доколку до март годинава не му се извни на германскиот државјанин со либанско потекло, Калид ел-Масри.

Ова беше кажано на денешната прес-конференција на вториот мониторинг-извештај за реформите во судството што го одржаа претставници на три невладини организации кој што го спроведуваат проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“.

Ангела Шумкоска од Здружение на млади правници појасни дека одлуката на Судот за човекови права во Стразбур, во случајот со Ел-Масри против Македонија, е донесена уште 2012 година и дека се уште не е извршена.

Масри беше уапсен на граничниот премин Табановце под сомение дека е терорист на Ал каеда на 31 декември 2004 година. По 23 дена испрашување во еден скопски хотел, македонските безбедносни служби го предаваат Масри на ЦИА, чии агенти го носат во Авганистан. Таму бил мачен пет месеци, сè додека агентите на ЦИА не утврдиле дека станува збор за погрешен човек. Масри потоа бил пренесен во Албанија и таму ослободен.

Комитетот на министри на Советот на Европа разгледувајќи го извршувањето на судските пресуди од ЕСЧП за Македонија во декември 2017 година, констатирал дека до март 2018 година, државата е должна официјално да му се извини на Ел-Масри. На истиот состанок Комитетот на министрите издал налог за изготвување на нацрт-времена резолуција која би била усвоена од страна на министрите на Советот на Европа на состанокот во јуни, доколку Македонија не ги исполни обврските.

Шумкоска појасни дека во земјава генерално има проблем со јавната свест кај одговорните во надлежните институции за спроведување на одлуките на судот во Стразбур, но и генерално,по што настануваат клонирани случаи, односно исти или слични повреди на правата загарантирани со ЕКЧП.

Во набљудуваниот период од октомври до декември 2017 година биле донесени уште две пресуди на Европскиот суд за човекови права, а тоа се Православна Охридска Архиепископија против РМ и Китановски и други против РМ. Од страна на Комитетот на министри до кој биле дооставени два акциони планови од страна на РМ (ги изготвува Бирото за застапување на кои има поединечни и општи мерки што планира да ги преземе РМ по предметите) во момент на извештајот под засилен надзор се предметите на Ел Масри и на Хајрилаху против РМ.

 

ПРОБЛЕМОТ СО СУДЕЊЕ ВО РАЗУМЕН РОК ОСТАНУВА

Што се однесува до досијето за вкупната должина на судските предмети со фокус на „старите предмети“, мониторингот од Здружението покажал дека Основниот суд во Гостивар има зголемен број на нерешени предмети стари од 7 до 10 години за 79 повеќе споредено со претходното тромесечје, додека во Кривичниот и во Граѓанскиот суд во Скопје бројот на ваквите предмети е намален.

Во судот во Куманово е зголемен за 6 предмети, додека во судот во Битола има само еден ваков предмет.

Меѓутоа од мониторингот произлегува дека останува големиот број предмети кои не се решени во период помеѓу 3 и 7 години во сите судови што биле набљудувани.

 

ПРЕСУДИТЕ НЕ СЕ ОБЈАВУВААТ НАВРЕМЕНО

Мониторирајќи го објавувањето на судските одлуки, Институтот за европска политика (ЕПИ) констатирал дека негативниот тренд продолжува и по воведување на единствениот судски портал sud.mk.

Во набљудуваниот период од октомври до декември, најмногу пресуди објавил Управниот суд, потоа Граѓанскиот суд во Скопје, а Кривичниот суд објавил само 18 судски одлуки. ЕПИ укажува на на обврските од Деловникот на судот, а согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите, дека откако судски службеник ќе добие податок дека судската одлука е испратена до странките, во рок од два дена треба да биде објавена на судскиот портал.

Истовремено ЕПИ констатира дека порталот не е доработен, бидејќи со кликање на многу линкови се доаѓа до уште покомплицирана постапка за пребарување, со што не е исполнета стратешката насока за целосна функционалност на судската база.

СУДСКИОТ СОВЕТ СО НОВ НАЧИН НА ИЗБОР НА СУДИИ

Институтот за човекови права пак, констатирал дека во набљудуваниот период има благ тренд на подобрување од аспект на транспарентноста во Судскиот совет, Советот за утврдување на факти, кој во меѓувреме е укинат, и Советот на јавни обвинители.

Покрај ова кај Судскиот совет за прв пат е констатирана и промена на начинот на избор на претседатели на судови и на судии во повисоки судови при што повеќе внимание се обраќа на квалитативното оценување. Конкретно, напуштена е праксата да се избира кандидатот кој има само најмногу добиено бодови, туку се применуваат за прв пат и одредбите од член 41 од Законот за судски совет кој е во законот од 2006 година, но досега не се применувале и не се врзани со бодови.

Констатирано е меѓутоа, дека не е извршен избор на нови членови на Судскиот совет од редот на истакнати правници, ниту од редот на судиите.

Во однос на Советот за јавни обивнители е констатирана зголемена транспарентност, иако седниците на Советот според законот не се отворени за јавност и иако нивната веб страница ретко се апдејтува, а за што причина било што немале информатички техничар.

Институтот за човекови права констатира дека во набљудуваниот период е донесена Стратегијата за реформир во правосудството од страна на Владата, а од страна на Министерството за правда е извршена контрола и утврдени се неправилности во работењето со АКМИ-системот за електронско распоредување на судските предмети на судиите. (Вистиномер)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција