Министерот поднесува оставка до премиерот, а Собранието ја констатира
Уставот, Деловникот на Собранието, како и професорите по право што ги консултиравме, недвосмислено говорат дека процедурата за поднесување оставка на член на влада е јасна – таа сепак се поднесува прво до премиерот а потоа се адресира до Собранието
Уставот, Деловникот на Собранието, како и професорите по право што ги консултиравме, недвосмислено говорат дека процедурата за поднесување оставка на член на влада е јасна – таа сепак се поднесува прво до премиерот а потоа се адресира до Собранието
Пишува: Мирослава Бурнс
Откако во пожарот во модуларната ковид болница во Тетово животот го загубија 12 граѓани, кои се лекувале во монтажната болница, како и двајца нивни придружници од семејствата (сопруга на пациент и ќерка на пациентка), оставки си дадоа директорот на болницата Флорин Бесими, економскиот директор Артан Етеми, заменик министерот за здравство Илир Хасани и министерот за здравство Венко Филипче.
Последната оставка, онаа која што министерот за здравство Венко Филипче ја понуди до премиерот Зоран Заев, опозицијата побара да биде доставена до Собранието зашто процедурата, според нив, го налагала тоа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски даде рок до вторник претпладне, оставките да се достават до Собранието за да може да се констатираат на седница истиот ден.
Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, ќе поднесе до Собранието Предлог Oдлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, рече тој.
„Вистиномер“ се обрати до правни експерти со прашањето каква е процедурата, односно постапката за поднесување на оставка на министер и заменик министер, до кого таа се доставува, дали до премиерот или до Собранието и дали може да се ,,прескокне” премиерот или мора да оди преку него. Исто така, прашавме кои услови треба да се исполнат за оставката да биде неотповиклива.
Професори по право се недвосмислени – оставката оди преку премиерот
Професор доктор Ана Павловска Данева од Правниот Факултет „Јустинијан Први“ за „Вистиномер“ вели дека член на владата има право да поднесе оставка, а претседателот на владата може да му предложи на Собранието разрешување на член на владата според членот 94 од Уставот.
За разлика од ова, кога станува збор за оставка на пратеник, Уставот користи друга експлицитна формулација: ,,Пратеникот оставка поднесува лично на седница од Собранието“, според членот 65 став 1, вели професорката Павловска Данева.
Таа објаснува дека ваква процедура Уставот не пропишува за министрите, бидејќи логично, тие поднесуваат оставка до премиерот, односно лицето кое ги предложило пред Собранието за министри, односно дека сега по обратен редослед ги предлага за разрешување.
Овие одредби се допрецизирани во Деловникот на Собранието. Оставка на член на Владата до претседателот на Собранието се поднесува преку Претседателот на Владата, член 219 став 3. Така што, правната процедура предвидува дека министер и заменик министер поднесуваат оставки до премиерот, а тој ја поведува постапката за нивно разрешување пред Собранието. Таква е и политичката пракса во Македонија, посочува Павловска Данева.
Таа вели дека нашето право не предвидува „нудење на оставка“, туку нејзино поднесување.
Тоа е морален чин, па оттука секоја оставка е неотповиклива, како што и моралот и интегритетот на политичарите не би смеело да бидат отповикливи. Крајната политичка одговорност секогаш е кај Премиерот, кој доколку не побара разрешување на членовите на својата Влада, тогаш и нивната објективна одговорност и евентуалното незадоволство на граѓаните ќе го преземе врз себе и политичката одговорност за работата на еден ресор ќе ја префрли врз целата Влада. Прилично се ризични таквите политички одлуки, смета Павловска Данева.
Професорот на Правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, за Слободен печат изјави дека оставката се поднесува до мандатарот кој ве предложил.
Нема што министерот да му поднесува оставка на спикерот Талат Џафери. Заев е мандатар, тој формирал влада, а Филипче е тим од владата. Ако ја прифати премиерот оставката, на негово место ќе предложи друг, за кој потоа ќе се изјасни Собранието. Собранието само гласа тоа што ќе му предложи мандатарот. ВМРО ДПМНЕ може да поднесе барање за разрешување на министерот, но мора убаво да ги образложат причините по кои Собранието ќе расправа и сето тоа пак ќе се сведе на итерпелација, рече професорот.
И претседателот на Собранието Талат Џафери, за Сител рече дека пратениците не можат да побараат разрешување на министер, туку тоа може да го стори само мандатарот односно премиерот.
Што се однесува на оставката на член на владата, оставката ја поднесува до мандатарот односно до премиерот зашто тој е мандатарот. Доколку тој ги прифаќа оставките, ги доставува до Собранието во понатамошна постапка. И го известува Собранието. И на првата наредна седница се констатира престанок на функцијата на дотичното лице, рече Џафери.
Уставот и Деловникот се недвосмислени во однос на процедурата
Членот 94 од Уставот пропишува дека член на Владата има право да поднесе оставка.
Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата. За предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница. Доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада, стои во членот 94 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во членот 219 од Деловникот на Собранието пак, стои дека Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка.
Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи. Оставката на член на Владата до претседателот на Собранието се поднесува преку претседателот на Владата. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката. Оставката на член на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците, стои во членот 219 од Деловникот.
Според горе цитираниот член од Деловникот, член на владата не би можел да поднесе оставка до Собранието, туку тоа би можел да го стори претседателот на владата, односно премиерот. Jасно е дека процедурата е добро утврдена и дека единствен пат за поднесување оставка на член на влада е до премиерот, кој потоа, ако ја прифаќа, го известува Собранието преку претседателот на Парламентот.
Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредкот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар