Мицкоски недоследен во изјавите кога и зошто се вакцинирал

Х. Мицкоски. Фото: скриншот

Кога навистина се вакцинирал Христијан Мицкоски? Во почетокот на август или на 31 август 2021 г. поради мерките на Владата? И кои биле вистинските причини? Самиот тврди дека тоа го сторил и тогаш и сега скоро

 

Кога навистина се вакцинирал Христијан Мицкоски? Во почетокот на август или на 31 август 2021 г. поради мерките на Владата? И кои биле вистинските причини? Самиот тврди дека тоа го сторил и тогаш и сега скоро

 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа даде изјава за неговиот вакцинален статутс, која ја оценуваме како недоследна.

Тој, во емисијата, која се емитуваше на 1 септември, изјави дека ден претходно се вакцинирал против ковид-19 заедно со неговата сопруга во салата Борис Трајковски и дека тоа го направил затоа што бил принуден поради рестриктивните мерки воведени од Владата.

Искрено, вчера отидов да се вакцинирам, иако на 23 август правев тест и имам близу 1.198 антитела, ама, бидејќи сум лимитиран, не можам пристојно да се движам низ државата поради катастрофално глупавите мерки, бев принуден да се вакцинирам. Вчера се вакцинирав. Не го правам тоа со камери. Отидов со сопругата во спортскиот центар „Борис Трајковски“ вчера утрото и се вакциниравме. Вчера ја добив вакцината и за еден саат можев да седнам било каде. Дополнително никој не знае ни дали документот е навистина мој. (48:23 – 50:16 во видеото)

[Извор: Алфа ТВ-Заспиј ако можеш – датум: 01.09.2020]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на Мицкоски е недоследна, затоа што тој и пред месец дена информираше дека е вакциниран.

Мицкоски на својот Фејсбук профил на 8 август, напиша објава во која кажува дека е вакциниран. Во објавата, во која критикува изјава на министерот за здравство, Венко Филипче, лидерот на опозицијата вели дека е вакциниран и дека ги охрабрува граѓаните да се вакцинираат.

Мој став ⬇️

Лично сум, и ги охрабрувам граѓаните да се вакцинираат, но истовремено, бидејќи сум легалист го почитувам уставното право на секој граѓанин да избере дали ќе се вакцинира или нема да се вакцинира.

 

Дали и кога е навистина вакциниран Мицкоски?

Технички е можно тој на почетокот на август да бил вакциниран со прва доза, а сега со втора доза. Но, логиката вели дека тоа не е баш така. Доколку се вакцинирал само со прва доза кога го напишал статусот на 8 август, тогаш не требало да напише дека е вакциниран, затоа што за вакцинирани се сметаат оние кои ќе ги примат двете дози од вакцината. А, доколку навистина ја примил првата доза во август, тогаш нема да имал проблеми со „катастрофално глупавите мерки,“ како што ги нарекува Мицкоски мерките на Владата кои се однесуваат за оние кои се невакцинирани. Тие мерки не важат за оние кои што примиле една доза од вакцината.

На 99-тата седница, Владата, врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, го одлучи следново:

Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или

сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

Мицкоски во изјавата на Алфа вели дека тој на 23 август направил тест за антитела и дека имал близу 1.200 антитела, бидејќи тој корона вирусот го прележа пред половина година. Доколку тој правел тест за антитела на 23 август, како што тврди, тогаш тој не бил вакциниран ниту со прва доза затоа што нема логика некој да проверува број на антитела помеѓу две вакцини, бидејќи имунизацијата во тој период сè уште не е целосна. Исто така, нема логика сега да тврди дека се вакцинирал поради „катстрофално глупавите мерки“ на Владата, кои беа донесени на 16.08.2021, ако веќе се вакцинирал пред тоа.

Овие факти повеќе говорат во прилог на можноста дека лимитираноста, која што ја имал Мицкоски поради мерките на Владата, била затоа што тој сè до 31 август не бил вакциниран ниту со прва доза од вакцината против ковид-19, односно бил невакциниран.

Сето ова укажува дека Мицкоски е недоследен во изјавите. Најмногу дека се вакцинирал поради мерките на Владата кои му ограничувале движење.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Симона Атанасова

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција