Мицкоски со спин ги проблематизира сите предмети на СЈО!
Условувајќи ја поддршката за новиот закон за јавно обвинителство со проблематизирање и прераспределување на сите досегашни предмети и процеси водени од СЈО, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажуваат дека се залагаат за неказнивост и амнестија на криминалот
Условувајќи ја поддршката за новиот закон за јавно обвинителство со проблематизирање и прераспределување на сите досегашни предмети и процеси водени од СЈО, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажуваат дека се залагаат за неказнивост и амнестија на криминалот
Пишува: Теофил Блажевски
Христијан Мицкоски во интервју за „Сител“ го искажа следниот став кој го оценуваме како спин:
Спин: Сега доаѓаме до она што е прифатливо и што ќе биде дел од нашиот предлог: Сите предмети кои што се практично покренати на ниво на обвинение до 30 јуни 2017 г. – тоа е законскиот рок кога овластениот тужител СЈО ги покренало – државниот јавен обвинител да ги преземе, а не обвинителот кој што треба да го предводи новото обвинителство за органзиран криминал и висока корупција, туку државниот обивнител да ги преземе во фаза во која што се и согласно препораките на експертската јавност – еве гледате во случајот професорот Калајџиев – тие процеси да ги распредели на обвинителствата таму каде што припаѓаат…
[Извор: ТВ Сител – Интервју со Христијан Мицкоски (од 3.08 мин.), датум: 24.07.2019]
Контраспин: Христијан Мицкоски спинува кога ги образложува условите под кои било прифатливо и правно издржано за да дадат согласност како партија со својата пратеничка група за нов закон за Јавно обвинителство.
Спинот се состои во наводната правна оправданост што ја наведува и која би била прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ за да може постоечкото СЈО да се претопи во Обвинителството за организиран криминал.
И без мислењето на Врховниот суд, кое патем сè уште е без одговор од соодветната комисија во Собранието, недискутабилно е дека сè што е покренато до 30.06.2017 година и што е процесуирано пред судовите, каде што се водат постапки, е сосема чисто и тие постапки треба да продолжат. Кој ќе го води, тоа зависи од начинот на кој ќе се реши судбината на СЈО – најверојатно преку новиот закон што е веќе доставен до Собранието, многу помалку веројатно, според мислењето на дел од експертската јавност, преку прифаќање на оставката на Катица Јанева како специјален обвинител од страна на Советот на јавни обвинители и избор на нов, преку прoцес на договарање на политичките партии и инволвирањето на Советот и потоа потврда во Собранието.
Како и да е, да повториме, меѓу експертите нема дилема за предметите што се покренати на ниво на обвинение до 30.06.207 година од страна на овластеното за тоа СЈО.
Можно е да бидат проблематизирани предметите како „Талир“, предметот за незаконското финансирање на политчката партија ВМРО-ДПМНЕ и истрагите – сите оние готови 10 што ги спомена Катица Јанева во нејзината последна изјава.
Ова ни го потврди во разговор професорот Калајџиев, кој тврди дека негово споменување од страна на Мицкоски е погрешно, зашто тој никаде не дал изјава во која ги проблематизира предметите до 30.06.2019 година и дека нема никаква правна логика сега тие процеси да се прекинуваат, а предметите да се прераспределуваат кај месно надлежни обвинителства.
Впрочем, „Вистиномер“ овој став на експертите го објави уште пред повеќе од една недела, каде што, од нивна страна, беше оставена можноста за задоцнување на дел од постапките и евентуално застарување на некои од предметите, како последица на „Рекет“.
Всушност, можеби тоа е во заднината на овој спин на Мицкоски. Со ваквото извртување на вистината, поткрепено божем со правно-процесна оправданост, а се однесува на предметите до 30.06.2017 г., се покажува дека Мицкоски и партијата оваа состојба со „Рекет“ сакаат максимално да ја исползуваат во смисла на неприфатливост на целата работа на СЈО и сè да падне во вода.
Зашто, со прифаќање на предлогот на Мицкоски, несомнено би дошло до големи застои во предметите што сè уште се во тек во судовите и до застарување во дел од случаите, што не е ништо друго туку залагање за неказнивост и амнестија на политички фигури што се обвинети дека сториле сериозни кривични дела.
Поради погоре наведените аргументи, оценуваме дека тврдењето на Мицкоски за оние предмети до 30.06.2017 година, е спин.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар