Македонија не се справува со говорот на омраза

Македонија не се справува со говорот на омраза. Фото: Вистиномер

Против говoрот на омраза треба да се борат и институциите и медиумите и целото општество, а најефикасна превенција и заштита од говорот на омраза, е јавно да се говори за говорот на омраза – оцени еден од учесниците на денешната дебата на МИМ

 

Пишува: Теофил Блажевски

Во Македонија постои говор на омраза кој потоа може да доведе и до насилство од омраза, а причините што е често застапуван, е неговата непрецизна уреденост во законите и речиси никаквата пракса за санкционирање во правосудството.

Ова беше еден од заклучоците на дебатата што денеска во Скопје ја организираше „Македонскиот институт за медиуми“, под наслов „Како до ефикасно справување со говорот на омраза“.

Анализата што ја претстави д-р Ненад Живановски, експерт за говор на омраза, упатува на заклучок дека говорот на омраза е инкриминиран во легислативата и тоа и во Кривичниот законик (КЗ) и во Законот за заштита од дискриминација и во Законот за аудиовизуелни медиуми и медиусмки услуги (ЗААВМУ), го има и во Кодексот на новинарите на Македонија, но дека сето тоа е недоволно, зашто или квалификациите не се директни, како што е тоа во КЗ или пак, не се предвидени санкции, како што е тоа во ЗААВМУ.

-Главната дилема што се наметнува од постојната законска регулатива е, дали тоа што во КЗ нема конкретна одредба што го инкриминира говорот на омраза, туку се применуваат членови што ја забрануваат дискриминацијата, расната омраза, националистичката нетрпеливост и слично, е проблем за судската практика ефикасно да ги санкционира промоторите на говорот на омраза, наведува Живановски.

Во анализата беше претставен и „Случајот Миленко Неделковски – парадигма на еден медиумски реалитет“, при што се наведува дека иако со години неговите ставови изнесени преку телевизија и интернет често имаат говор на омраза, ниту еднаш не бил процесуиран.

Слично искуство прикажа и Елена Брмбеска од Хелсиншкиот комитет за заштита на човековите права во Македонија. Според Брмбеска, иако Комитетот со години ги детектира, истражува и ги процесуира со кривични пријави случаите за говоро на омраза, од обвинителството нема никаква реакција, а најдалеку отишла нивната соработка со МВР, кога понекогаш знаеле да им излезат во пресрет за идентификација на некоја IP адреса или пак, им барале дополнителни информации.

Адвокатот Лазар Сандев, кој често работи со новинари во случаи на тужби за навреда и клевета, потенцираше дека не само што нема ниту еден судски случај за говор на омраза, туку нема ниту едно процесуирано обвинение, т.е. обвинителен акт од страна на некое обвинителство. Тој, како и други учесници во дебатата, се осврна и на потребата и да се разграничи разликата помеѓу говорот на омраза и слободата на изразување.

Словенија не стои многу подобро од Македонија во поглед на судската пракса – потенцираше Бранкица Петковиќ, директор на Мировниот институт од Љубљана. Таа појасни дека иако во Уставот е стриктно забранет говорот на омраза, во кривичното законодавство се направиле неколку измени во последните десетина години, така што тешко е да се процесуира кривично говор на омраза против некого.

Од 500 поднесени кривични пријави од полицијата, јавното обвинителство прифатило 190, судовите од тие 190 прифатиле 60 обвиненија, а на крајот резултирало само со 26 осудителни пресуди, за последните десетина години, изјави Поповиќ.

Според нејзе, целото општество, а не само обвинителството треба да се справува со говорот на омраза, тоа не треба да биде само кривична, туку и прекршочна пракса, како што е во Словенија.

– Против говoрот на омраза треба да се борат и медиумите, а најефикасна превенција и заштита од говорот на омраза, е јавно да се говори за говорот на омраза.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција