Мицкоски е неинформиран или не сака да признае дека името на Народната банка е сменето во 2019 година
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повеќепати за време на вонредната состојба реагираат дека се носат одлуки и уредби кои немаат врска со пандемијата. Една од реакциите кои ги имаше лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски се однесува на тоа дека Владата донела уредба со сила на закон со која определува дека на банкноти што ги печати Народната банка од 500 денари се додава придавката „северна“.
Има многу спорни уредби со сила на закон коишто се носат во оваа вонредна состојба, една од тие споредни уредби е и оваа (промена на името на Народна банка на банкнотите од 500 денари). Навистина не можам да разберам наместо да се занимаваме со она коешто ни е најважно и најзначајно, а тоа е справување со пандемијата и борбата за животите на нашите граѓани, ние се занимаваме со споредни работи коишто никој од нас впрочем не ги бара. Па дури и да го читаме оној договор којшто беше потпишан оваа работа не се бара од нас бидејќи тоа може да се направи во следните 5 години, ако се отвори седумнаесетото поглавје, а тоа е поглавјето за економија и монетарна политика. Така што апсолутно не можам да разберам наместо да се занимаваат и да носат уредби кои што се поврзани со пандемијата и што повеќе животи да бидат спасени и тие луѓе коишто се во првите борбени редови да ги мотивираме, ние носиме уредби коишто апсолутно немаат никакво значење. Некои работи едноставно ја поминуваат границата на рубиконот и не можам да ги разберам. Ќе дојде ново парламентарно мнозинство и ќе ги реотвори сите овие уредби и ќе разговараме тогаш, изјави Мицкоски како одговор на новинарско прашање.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – прес конференција на Христијан Мицкоски, одговор на новинарско прашање – датум: 06.04.2020 , видео – youtube 9,17 минута]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во тоа што го кажува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање по прес-конференцијата од 06.04 2020 година има повеќе невистини.
Прво, не е вистинит делот од изјавата на Мицкоски дека Владата донела Уредба со сила на закон во која се регулира прашањето на печатењето на денари од 10 и 500 апоени со вметнување на новото име на Народната банка, бидејќи таква Уредба Владата нема донесено. Владата и нема ваква надлежност, туку ова прашање е во надлежност на Советот на Народната банка. Доколку Владата донела ваква одлука или уредба би го прекршила членот 5 од Законот за Народна банка со кој се гарантира независноста на Централната банка.
Дополнително и покрај здравствената криза која беше причина за вонредна состојба во земјата и давањето можност на Владата да носи уредби со сила на закон и економски мерки кои се поврзани и со обезбедување пари од државната каса, владиниот економски тим нема предлог до Народната банка ниту некакво навестување за дополнително печатење на пари.
Второ, Советот на Народната банка, а не Владата, на 30 март донесе одлука ( Службени весник број 88 од 03 април 2020 година, страна 11) за измени на одлука на Банката од 28 февруари 2019 година, (Службен весник бр. 50/19 на 5 март страна 23) која се однесуваат на големината на банкнотите од апоени од 500 денари. Во оваа одлука (од 2019 година) е содржана и промената на името на банката во Народна банка на Република Северна Македонија во делот од банкнотата каде што е содржано името на банката. Името на Народната банка е променето со уставните амандмани од 11.01.2019 година по потпишувањето на Преспанскиот договор.
Народната банка во април 2019 година, соопшти дека банкнотите од 500 денари ќе го имаат новото име од почетокот на 2020, а банкноти од 10 денари со новото име ќе се појават од втората половина на 2020 година.
Промената на називот на институцијата ќе се врши при секоја поединечна редовна набавка на пари, во количини коишто се неопходни за замена на постојните изданија на книжни и ковани пари коишто се повлекуваат од оптек заради губење на нивните карактеристики за соодветност за оптек, како и заради обезбедување и одржување континуитет на воспоставениот стабилен процес на снабдување со готовина, соопштија тогаш од НБ.
Според тоа, тврдењето дека во услови на криза е донесена владина Уредба за промена на името на централната банка на книжните банкноти нема поткрепа и не е поврзано со одлуката на Советот на Народната банка од 30 март, бидејќи тоа е одлучено една година пред тоа – на 28 февруари 2019 година.
Трето, Мицкоски во својата изјава тврди дека наместо со здравствената криза Владата, односно Народната банка се занимаваат со споредни ( безначајни) работи( печатење пари со ново име) коишто никој од нас впрочем не ги бара. И ова не е точно. Имено, работа на Централната банка покрај другото е издавањето банкноти и монети што не е поврзано со здравствената криза .
При остварување на оваа задача, централната банка води сметка и за природниот животен век на парите. Постапката е отпочната на почетокот на 2019 година, врз основа на среднорочните анализи за количини коишто се потребни заради редовна замена на книжните и кованите пари од постојните изданија, коишто се повлекуваат заради губење на карактеристиките за соодветност за оптек, како и заради обезбедување и одржување континуитет на воспоставениот редовен процес на снабдување со готовина, велат од банката за донесените одлуки, велат во реакцијата од Народната банка на изјавата на Мицкоски.
Во оваа реакција на Народната банка е одговорот на тврдењето на Мицкоски дека „па дури и да го читаме оној договор (Преспанскиот договор н.з.) којшто беше потпишан оваа работа (промената на името на Народната банка н.з.) не се бара од нас бидејќи тоа може да се направи во следните 5 години, ако се отвори 17-то поглавје, а тоа е поглавјето за економија и монетарна политика“. А тоа е дека новото име на банката ќе се печати на книжните и кованите пари постепено.
Целиот процес треба да трае повеќе години, а евентуално негово забрзување може да се очекува со отворањето на соодветното поглавје од преговорите со Европската Унија како што е предвидено со Преспанскиот договор, соопшти НБ, во април 2019 година.
Притоа, лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, заборава или така сака да прикаже, дека централната банка на државата е институција запишана во Уставот и во името го содржи уставното име на државата, во случајот Република Северна Македонија, што значи со промена на името на државата во Уставот автоматски се менува и името на државата во името на Централната банка. Тоа е направено на 11 јанари 2019 година со донесувањето на амандманите на Уставот по потпишувањето на Преспанскиот договор.
На крајот Мицкоски порачува дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе покрене постапка за ревизија на споменатите уредби, што е прилично проблематично бидеќи се работи за одлуки на Советот на Народната банка. Фактички, тоа би значело дека ќе посегне по независноста на Народната банка и одлуките кои ги носат нејзините тела. За потсетување независноста на Народната банка е гарантирана со членот 60 од Уставот и членот 5 од Законот за Народна банка. Па со оглед на тоа и овој дел од изјавата на Мицковски претставува невистина.
ИЗВОРИ:
- ВМРО-ДПМНЕ – прес конференција на Христијан Мицкоски од 06.04.2020 година -Видео youtube 9,17 минута [Проверено на 16.04.2020]
- Службени весник број 88 од 03 април 2020 година [Проверено на 16.04.2020]
- Службен весник бр. 50/19 на 5 март (Проверено на 16.04.2020]
- Радио МОФ (11.01.2019) : Со 81 глас „за“ Собранието изгласа промена на Уставот [Проверено на 16.04.2020]
- Народна банка Годишен план за јавни набавки [Проверено на 16.04.2020]
- Народна банка, јавни набавки ЕСЈН [Проверено на 16.04.2020)
- Капитал ( 8 април 2019): Банкнотите од 10 и 500 денари од 2020 со новото име на државата [Проверено на 16.04.2020]
- Фокус (06/04/2020 ): Мицкоски: Зошто сега е донесена Уредба за додавање на „Северна“ на банкнотите?[Проверено на 16.04.2020]
- Сител ТВ (06.04.2020): ВМРО-ДПМНЕ најавува ревизија на користењето на новото име на банкнотата од 500 денари [Проверено на 16.04.2020]
- Народна банка – Закон за Народна банка [Проверено на 16.04.2020]
- Собрание : Устав на РМ [Проверено на 16.04.2020]
Оцени: Рада Исовска-Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар